ВИ психотерапија: достапна и опасна

12.10.2025 23:46
ВИ психотерапија: достапна и опасна

Младите луѓе и жителите на урбаните подрачја ширум светот сè почесто им се обраќаат на ВИ четботови (програми за разговор засновани врз вештачка интелигенција) наместо на професионални терапевти. Тоа особено е изразено во Кина и САД. На кинеските социјални мрежи корисниците ревносно ги објавуваат своите разговори со четботови во кои се обидувале да ги зауздаат анксиозноста, депресијата, да ги решат проблемите во врските итн.

На популарната платформа Xiaohongshu, пребарувањето на изразот „плачење по разговор со ВИ“ е поврзано со повеќе од еден милион објави. Дека помошта во областа на менталното здравје е една од водечките причини за користење на четботовите во светот, покажа и студијата што неодамна ја објави списанието Harvard Business Review.

Претходното истражување спроведено од кинеската социјална платформа Soul и Шангајскиот центар за ментално здравје покажа дека речиси половина од корисниците користеле ВИ-четбот за разговори поврзани со своето ментално здравје. Во Кина моментално постојат десет одобрени генеративни ВИ-системи преку кои може да се добијат и услуги поврзани со менталното здравје, а стартап-компании и големи технолошки корпорации брзаат да ја задоволат растечката побарувачка.

Психотерапијата во Кина сè уште е релативно ново подрачје, и покрај порастот на интересот за психолошко советување и поддршка последниве две децении, особено во урбаните средини. Речиси 80 проценти од општите болници во Кина немаат психијатриски оддели. Термини за терапија тешко се добиваат, скапи се и најчесто се плаќаат од сопствен џеб. Терапевтска сесија во град како Пекинг може да чини помеѓу 400 и 800 јуани – односно помеѓу 48 и 96 евра – по час, што е прескапо за поголемиот дел од младите.

Секторот на психотерапијата во земјата сè уште е прилично нерегулиран: иако психијатрите мораат да имаат медицински дипломи, не постои стандардна сертификација за терапевти и советници, па бројот на неквалификувани терапевти и псевдонаучници постојано расте. Со зголемената побарувачка, апликациите ја прошируваат својата понуда надвор од категоријата на основни self-help препораки, интегрирајќи различни функции на едно место – вклучително и мотивациски текстови, психолошки тестови и онлајн ретрити.

Повеќето корисници во Кина и понатаму за потребите на менталното здравје се потпираат на најпопуларните големи јазични модели како DeepSeek или Doubao. Истражувањата наведуваат дека корисниците истакнуваат дека ВИ-четботовите им заштедуваат време и пари, а притоа се и подискретни во општество во кое сè уште постои стигма околу менталното здравје.

Меѓутоа, користењето четботови за поддршка на менталното здравје носи и сериозни ризици, што се гледа во неодамнешните извештаи за психотични епизоди поврзани со употребата на четботовите, па дури и за самоубиства во САД. Многу четботови несоодветно реагираат на заблуди и самоубиствени идеи, бидејќи големите јазични модели имаат тенденција да бидат некритички, да ги потврдуваат и рефлектираат емоциите на корисниците – на што неодамна предупредија истражувачите од Универзитетот Стенфорд.

ВИ-четботовите особено често се користат за самодијагностицирање на состојби како ADHD или гранично растројство на личноста, а научниците истакнуваат дека нивните одговори можат „брзо да оформат нечиј поглед за себеси и како очекува другите да се однесуваат кон него – дури и кога (тие одговори) се неточни“. Американската компанија OpenAI во август објави дека додала заштитни поставки поврзани со менталното здравје, со цел ChatGPT да биде ограничен во давањето совети за психички предизвици.

Кинеските прописи за вештачката интелигенција бараат од сите даватели на вакви модели да спречат нивно „загрозување на физичкото и менталното здравје на другите“, но проблемот и понатаму е што нема јасни правила кои ги регулираат ВИ-четботовите при обезбедување терапевтски услуги. Во САД, судовите сè почесто ги повикуваат на одговорност компаниите што се занимаваат со вештачка интелигенција. Ожалостени родители сведочеа пред Конгресот во септември, опишувајќи како ВИ-четботови ги поттикнувале нивните деца на самоповредување.

Американската Управа за храна и лекови (FDA) формираше одбор за регулирање на ВИ-производите поврзани со менталното здравје. Повеќе сојузни држави во САД – меѓу нив Илиноис, Невада и Јута – донесоа закони со кои им се забранува на ВИ-четботовите да сугерираат терапија или да донесуваат клинички одлуки. Но проблемот и понатаму останува: со тие одлуки на компаниите им се забранува пред сè да ги рекламираат и продаваат четботовите како терапевти, но не се спречува граѓаните во пракса да ги користат за тие цели.

Слики: Stefan Zsaitsits

Извор: https://www.portalnovosti.com/

Слични содржини

Психологија / Технологија / Теорија
Свет / Технологија / Теорија
Свет / Технологија

ОкоБоли главаВицФото