1024 hPa
93 %
2 °C
Скопје - Пет, 14.11.2025 02:59

На Западот му се заканува бауч – баучот на работничката класа која остана без свој политички претставник. Заведени од песната на сирените на „третиот пат“ – Бил Клинтон, Тони Блер и Герхард Шредер – силите на левиот центар веќе со децении се откажуваат од јазикот на класната борба.
Во желбата да се прикажат како сигурни, ефикасни и одмерени менаџери на капиталистичкиот систем, се откажаа од говорот за експлоатација и го занемарија вродениот антагонизам – па дури и насилството – во односите помеѓу капиталот и трудот. Од политичкиот дискурс ги протераа работничкиот јазик, манирите на светот на трудот, работничкиот начин на живот и нивните стремежи, без остаток. А потоа своите поранешни гласачи ги прогласија за „толпа бедници“.
Кога општествената подвижност оди исклучиво надолу и сиромаштијата завладува со регионите во кои некогаш гордата работничка класа денес се чувствува отфрлено, а етаблираните партии одбиваат да го забележат тоа, се раѓа копнеж по нов проект за обновување на достоинството – по наратив што ќе го спротивстави колективното „ние“ на моќта со која располагаат „тие“. Така пред десетина години го добивме подемот на ксенофобичната радикална десница.
Лидерите и движењата што центристите невешто ги нарекуваат „популистички“ не создадоа таква желба, но ја користат со цинизам на искусен монополист кој забележал неискористена можност на пазарот. Од работничките делови на јужна Пиреа, недалеку од местото каде што го пишувам ова, до некогашните „црвени“ предградија на Париз или Марсеј, гледаме како големи изборни блокови ги отфрлаат комунистичките и социјалдемократските партии и се свртуваат кон партиите на политичките следбеници на Мусолини и Хитлер. Како и нивните претходници, таквите политички камелеони се претставуваат како заштитници на обесправеното работништво. Во меѓувреме, во САД, белите супрематисти, христијанските фундаменталисти, технофеудалците и разочараните демократски гласачи страстно се обединија во коалиција што двапати ја освои Белата куќа.
.jpg)
Честите споредби со меѓувоениот период можат да заведат на погрешен пат, но секако не се невешти. Склоноста на левицата да ги прогласува сите конзервативни и центристички опоненти за фашисти е недозволива, но нема сомнеж дека фашизмот денес се чувствува во воздухот. Како би можело да биде поинаку? Кога припадниците на работничката класа низ целиот Запад се препуштени сами на себе, не е тешко да се разбудат нивните надежи и да се придобијат со ветувања за национално препородување и митови за златната доба.
Откако ќе го проголтаат јадицата, следниот чекор е пренасочување на гневот од општествено-економските сили што ги турнале во беда кон некој нејасно определен заговор на „глобалистите“ или „длабоката држава“ или Џорџ Сорос, кој наводно решил да ги „замени“ со некое друго население во нивната сопствена земја. Јавајќи на бран од така разбудени страсти, ултрадесничарските политичари ги напаѓаат либералните елити, банкарите, богатите странци во странство и бедните мигранти дома – сите оние што можат да ги прикажат како крадци на златната доба и пречка за национален препород.
Tогаш (и дури тогаш) настапува отфрлањето на класната борба, укинувањето на политичкото претставување на економските интереси на работничката класа. Гневот кон американските сопственици кои ги затворија локалните фабрики и ги преселија во Виетнам се пренасочува кон кинеските работници. Гневот кон банката што запленила нечија семејна куќа се претвора во омраза кон еврејските адвокати, муслиманските лекари и мексиканските надничари. Секој што ги потсетува дека капиталот се акумулира преку преземање, изместување и конечно отфрлање на нивниот труд станува предавник.
Во дваесеттите години на овој век, како и во дваесеттите години од минатиот век, ултрадесничарите се издигнуваат благодарение на опишаните процеси. Тоа не се случува преку ноќ. Процесот на губење на работничката класа, најпрво во безнадежност, а на крај во фашизам, започнува со распадот на Бретон Вудс во 1971 година. Но што ја поттикна таа трансформација на крајната десница – од милитантно крило на конзервативната политика во автономна сила што ја презема власта, бесрамно ги разурнува буржоаските либерални институции и го покренува проектот за рушење на „културниот болшевизам“ – фраза што би му се допаднала на Јозеф Гебелс?
.jpg)
Тука се издвојуваат два настани. Првиот е глобалната финансиска криза од 2008 година – еквивалентот на 1929-та за нашата генерација – која ги инспирираше центризмот и власта да ѝ наметнат на работничката класа строги мерки за штедење, додека „социјалистичката“, државно спонзорирана солидарност ја резервираа за крупниот бизнис. Второ, исто како во дваесеттите и триесеттите години на 20 век, центристите и неофашистичките конзервативци повеќе се плашат од демократската левица отколку од авторитарната десница.
Поуките за левицата се болни, но јасни. Исклучивото фокусирање на идентитетот – на расата и полот, со занемарување на материјалната реалност на класата – беше катастрофална стратешка грешка. Така практично го положивме оружјето пред противникот кој ја користи токму приказната од која се откажаа партиите на левиот центар.
Нашата задача е да ја интегрираме суштински важната борба против расизмот и патријархатот во обновена и зајакната критика на класната моќ. Мора да го повратиме јазикот на солидарноста против експлоатацијата, да покажеме дека непријателите на работниците не се мигрантите, туку рентиерите, технофеудалците, монопсонските работодавачи (монополските купувачи) и финансиерите кои ја третираат иднината на работничката класа како финансиски дериват со кој може да се шпекулира. Новите лидери, како кандидатот за градоначалник на Њујорк, Зохран Мамдани, треба да помогнат во пронаоѓањето синтеза што ѝ се обраќа на целата личност.
Другата можност е да останеме неми сведоци на сопствената политичка трагедија, да гледаме како луѓето на кои заборавила левицата се постројуваат за борба инспирирана од десничарските фантазии за чиста нација. Работничката класа е важна. Време е да почнеме да се однесуваме во согласност со тоа сознание.
.jpg)
Карикатури: Miguel Morales Madrigal
Извор: https://www.project-syndicate.org/