1028 hPa
93 %
-3 °C
Скопје - Сре, 17.12.2025 04:00

Сè што се случуваше во Израел последниве две години се прекрши во Кнесетот на прославата за завршувањето на војната. Тоа беше оргија на ласкање, суетност, опиеност и негирање. Освен огромната радост поради ослободувањето на заложниците, новото поглавје не донесува ништо ново: гледајте колку сме прекрасни, не гледајте никого освен нас. Опиеноста од победата прерасна во надменост: колку сме убави ние Израелците.
Гласот на просветлените Израелци, Ури Мисгав, на својот фејсбук профил објави: „Победа на духот над очајот, на светлината над темнината, на доброто над злото.“ Токму така. Додека го пишуваше својот поетски пост, стотици илјади луѓе торби се движеа преку уништената земја кон местата што некогаш беа нивни домови. Стотици други беа ослободени од израелските затвори, но за нив немаше место во израелските медиуми, кои продолжија со својата пропаганда што ја поништува Газа и во војна и во мир. Се гледаат само дваесетте ослободени Израелци. Останатите не се луѓе, тие немаат семејства што ги сакаат и што плачат по нив. Не ја видовме глетката на ослободениот затвореник кој пристигнал во Газа и дознал дека жена му и децата се убиени во бомбардирањето.
Големиот слон стоеше среде пленарната седница во Кнесетот, но никој не се осмели да го погледне. Претседателот на Кнесетот, Амир Охана, премиерот Бенјамин Нетанјаху и мајсторот на овој жанр, Јаир Лапид, се натпреваруваа во пофалби. Дури и во вакви моменти Израел нема опозиција, освен претставниците на Хадаш, кои, секако, беа избркани од салата. Требаше да се слави, без разлика што, само да има што да се прослави, но мораше да настапи момент кога некој од говорниците ќе собере храброст и ќе ја каже вистината. Да каже нешто за најголемите жртви на војната, чиј крај се слави.
Бенјамин Нетанјаху и Доналд Трамп требаше да го спомнат пустошот што израелската војска го остави зад себе. Да се покајат, да се извинат, да преземат одговорност, да ја признаат вината, болката, да ветат промена и обештетување за жртвите. Нешто. Наместо тоа, го добивме Лапид, кој од десно ги надминува и Нетанјаху и Охана. Обидувајќи се најмногу од сите да му се додвори на Трамп, тој изрецитира: не беше геноцид, не постоеше намера за изгладнување. Не постоела намера за изгладнување, Лапиде? Како се осмелуваш да го кажеш тоа? Врз основа на тоа што го изговори и спроведе државниот врв? „Жителите на Газа немаат струја, храна, немаат вода ни гориво... се бориме против човечки животни, па така и се однесуваме,“ рече на почетокот на војната поранешниот министер за одбрана Јоав Галант, а Лапид го повтори на свој начин: „Имавме држава и војска кои се бореа против терористи што ги праќаат своите деца да гинат за медиумска слика на маченици.“ Зошто би ја рушеле владата со таква опозиција?
Требаше да биде поинаку. Неподносливо е да добиеме завршеток на војната без прифаќање на вистината за неа. Часови сцени на опиеност од Кнесетот, во медиумите кич и смрт, без нималку каење за сè што направивме. Колку би бил моќен Израел ако се однесуваше поинаку, ако барем се проговореше за темната страна на оваа војна? Ако се потсетиме на болката на Газа. Ако се преземеше барем дел од одговорноста за нејзината судбина.
Таа празнична вечер не ги исполни нашите очекувања. Нетанјаху одби да отпатува во Шарм ел Шеик, а во Кнесетот продолжија да ги прикриваат злосторствата. Така не се отвора ново поглавје.
И сепак, ова е време на надеж. За време на едно утринско интервју на Радио Франс со новинар од бегалскиот камп Нусеират, за момент се слушна пеење на петел. Првпат петелот беше погласен од бомбите, а тоа е причина за славење, па дури и за некаква надеж. Петелот пропеа во Нусеират и тоа вреди повеќе од сите лажни говори.
.jpg)
Карикатури: Monero Rapé
Извор: https://www.haaretz.co.il/