Добитник на наградата „Новите!“ за 2025 е Мила Митевска

10.10.2025 17:40
Добитник на наградата „Новите!“ за 2025 е Мила Митевска

Наградената книга се вика „Фиока“; составена е од 55 записи.

 За „Фиоката“ на Мила Митевска

„Во секоја нормална куќа има барем една интересна фиока за буричкање. Полна со предмети кои можеби никогаш никому нема да затребаат, ама не се баш за фрлање во ѓубре. Никогаш не се знае.“

Вака почнува збирката на Митевска, најавувајќи некаква лична рекапитулација, сведување на сметките, правење ред во минатото, средување на фиоката. Но, можеби токму поради тој интимен тон, разгранувајќи се, книгата добива покомплексна веродостојност. На крајот, би рекле, записите за момент излегуваат од постојните рамки на книжевноста, вградувајќи се во овдешната кревка култура на сеќавањето, оснажувајќи ја и поттикнувајќи ја.

Поднасловот на книгата е „записи со мирис на минатото“ (поттикнат од насловот на еден од записите: „Марамици со благ мирис на парфем“). Станува збор за 55 записи или цртички, кратки и интересни наративни форми во кои се преплетуваат мислите, мирисите, погледите, чувствата, времињата, просторите... Стилски се преплетуваат мемоарот (дневникот, сведоштвото, исповедта), анегдотите, семејните и пријателски приказни, краткиот расказ... Освен сентименталната, носталгична, (авто)рефлексивна димензија, записите понекогаш се ангажирани или активистички во културно‒политичка, историска или социолошка смисла...

Притоа Митевска не е претенциозна: нејзините ликови се рамноправни, сеедно дали се „главни“ или „споредни“, дали се дел од семејството или се пошироко познати (на пример, во записот „Кавал“ на впечатлив начин се појавува Блаже Конески). Истите емпатија, проникливост, грижа, хумор... ги проникнуваат десетиците ликови сместени во прозната „Фиока“ на Митевска. Вештината на портретирањето (или, подобро речено, скицирањето) е значајна доблест на оваа збирка.

„Фиока“ може да се нарече и збирка на житија, по урнекот на славната збирка на Блаже Конески. Житијата на Конески се нешто меѓу есеј, хроника и книжевна минијатура: кратки, сликовити, мудри, јазично едноставни и поврзани со усната раскажувачка традиција. Тоа не се житија за светци туку за обични луѓе: селани, мајстори, соседи, непознати патници, учители, роднини, занаетчии... Во тие приказни се прикажуваат живописни карактери и ситуации, ама претставено е и интересното заборавено секојдневие. Присутни се хуморот и иронијата, но и автоиронијата.

Мила Митевска на сличен начин пишува за „обичните луѓе“ од нејзиниот живот: Лидија Морковче, Лидија Билбиловска, Димитар Владички, Бојан Иванов, Мајка Пара и Мирче Ацев итн... Всушност, прилично е голем бројот на имиња и ликови што се појавуваат во оваа по обем мала книга. Можеби треба да се размисли во следните изданија на „Фиока“ да се помести и индекс на имињата; со тоа ликовите на овие „житија“ ќе станат малку повидливи.

Мемоаристиката (вклучувајќи ги тука и житијата, дневникот, семејната биографија...) не е многу присутна во современата македонска книжевност. Тоа беше дополнителна причина наградата „Новите!“ за 2025 да ѝ ја доделиме на Мила Митевска. Последниве години тој жанр сепак е поприсутен и повидлив кај нас; освен Димитрие Дурацовски, нашиот најпознат „лирски мемоарист“, на тој делумно дневнички начин пишуваат и етаблираната Кица Колбе или Енис Хилми, минатогодишната добитничка на наградата „Новите!“, кон која записите на Митевска на некој начин се надоврзуваат...

Записите од „Фиока“ можат да се наречат и хронотопи. Тој важен израз на Михаил Бахтин најкомплексно ги доловува поетиките & политиките на ваквиот тип книжевни дела. Книжевниот концепт хронотоп доаѓа од грчките зборови χρόνος (време) и τόπος (простор). Бахтин го воведува за да објасни како времето и просторот се неразделно поврзани во уметничките дела, особено во литературата. Хронотопот е единство на времето и просторот во книжевниот текст. Тие не се сфаќаат одвоено, туку се „органски“ споени: просторот има временска димензија, а времето се открива низ просторни односи. Хронотопот е структурен принцип на нарацијата и влијае на организацијата на приказната: каде се случува, колку трае, каква е врската меѓу движењето на ликовите, нивните искуства и просторно‒временските рамки. Хронотопот не е само кулиса или декор, туку го проникнува книжевното дело. Со помош на хронотопот литературата не ги прикажува само случувањата во некои „простор“ и „време“, туку ги формира категориите на искуството – како луѓето ги доживуваат временскиот след, местата, патувањата, иднината... Хронотопот може да се сфати и како спој меѓу наративната географија и историја, кој преку книжевноста ни го доближува и осмислува човечкото постоење. Бахтин смета дека хронотопот е истовремено уметнички и идеолошки: не само што дава форма на текстот, туку е и светоглед, карактеристичен за конкретна култура или епоха.

Важна димензија на „Фиока“ се посветите на мртвите, пред сè од семејството. Во нивна чест овој краток запис ќе го завршам со фрагмент од Мишел Турние од „Поуки на темнината“ (од книгата „Мали прози“):

„Да бидеш млад, значи дека уште никого не си изгубил. После, нашите мртви почнуваат да нè влечат по себе и секој од нив е само камен фрлен во нашето сеќавање, кој ни го подига водостојот. На крајот, едвај сме над водата, едвај малце над животот, на живите им го подаруваме она од нашите погледи и зборови што ќе ги убеди дека сме уште присутни на светов.“

Никола Гелевски, во име на жирито чии членови се и Стефан Алијевиќ и Елена Митреска
Слики: Коко Фронсак

 

ОкоБоли главаВицФото