1024 hPa
93 %
2 °C
Скопје - Пет, 14.11.2025 02:59

„Постојат два видови политичари,“ рече Тони Блер во 2012 година, „креатори на реалноста и менаџери на реалноста.“ Додека повоената политика, според него, пред сè е работа на добро управување, изградбата на нов поредок бара повеќе креативност — „и во економијата и во надворешната политика“. Со таа задача може да се справи само посебен тип визионерски лидер.
Повеќе од десет години подоцна, Блер ги здружи силите со Доналд Трамп, главниот „креатор на реалноста“, за да изработат халуцинаторен план за Газа во 20 точки. Идејата е разрушениот Појас да се претвори во нешто налик на колонијален протекторат: во „посебна економска зона“, исчистена од колонијални конфликти и исполнета со развојни проекти, низ која непречено ќе протекува странски капитал под надзор на меѓународен „мировен комитет“ со Трамп на чело.
Авторите на програмата не објасниле како планираат да му го наметнат тој план на населението што му се спротивставува, ниту како ќе го убедат Хамас да се разоружа и да се помири со поразот. Постојат, значи, големи шанси блeровско-трамповата фантазија да остане токму тоа, фантазија. Но, каква и да биде нејзината судбина, таа верно го одразува нашиот историски момент: најновата мутација на империјалниот поглед на светот, кој веќе посеа пустош низ Блискиот Исток.
Блер смета дека „економијата и политиката одамна се испреплетени“. Целта на неговите воени авантури во Ирак и Авганистан беше ширење на благодетите на пазарот меѓу наводно заостанатите народи. Приватизацијата на ресурсите создаваше нови можности за инвестирање, додека профитерите од сите видови, од трговци со оружје до безбедносни изведувачи, ги користеа војните како можност да стекнат богатство.
.jpg)
Откако замина од премиерската функција во 2007 година, Блер веднаш стана пратеник за Блискиот Исток на таканаречениот Квартет: Обединетите нации, Европската унија, САД и Русија. Неговата работа во Палестина ја покажуваше истата непоколеблива вера во слободното претприемништво. Предложи низа „индустриски паркови“ како начин да се привлечат странски инвестиции, се залагаше за ексцентрични бизнис-модели во земјоделството и туризмот и промовираше други потфати кои отворија прашања за можни судири на интереси: на пример, бидејќи како советник во банката JP Morgan добиваше плата од два милиона фунти годишно, беше обвинет дека ја користи својата улога во Квартетот за да ги унапредува интересите на клиентите на својот работодавач. (Блер го негираше тоа, тврдејќи дека не бил запознаен со врските меѓу банката во која работи и компаниите што таа ги опслужува.)
Како пратеник, Блер често ги заобиколуваше или отфрлаше политичките решенија – на пример, жестоко се бореше против обидите на Палестинците да добијат државност во Обединетите нации. Наместо тоа, ја сметаше економијата за единствени пат што води кон напредок. Би можело да се каже дека неговите дипломатски активности се темелеа на идејата дека мирот природно ќе произлезе од просперитетот. А ако обезбедувањето просперитет е задача на претприемнички настроен државник, тогаш блиските врски со бизнис-секторот секогаш се поволна околност.
Но трудот на Блер на Блискиот Исток не придонесе за смирување на конфликтите. Во 2012 година, еден висок палестински функционер ги сумираше неговите резултати кусо и јасно: „Бескорисен, бескорисен, бескорисен.“ Не поколебан од неуспехот и склон кон драматични повторни враќања на сцената, поранешниот премиер сега ја применува истата логика врз Газа. Се вели дека уште од првите месеци на војната се посветил на изработка на план за „денот потоа“.
Персоналот на неговиот истражувачки центар – Институтот на Тони Блер за глобални промени (Tony Blair Institute for Global Change, TBI) – учествуваше во проект кој, според сè, поддржуваше етничко чистење на територијата и планираше што би можело да се изгради врз масовните гробници: „Трамповата ривиера“, „Зоната на паметно производство на Илон Маск“, „регионални дата-центри“. Иако организацијата на Блер тврди дека не учествувала значајно во проектот и дека ја отфрлила идејата за раселување на Палестинците, сепак се појавуваат извесни сличности, како што покажуваат деталите од новиот план што протекоа во медиумите.
