1008 hPa
87 %
9 °C
Скопје - Саб, 06.12.2025 06:59

„Unus Ex Vobis“ - Мартина Спасовска
Портретот или автопортетот е интимно уметничко дело. Фокусот е на она најпрепознатливото кај една личност, лицето. Да се долови нечиј поглед, блесок во очите, насмевка или тага, страв или пркос, љубов или омраза бара исклучителна заемност меѓу уметникот и лицето чиј портрет уметникот го слика или го моделира, дури и кога се работи за автопортрет и за нежив „модел“ или пак е конципиран во умот на авторот. Врската мора да биде воспоставена. Авторот и моделот мора да си веруваат. Единаесетте сликари и еден вајар за оваа изложба ја воспоставиле врската и изградиле заемна доверба. Во секој од портретите може да се „види“ душата на авторите сликајќи го „другиот“ или пак самите себе. Публиката добива увид и во лицето на уметникот и во насликаното лице. А во самите портрети авторите ги изложиле своите прашања, стравови, тагата, радост, прифаќање, неправда, заедништво, отуѓеност и сето она што животот го носи.
А што носи животот? На сликата „Unus Ex Vobis“ Мартина Спасовска како да се обидува да го одгатне тоа најтешко прашање. Директниот поглед со смелите очи полни пркос, се во контраст со „трепетот“ на кревкото лице. Толку многу на него укажува на ранливост. Сеедно погледот на младата жена не отстапува и бескомпромисно објавува, „ете ме, тука сум“. Насловот на латински „Unus Ex Vobis“ е интересна „коинциденција“. Во буквален превод тоа значи „Еден од вас“, а во латинскиот превод на евангелието според Јован 13:21 оваа фраза е кажана од Исус кога им вели на учениците, „Еден од вас ќе ме предаде“. Според Христијанското предание, Исус се отелотворува во општа човечка природа и тој се поистоветува со сето човештво. Но тој особено со поистоветува со отфрлените, со обесправените и со подјармените. Името на овој женски портрет може да има двојно комплементарно значење: „Јас сум една од многуте обесправени жени во светот“, и „еден од вас ме предаде“. Портретот и насловот го соголуваат срцето на секој набљудувач кој мора да си го постави прашањето како Исусовите ученици, „да не сум јас?“
.jpg)
„Пукнатина во сѐ“ - Ване Костуранов
Портретот кој следи по стил сосема се разликува од претходниот, но емоциите кои ги предизвикува се слични. „Пукнатина во сѐ“ на Ване Костуранов е дијаметрално и обратно пропорционален. Портретот повеќе крие отколку што открива. Торзото е речиси незабележливо и се прелева во заднината на сликата. Лицето е прекриено со рака и укажува на состојба на чемер. Колоритот на црна, темно сина, виолетова и крваво црвена дава впечаток на „Црнила“, драма која ја нагласува трагедијата дека „своите“ најмногу од „свои“ страдаат. Десното око на портретот не се гледа, а левото како да нема сјај и живост во себе. „Пукнатината“ меѓу двата прста „пропушта“ темнина, а не светлина. Ова лице е напукнато зашто сѐ околу него е напукнато. Воздух ли е, вода, земја ли е сѐ е загадено, сѐ е токсично, сѐ е распукано.
Портретот на Костуранов „гледа“ во пукнатините, а автпортретот на Тони Попов гледа во себеси. „Се погледнав себеси“ е дело изработено во препознатливиот стил на Тони Попов. И тука преовладуваат темни нијанси на колорит. Уметникот се гледа во огледало. Во него се огледува тој и она што го окружува во „ателјето“. Собата е убаво осветлена, но светлината „паѓа“ одзади така што лицето е во сенка. Интересен контраст. Светлината уште повеќе ја нагласува затемнетата страна на лицето. Да не е ова митот на Платон за пештерата обратно раскажан? Се гледам себеси и што гледам таму? Како да си ја кажам вистината која ми е повеќе од јасна но не смеам да си ја признаам? Погледот на себеси е егзистенцијален поглед. Сенката и мракот се врз лицето, но не затоа што нема светлина, туку затоа што ја има во изобилство. Но дали сме спремни таа да ни го осветли лицето? Серозниот поглед на автопортетот на Попов повикува на сериозно лично преиспитување и на сериозен одговор.
