1024 hPa
93 %
2 °C
Скопје - Пет, 14.11.2025 02:59

Марија Корина Мачадо е лидерка на десната опозиција во Венецуела, која бара со странска – американска – воена интервенција да се собори избраниот претседател Мадуро. Со други зборови, таа е најблиска сојузничка на Трамп, кој со месеци ги потопува венецуелските бродови под изговор дека шверцуваат дрога во САД. Бројот на жртвите веќе надмина сто, бидејќи американското оружје едноставно ги уништува бродовите. Венецуелските власти тврдат дека сите потопени бродови биле рибарски, но кој би му верувал на „страшниот тиранин“ во земја речиси разорена од американското ембарго, поради нафтата што Трамп ја смета за своја. Тој отворено зборува за воена интервенција во Венецуела, а веројатноста за отворање ново бојно поле е многу голема и мошне блиска. Дали некој можеби се сеќава дека пред неколку години, во својот прв мандат, Трамп често зборуваше за „нашата нафта во Сирија“? Каде и да е, во неговата глава нафтата секогаш е „наша“, а сега тоа е поважно од кога било, во услови на гасна криза со Русија.
Марија Корина Мачадо ги претставува венецуелската буржоазија и американскиот капитализам, а обвиненијата против неа и краткотрајното апсење се однесуваа на нејзиниот обид за пуч. Кога поради тоа не можеше да се кандидира за претседателската функција, таа постави навистина изгубен, ако не и сенилен старец како кандидат, кој по изборниот пораз најде засолниште во Шпанија, во франкистичките кругови. Приказната дека Мачадо се крие во Венецуела е за наивни. Нејзината „демократска“ програма се темели на идејата Америка воено да ја заземе Венецуела и да воведе демократија по рецептите на Ирак, Либија и Авганистан. Венецуела, благодарение на американскиот пропаганден заговор и совршеното медиумско игнорирање, упорно се прикажува како пекол на земјата. А всушност, тоа е земја со најбогати резерви на нафта во светот, што објаснува речиси сè. Разновидноста на општествената организација, со изолирани и добро заштитени богаташи, земјоделски задруги кои работат по свое, често и спротивно на државните намери, левичарски комуни кои среде Каракас имаат целосна автономија (со своја војска), останува непозната за светската јавност. Многумина во Венецуела се против Мадуро, пред сè затоа што е помалку умен, вешт и успешен од Хуго Чавез. Но цензура речиси и да нема, а Мадуро во својата амбициозност мораше да направи огромни отстапки за да опстане во земја практично уништена од американското ембарго. Венецуела, со своето кафе, чоколадо, плажи, рибарство, храна и народна уметност, би можела да биде рај на земјата; но има нафта и револуционерен колективен порив, комбинација неподнослива за Трамп. Државата ги задржува обележјата на социјална држава - здравствена заштита, образование – и во исто време отсуство на државен притисок врз приватната иницијатива. Ембаргото и изолацијата само го зајакнаа духот на Венецуелците. Дали денес некој сериозно мисли дека национализацијата на нафтата за оваа земја би била штетна?
Трамп воопшто не се возбуди поради тоа што неговата сојузничка ја доби Нобеловата награда за мир, а неговиот безумен еготизам е смирен со бланко чек со кој може да ја нападне Венецуела и да ја преземе „нашата нафта“: најголемиот дел ќе заврши во неговите џебови, а свој дел ќе добие и „демократската“ надеж за мирот во светот – но не пред Венецуела да стане нова Газа.
Во целата таа валкана игра, најодвратно изгледа Нобеловиот комитет за мир, кој работи во Осло. Тие успеаја да најдат нешто уште погнасно од наградата за Трамп. Тој може да почека, има уште три можности, а веројатно и повеќе – едно мало војување со воведување парламентарна демократија таму не може да наштети. Кој би го разбрал тоа подобро од норвешките нафтени богаташи, кои во дискретна протестантска скромност се разладуваат во огромните морски резерви на нафта?
.jpg)
Карикатури: Hassan Bleibel
Извор: https://pescanik.net/