.jpg)
Тој документ од 21 страница, изготвен во соработка со зетот на Трамп, Џеред Кушнер, предлага повторната изградба на Газа да се довери на „државно-приватно партнерство“, односно на „комерцијално насочена власт, предводена од претприемнички професионалци и задолжена за создавање инвестициско издржани проекти со реални финансиски приноси“. Хамас би бил распуштен, а наместо него, без избори, би била поставена извршна власт од мал обем. Во неа важна улога би играл и самиот Блер, заедно со „водечки меѓународни личности со управувачка и финансиска експертиза“ и „барем еден квалификуван палестински претставник (по можност од секторот на претприемништвото или безбедноста)“. Во меѓувреме, меѓународните сили за стабилизација би се пресметале со „заканите по државниот поредок“.
Блер се сретна со Кушнер и Трамп во Белата куќа на 27 август, а претседателот со воодушевување ги прифати неговите предлози. Оттогаш, тие беа прочистени, препакувани и претставени како Трампов „мировен план“. Како и во претходните верзии на таа иницијатива, акцентот е ставен на создавање на Газа што ќе биде „поволна за привлекување инвестиции“ и на одржување на неприкосновената власт на Израел. Блер е подготвен да ја преземе управата над Газа до некој нејасен момент во иднината, кога „реформираните“ палестински власти би можеле да го преземат раководењето со секојдневните работи.
Тука се поставуваат неколку практични прашања. Кои држави би биле доволно неодговорни за да ја испратат својата војска да ја опслужува таа нова диктатура? Како би се одржувал таков протекторат на власт без изборен мандат и без никаква легитимност? Но, можеби најчудното во овој план е совпаѓањето на етичките светови на Блер и Трамп.
.jpg)
Јасно е дека Блер, под урнатините на Газа, гледа деловни можности. Доволно е да се погледнат неговите донатори. На пример, Лери Елисон, основачот на технолошката компанија Oracle, од 2021 година донираше или вети 257 милиони фунти на Блеровиот институт. Како што забележува еден коментатор, Институтот, за возврат, станал „продавач на Oracle“, занимавајќи се со промоција на софтверот на Елисон низ целиот свет, па и во сиромашни земји, каде што таквиот маркетинг е наречен „замка за купувачи“ што води кон „должничко ропство“. Елисон е и истакнат поддржувач на Израел – донираше милиони на организацијата Пријатели на Израелските одбранбени сили и, според Харец, му понудил на Бенјамин Нетанјаху место во управниот одбор на својата компанија. Доколку Блер управува со Газа – и најверојатно основа „регионални дата-центри“ во согласност со планот зад кој стои неговиот институт TBI – можно е таму Елисон да има огромно влијание.
TBI доби огромни суми и од авторитарните режими на Саудиска Арабија, Бахреин и Обединетите Арапски Емирати, а самиот Блер склучил профитабилен советнички договор со инвестициската фирма Мубадала од Обединетите Арапски Емирати. Сите три држави со воодушевување го поддржаа планот за Газа. Штом окупираната енклава се отвори за инвестиции, тие би имале предност. Работата на Блер за тие нафтени монархии е во согласност со неговото ангажирање во индустријата со фосилни горива: добиваше пари од конзорциум предводен од British Petroleum, нафтената компанија PetroSaudi и јужнокорејската енергетска корпорација UI, кои имаат интереси на Блискиот Исток. А со оглед дека Израел неодамна издаде нови дозволи за истражување нафта и гас по должината на Медитеранот, таквите врски би можеле да се покажат клучни.
Во извесна смисла, овој „мировен план“ може да се толкува како примена на Блеровата вера во пазарно заснованиот напредок. Но ова поглавје од аналите на колонијализмот го содржи и единствениот Трампов пресврт. Исчезнаа визиите за нов светски поредок врз кои некогаш се темелеа проектите за промена на режими во земјите од Третиот свет. Политиката сега е сведена на трговија, а големите идеи – на суров личен интерес. Спојот меѓу државната моќ и приватниот профит е целосно довршен. Блер можеби создава нови реалности, но во нив никој не сака да живее.
.jpg)
Карикатури: Pete Songi
Извор: https://www.theguardian.com/