1024 hPa
93 %
2 °C
Скопје - Пет, 14.11.2025 02:59

Увод
Ви ги претставуваме овие куси лекции како вовед во лаканијанската анализа, без да веруваме дека психоанализата може да се пренесе и научи на ваков начин, исклучиво преку читање; особено не преку читање на брутално редуцирана и поедноставена форма на едно крајно комплексно психоаналитичко учење. Психоанализата пред сè се учи искуствено: низ лична психоанализа, во која директно се чувствуваат ефектите на сите овие апстрактни, а често и опскурни или криптични теориски концепти. Таа е дискурзивен чин кој може вистински да се спознае единствено искуствено, низ чинот на лична анализа.
Сепак, покрај личната психоанализа, препорачуваме и читање — пред сè на изворните текстови на Фројд, Лакан и други значајни психоаналитичари, а потоа и на бројните секундарни извори.
Иако се оградуваме од тврдењето дека навистина пренесуваме психоаналитичко знаење, сепак сметаме дека е добро од нешто да се почне. Затоа започнуваме со многу поедноставени воведни лекции, во кои ги повторуваме (главно фројдовските) или за првпат ги претставуваме (главно лаканијанските) психоаналитички термини и концепти на македонски јазик.
Во првиот модул започнуваме со Сигмунд Фројд. Наследството што го остави Фројд не се состои само од збир на теории, идеи, концепти туку, подеднакво важно и неразделно од нив, се состои и од нов начин на размислување за човечкото искуство, кој создаде нова (модерна) форма на човечка субјективност. Секој од Фројдовите текстови, од оваа перспектива, покрај тоа што е разработка на нов концептуален свет, е и сведоштво за нов начин на размислување и доживување на самите себе.
.jpg)
И, што велите за тоа чувство како да сте постојано под опсада?
1.
Сигмунд Фројд, основачот на психоанализата, е роден во 1856 година во Фрајберг, Моравија (денес Чешка Република). Потекнувајќи од еврејско семејство, пораснал во Виена, каде што студирал медицина. Бил исклучителен студент, се специјализирал по неврологија и добил докторска титула во 1881 година.
За време на медицинската кариера Фројд се сретнал со две клучни личности кои влијаеле врз неговото мислење: францускиот невролог Жан-Мартен Шарко и виенскиот лекар Јозеф Бројер. Шарко, специјалист за хистерија, го запознал со значењето на психолошките фактори во невротичните нарушувања. Бројер, пак, му ја претставил на Фројд катарзичната метода, претходник на разговорната терапија, преку познатиот случај на Ана О.
Овие средби, заедно со неговата самоанализа и клиничката практика, постепено го довеле Фројд до развој на основните концепти на психоанализата. Во своето капитално дело Толкување на соништата (1900), тој ја изнесува теоријата за несвесното и методот на анализа на соништата како пат кон потиснатите желби.
Потоа Фројд ја развива теоријата за нагонот, детската сексуалност и Едиповиот комплекс во „Три есеја за теоријата на сексуалноста“ (1905). Тој ги опишува фазите на психосексуалниот развој (орална, анална, фалична, латентна, генитална) и ја нагласува важноста на раните искуства во обликувањето на личноста.
.jpg)
Нарцис одговара на Роршахов тест
Во подоцнежните дела како „Од онаа страна на принципот на задоволството“ (1920) и „Его и Ид“ (1923), Фројд ја прецизира својата концепција на психичкиот апарат, разликувајќи три ентитети: Ид (пол на нагоните), Его (регулаторна инстанца) и Суперего (интернализација на забраните и идеалите). Тој исто така ја истражува двојноста на нагонот помеѓу животниот нагон (Ерос) и нагонoт кон смртта (Танатос).
Во текот на целиот живот Фројд продолжил да ја проширува и ревидира својата теорија врз основа на клиничката практика и дискусиите со своите ученици, секогаш проследено со контроверзии. Неговите познати случаи како „Човекот-стаорец“, „Малиот Ханс“ или „Човекот-волк“ ја илустрираат неговата метода на истражување на несвесното и преносот (трансфер).
Фројд покажал интерес и за применетата психоанализа, особено во „Тотем и табу“ (1913), каде што нуди анализа на потеклото на цивилизацијата и религијата, или во „Незадоволството во културата“ (1930), каде што ја разгледува врската меѓу индивидуата и општеството.
Принуден на прогон поради подемот на нацизмот, Фројд ја напуштил Виена и заминал за Лондон во 1938 година, каде што починал следната година од рак на вилицата. Неговото огромно и револуционерно дело ни остава во наследство нов пристап кон човечката психа и нејзиното функционирање. Тоа ќе биде продолжено и преиспитувано од неговите наследници, меѓу кои и Жак Лакан, кој се посветува на „враќање кон Фројд“ и ќе предложи оригинално преосмислување.
.jpg)
Фокусирај се на своите достигнувања, не обрнувај внимание на неверојатните успеси на другите.
Консултирана литература:
Fink, B. (1997). A clinical introduction to Lacanian psychoanalysis: Theory and technique. Cambridge, MA: Harvard University Press.
Fink, B. (2007). Fundamentals of psychoanalytic technique: A Lacanian approach for practitioners. New York and London: W.W. Norton & Company.
Fink, B. (2017). A clinical introduction to Freud: Techniques for everyday practice. New York and London: W.W. Norton & Company.
Freud, S. (1963). The standard edition of the complete psychological works of Sigmund Freud (Vols. 1-23). London: Hogarth Press.
Lacan, J. (1988). The seminar of Jacques Lacan: Book I, Freud’s papers on technique, 1953-1954. J.-A. Miller (Ed.), J. Forrester (Trans.). New York: W. W. Norton.
Lacan, J. (1997). The seminar of Jacques Lacan: Book VII, The ethics of psychoanalysis, 1959-1960. J.-A. Miller (Ed.), D. Porter (Trans.). New York: W. W. Norton.
Lacan, J., Selection of The seminar of Jacques Lacan: Book VIII, Transference, 1960- 1961. (B. Fink, Trans.)
Certified Course in Lacanian Psychoanalysis, https://certified-excellence.com/courses/certified-course-in-lacanian-ps...
Карикатури: Бил Вајтхед