.jpg)
„Се погледнав себеси“ - Тони Попов
Самозалажувањето е најлесно и затоа најопасно. Мал чекор го дели секој човек од „Трагедија“. Овој колаж во акрил и молив на Стефан Младеновски е диптих. На него се насликани два портрети. Меѓу нив е соѕвездието „Крвав пат“ така што тие се оддалечени со милиони светлосни години. Која е приказната на овие два портрети? Што некогаш ги спојувало? Љубовта? Што сега ги разделува? Омразата? Или трагедијата толку впечатливо исцртана со моливот е резултат на задни игри против нив? Можеби ова е трагедијата на животот, зашто секогаш и без исклучок завршува со смрт? Портретот во левиот агол личи и на познатата посмртна маска од Требеништа. Портретот на десната страна гледа во својата „златна“ маска во миг на „memento mori“. Затоа суштинската поента на „Трагедија“ е не кога и како ќе умреме, туку како ќе живееме.
А како живееме? Во кули од слонова коска теоретизирајќи за смртта?; додека таа во пракса предвреме ги коси оние најневините и затоа најранливите. Никола Пијанманов ни го „претставува“ „Девојчето од Газа“. Повторно сликата крвави. Крвави платното, крвави челото, крвават очите, крвави телото на синоокото девојче родено во најголемиот концентрационен логор на светот. Логор кој е во „функција“ над седумдесет години; петнаесет пати подолго од Аушвиц и Бухенвал. Портретот е „vintage“ Пијанманов. Белата по која е толку препознатлив е на платното, но таа тука изгледа како да е заробена во зандана. Единствената надеж за слобода избива од блескаво сините очите. Ова синило е парче небо, а небото е архетип за слободата. Бесконечно е и никој не може да го ограничи, како и непоколебливата надеж во погледот полн со болка, но не и со очај!
.jpg)
„Трагедија“ - Стефан Младеновски
Од реалистично-експресионистички портрети во изложбата се префрламе на изразено нагласен експресионизам и гестурална апстракција. Овој портретен диптих на Игор Мишевски „Од циклусот ликови“ не е во потрага по егзактните црти, туку трага по емоции низ топографијата на лицето. Лицето е „контекст“ на емоциите. Секој потег е инстинктивен, интуитивен, оригинален во смисла на неповторлив и сам за себе. Лицето е „експеримент“ на портретистот. Едниот портрет е со потемни, постудени, а другиот со посветли и потопли бои. Првиот укажува на определена „дистанца“ од околината, додека другиот како да повикува на разговор и како да не се откажува од вечната потрага на човештвото по заедништво. Истовремено на двете лица се „гледаат“ планини, долини, реки и езера – топографија составена од емотивни топоними.
.jpg)
„Девојчето од Газа“ - Никола Пијанманов
Од „многуте“ топоними сликата „Носталгија“ на Никола Тренов нѐ воведува во лирскиот и психолошки портрет. Соочени сме со еден „носталгичен“ топоним. Експлозивно-емотивното му го препушта местото на лирското и на елегичното. Тренов одржува рамнотежа меѓу топлите и студени пастелни тонови со што дополнително го нагласува лирско-елегичниот амбиент на портретот. Заднината на портретот е студена и отуѓена, додека самиот портрет е топол и оддава чувство на блага меланхолија, но уште повеќе на севдах. Иако етимологијата на двата збора посочува на тага и на повлеченост, „севдах“ добил дополнително значење. Тоа е „тажна убавина“, „слатка болка“ и „распеан копнеж“. Сето ова „зрачи“ од портретот. Токму меѓу „меланхолијата“ и „севдахот“ стои „носталгијата“, болката за архетипскиот дом, местото каде што сите три состојби ќе се слеат во непоматена радост на слики, на звуци, на мириси и над сѐ, на вкусови.
.jpg)
„Од циклусот ликови“ - Игор Мишев
Сите овие сетила се силни во детството и во младоста, но особено во адолесценцијата. Пост-експресионистичкиот портрет „Адолесцент“ на Томе Мишев нѐ потсеќа на таа неискажлива возраст. Композицијата, жестокиот колорит, положбата на телото и на главата, како и префинетата техника при цртањето на лицето, на вратот и на рацете, особено дланките, оддаваат чувство на несигурност, на колебање, на притаен „бунт“ на сетилата. Накривената глава носи смирен поглед на лицето. „Движењата“ на телото се сталожени, а „состојбата“ созерцателна. Но сѐ наоколу „гори“, „брза“, „ита“ и сѐ е растреперено. Сѐ уште дете, а со возрасни мигови. Толку многу претстојни избори, а само еден живот! Ова е добата во кое се вкрстуваат толку многу патеки, а насекаде околу непрегледна шума. Каде секоја од нив води? Томе Мишев успеал насреде сета оваа турбулентност да ни го претстави портретот на адолесцентот со многу емпатија за него. Ние кои некогаш сме биле адолесценти знаеме какво бреме носи. Колку ќе се заложиме да му го олесниме? Каков свет ќе му оставиме кога ќе биде возрасен?
