1004 hPa
72 %
14 °C
Скопје - Саб, 07.02.2026 13:59

Галеријата гротескни ликови што Трамп ја собра во Шарм ел Шеик, египетското одморалиште, синоним за луксуз и деспотизам, покорно го славеше „мирот на Блискиот Исток“. На неговата изведба на римскиот цар Нерон ѝ недостасуваше само тогата. Каков „мир“? Претходно истиот ден, во Ерусалим, Нерон ја прогласи „победата“ обраќајќи им се на своите варварски помошници и донатори кои го бодреа во Кнесетот:
„Го правиме најдоброто оружје во светот и имаме многу од него. Искрено, многу му дадовме на Израел. Колку пати само ми се јави Биби: ‘Можеш ли да ми го дадеш ова и ова оружје?’ За некои од нив никогаш не сум ни чул, Биби, а јас ги правев (се смее). Но ги донесовме овде, нели? Тоа е најдоброто оружје. Најдоброто. И добро го употребивте. Потребни се и луѓе што знаат како да го користат, а вие очигледно многу добро знаете како се прави тоа. Направивте одлична работа. Тоа се само некои од причините зошто сум горд што сум најдобриот пријател што Израел некогаш го имал.“
Пред да затруби последната труба, следеше пофалба за донаторката на Републиканската партија, милијардерката Миријам Аделсон, која седеше во делот за посетители: „Нели, Миријам? Миријам и нејзиниот сопруг Шелдон доаѓаа во Овалната соба. Мислам дека беа во Белата куќа почесто од кој било друг. Погледнете ја сега како седи таму, сосема невина. Има 60 милијарди долари во банка. 60 милијарди (се смее). Мислам дека рече: ‘Не, имам повеќе!’ И го сака Израел. Нејзиниот сопруг беше многу агресивен човек, но го сакав, многу ме поддржуваше. Знаеше да ме побара: ‘Може ли да дојдам да те видам?’ А јас ќе му речев: ‘Шелдоне, јас сум претседател на САД, не оди тоа така.’ Сепак доаѓаше, беа многу заслужни за многу нешта, меѓу другото и за тоа што ме натераа да размислам за Голанската висорамнина.“
.jpg)
Ваквиот тек на мислите – и условите на донациите на Аделсонови – го наведоа да се запраша дали таа е пред сè лојална на Америка или на Израел: „Ќе ѝ направам проблем со ова, но навистина еднаш ја прашав: ‘Значи, Миријам, знам дека го сакаш Израел. Кого сакаш повеќе, САД или Израел?’ Одби да одговори. Значи можеби Израел.“ Се разбира, според дефиницијата на ИХРА (Меѓународна алијанса за сеќавање на холокаустот), тоа прашање треба да се третира како антисемитско. Во Америка, Нероновата администрација им се заканува на универзитетите или ги казнува и за помали нешта. Повторно, тој гласно го изговара она што вообичаено се премолчува и ја разобличува валканата улога што ја одигра израелското лоби во бесрамната поддршка што американскиот политички и културен естаблишмент ја дава за уништувањето на Газа.
Во меѓувреме, на осумдесетина километри од славеничкото собирање во Кнесетот, речиси два милиони гладни Палестинци без дом бараа засолниште, храна и вода. Што ќе се случува понатаму? Хамас ослободи 20 заложници, а Израелците 2.000. Настана делумно затишје. Тоа е добра вест. Но Израелците јасно ставија до знаење дека колонијалната окупација никогаш нема да заврши. Освен можеби 100.000 загинати, Израел изврши масовно територијално освојување. Пред Нероновиот „мировен договор“, израелската војска контролираше над 80 проценти од 360-те квадратни километри на Газа. По повлекувањето на почетната „жолта линија“, според податоците на Ал Џезира, тие сè уште држат 58 проценти од Појасот, вклучувајќи го поголемиот дел од покраината Рафах, повеќе од половина од Кан Јунис, делови од градот Газа, како и Беит Ханун и Беит Лахија на северот. Илјадници Палестинци и понатаму се во израелски концентрациони логори, без судење.
Според договорот, Појасот Газа е практично поделен, а огромен дел од палестинското население е принуден да живее во енклави со шаторски населби. Урбаното ткиво е речиси целосно уништено од израелските гранати, бомби, дронови и булдожери: 80 проценти од зградите се оштетени или срамнети со земја, 90 проценти од куќите се урнати, а 80 проценти од земјоделското земјиште е уништено. Во Појасот сега живеат 17.000 деца без родители, додека ОН проценуваат дека последниве две години го вратиле човечкиот развој во Газа наназад за дури 69 години.
Шест дена по почетокот на примирјето, ИДФ сè уште убива и ранува Палестинци како што сака. Преминот Рафах и останатите влезни точки и натаму се под израелска контрола. Владата на Нетанјаху веќе ја запира помошта под изговор дека Палестинците го прекршуваат договорот, затоа што не можат да ги најдат телата на израелските заложници во урнатините од бомбардираните згради.
.jpg)
Сепак, Израел не ги постигна целосно своите воени цели. Хамас не само што не е уништен, туку регрутира со забрзано темпо, како што неодамна призна државниот секретар на Бајден, Блинкен. Иако највисокото раководство е претежно ликвидирано, еден функционер на Хамас опиша дека нападот на ИДФ создава „нови генерации“ во движењето на отпорот. Тие станале вешти во рециклирање неексплодирани американски и израелски ракети, бомби и артилериски гранати во импровизирани експлозивни направи. Третата фаза од Трамповиот договор предвидува Хамас да го предаде оружјето, но Питер Бејнарт објаснува зошто тоа е малку веројатно: „Со децении оваа исламска група го напаѓаше својот политички ривал, Палестинската управа предводена од Фатах, зашто се откажа од вооружениот отпор додека Палестинците сè уште се под окупација. Малку е веројатно дека Хамас сега ќе се откаже од тој принцип, без никаква најава за прифатливо политичко решение.“
Израелско-палестинската војна што започна во 1947 година сè уште не е завршена. Нејзините водачи – социјалдемократите како Бен Гурион и Голда Меир во педесеттите и шеесеттите години, или радикалните десничари како оние во актуелниот кабинет на Нетанјаху – не ја кријат својата крајна цел: Ерец Израел, Земјата на Израел. Од 2023 година, нивната отворена намера беше еднаш засекогаш да стават крај на палестинската приказна. Ни тоа сè уште не успеа и покрај поддршката од Бајден, Трамп и поголемиот дел од европските сателитски држави на чело со Британија.
Пораката до извонредните движења за солидарност со Палестина што се појавија во различни делови од светот е доволно јасна. Италијанскиот генерален штрајк за Газа ја оживеа радикалната политика во таа земја. Огромното мнозинство Германци, Французи и Британци се спротивставуваат на своите презрени влади. Трамп и Стармер воведуваат авторитарни мерки во своите земји. Воените злосторства во Газа разбудија цела една генерација. Арапскиот свет сè уште спие во длабок сон полн со кошмари за Израел како главен империјален посредник во регионот. Пораката е следна: не вртете нов лист, останете лути. Тоа е најмалку што можеме да направиме за палестинскиот народ под израелска окупација. Војната од 1947 година продолжи во многу различни облици: 1956, 1967, 1973 и 2023. Последнава фаза не е крај. Според ниедно мерило.
.jpg)
Карикатури: Oliver Schopf
Извор: https://newleftreview.org/