Влада Урошевиќ и Блаже Конески – Звукот на едната рака

20.10.2025 13:26
Влада Урошевиќ и Блаже Конески – Звукот на едната рака

Анегдоти од кај „Јоле“ (7)

Влада Урошевиќ ретко одел кај „Јоле“. Но, слушнал дека таму се одвивала своевидна игра, а Влада сакал игри и креативни предизвици; слушнал, имено, дека врз ѕидовите на кафеаната некои писатели оставале записи, стихови, пораки... Бидејќи Влада бил почитувач на Конески, решил во неговиот ќош со свои раце да го постави најславното зен прашање: Каков е звукот на едната рака? Во смисла, две раце плескаат и создаваат звук, но каков е звукот на една рака? Сакал Влада да види дали Конески ќе го забележи коанот и дали на каков било начин ќе реагира на него.

Речено-сторено. Еден ден Влада Урошевиќ и Радован Павловски, помошникот, решително влегле во „Јоле“. На „масата на Блаже“ седеле актерите Предраг Дишљенковиќ и Тодор Николовски, кои брзо си заминале, та Влада и Радован, како некакаква кловновска реплика на славните глумци, наврапито седнале на нивното место. „Штити ме, Радован, никој да не гледа навака!“, рекол Урошевиќ. Радован отишол до шанкот, направил некоја од своите бомбастични поетски претстави (ујдурми од типот, „Еј, Платоне, една мртва риба во публиката предизвикува поголемо внимание од твоето предавање!“) и брзо се вратил на масата, таман да го види штотуку создадениот типографски мурал: КАКОВ Е ЗВУКОТ НА ЕДНА РАКА, БЛАЖЕ? Буквите биле со големина од приближно 10 точки, ни преситно, ни пренападно, и биле ставени ниско, накај ќошот, отприлика 30 сантиметри под висината на погледот на човек што седи.

Следните седум дена Влада Урошевиќ секој ден влегувал во „Јоле“, кратко останувал, конспиративно се моткал околу ѕидовите – одговор немало. Дискретната порака чмаела сама.

После приближно две недели конечно стигнал одговорот, веднаш под прашањето Каков е звукот на едната рака?:

Како тишината што штотуку ја прекина.

Ох, Влада Урошевиќ истата секунда доживеал фрас! Каков тон! Речиси силеџиски! Можно ли е?! На Конески ли е ракописот?! Да, на Конески, рекол Радован Павловски и под одговорот на Блаже го напишал својот:

Можеби како риба што игра шах.

– Ах, Радован, ти се зафркаваш, а јас не можам да се соземам!, процивкал Влада и час поскоро се упатил дома за да размисли што да прави понатаму.

Следниот ден четврти ракопис:

Прашај ја другата, можеби знае.

Мудро, цинично, и пак малце агресивно. Графолошката анализа на Радован не дала резултат, а ни стилот и духот на новиот коан не зборувале многу за авторот. Мето Јовановски, преведувачот на Ји Џинг?! Јок, не е Мето, категоричен бил Радован. Нови главоболки за Урошевиќ. Кај ќе оди лудилово?! Зарем Блаже навистина смета дека сум прекинувач на тишината, пореметувачки фактор?! И кој е четвртиот?! Леле во што улетав, мене сега ме зафркаваат!, му се жалел Влада на верниот пријател Радован.

Ќе поставам потпрашање, можеби Блаже ќе се доискаже, рекол Урошевиќ и под трите одговори додал:

Каде е звукот на едната рака?

Во тој миг во просторијата влегол Славко Јаневски, пивнат, и им се обратил на помладите колеги Влада и Радован: Аман, цел реферат испишавте на ѕидот, копиљаци, ко да сте у градинка! Ај гитла од тука, имам овде договор со Блаже.

Откако исплашените и разочарани Радован и Владе си заминале, Славко го извадил плајвазот и под прашањето Каде е звукот на едната рака? напишал:

Во сонот што сега го сакаш да го разбудиш.

***

По еден месец Влада Урошевиќ се охрабрил, отишол во „Јоле“ баш во времето кога таму обично кратко престојувал Блаже. Имал среќа, Конески седел сам на масата во ќошот, пиејќи го своето чашуле со црвено вино. Петте реченици биле грубо избришани од ѕидот. Урошевиќ побарал дозвола да седне и веднаш го прашал бардот: Што мислите, професоре, за славниот зен коан, Звукот на едната рака?

– Ќе размислиме за тоа подоцна, кога ќе дојде есен; или, на англиски, аutumn-потом.

Влада Урошевиќ не можел да верува што слуша.

– Молам, професоре, дали добро ве разбрав?!

– А може ли јас да ви поставам едно друго познато зен прашање, драг колега?

– Може, се разбира, одговорил Урошевиќ.

– Дали жена која се вика Вишна може да роди зиме?

***

По два месеца Влада Урошевиќ пак се охрабрил, отишол во „Јоле“ и пак налетал на Конески. Урошевиќ инсистирал на болната тема, ама одоколу:

– Едно момче од Струга, склоно кон мистицизам, сликар, Димитрие Дурацовски, некни ми збореше за муромантија, читање од ѕидни флеки. Што мислите за тоа, почитуван професоре?

Блаже Конески вака одговорил:

– Вашиот татко, драг Влада, славниот професор по географија Атанасије Урошевиќ, еднаш ми објасни како да ги читам географските карти. Легенда! Атанасије. И муромантијата е тука негде, чуден текст во меѓупросторот меѓу искажливото и неискажливото. Легенда, под нејасна мапа.

Карикатури: Бил Вајтхед

ОкоБоли главаВицФото