.jpg)
„Носталгија“ - Никола Тренов
Контрастот меѓу „смирението“ на портретот и немирот околу него на „Адолесцент“ е во контраст на хармонијата во портретот „Жолтокосата“ на Ниче Василев. Сѐ на него потсеќа и поттикнува на поезија. Ниче Василев слика во модернистички стил, но тоа е модернизам со „човечки лик“. Иако стриктно го следи модернистичкиот пристап на сликање на портрет, така што не насликал конкретно женско лице, туку алегорија за женственоста, оваа модернистичка слика дише со ренесансен оптимизам. Жената на портретот не е кокетна туку достоинствена. Контрастот меѓу темно виолетовата и светло црвената го дополнува чувството на достоинство. Издолжените врат и лице се синоними за грациозност и за навидум нежна, но во суштина цврста решителност. Не гледаме во „објект“ туку тоа „субјектот“ гледа во нас. Нема ништо насилно во тој поглед и во тој став. Но има ненаметливо присуство кое привлекува и кое придобива. Василев слика комплексна сцена со контролирана едноставност.
.jpg)
„Адолесцент“ - Томе Мишев
Ништо не изгледа „едноставно“ на портретот на Сергеј Андреевски со наслов „Портрет со велосипед“. Во преден план е велосипедот. Насликан е како акционен експресионизам пар екселанс. Но брзите и навидум хаотични елементи и експресии не се случајни. Тие се внимателно психолошки осмислени и пулсираат со симболика. Ниту еден гест на четката не е завлечен врз платното без јасна цел. Секој потез на Андреевски е поетичен и индивидуален. Колективниот приказ на сликата е збир на јасно насочена психологија и симболика. Зад динамичниот велосипед се гледа портретот чие торзо се формира и се расформира низ циклични и бранови линии. Велосипедистот циклично се претвораат еден во друг од торзото кон лицето на портретот. Надворешната апстракција укажува на динамика која е веројатно израз за она што се случува во психата на портретираното лице. Уметникот напросто ги „преведува“, дури и „препева“ просторот на мислата во движење и во „звук“. Во следењето на црните линии има нешто што потсеќа на виолински клуч додека истовремено се дел од формите на лицето. Зад оваа динамична „велосипедска“ перспектива врз нас паѓа „погледот“ на портретот. И тука се работи за алегоричен приказ на човештвото, а не реалистичен приказ на нечиј изглед. Едната рожница на очите е црна, а другата е сина. Образите се поделени на доминантно бел и на доминантно портокалов. Со нив Андреевски воведува светлина и топлина, но и определена амбивалентност во умот, во духот, во срцето и во душата. Белата посочува на желба за прочистување, за тихување, за земање здив, а портокаловата за интимност но и за виталност. Динамичноста, тихувањето, интимноста и виталноста се совршен пример за тоа каков парадокс е човечкото битие.
.jpg)
„Жолтокосата“ - Ниче Василев
А што е со човечката убавина? Може ли таа да се мери, да се дефинира? Вангел Срнаков го загатнува/одгатнува? ова прашање. Навистина што е убавината? Срнаков на ова прашање или на темата, им приоѓа преку триптих на хипер-реалистичен портрет на млада жена со наслов „Убавина позади пластична фолија.“ Портретите се дадени во три положби. Видливи се само вратот и главата. На првиот портрет погледот е во дијагонала и иако очите како да се насочени надолу, целата поза посочува свртеност нагоре. Вториот е фронтален. На третиот портрет главата е пак во дијагонала, но овој пат лицето гледа надолу. На првата слика се создава впечаток на возвишеност и на држење на растојание, левтерна ведрина и занес. Втората слика е во целосен анфас и со фронтален поглед. Не по стил, туку по израз наликува на класичната икона „Перивлепта,“ онаа која гледа во секого. Тука хипер-реализмот е најизразен и е можна критика кон современиот култ кон естетиката како таква и особено кон естетската хирургија која лицата ги прави сите да личат едно на друго. Третата слика е со подлабок и интимен, речиси созерцателен поглед. Позадината е монохроматска зелена и го засилува впечатокот за извештаченост и за психосоматски вакуум. Амбиентот не само што е неутрален туку е и виртуелен. Немаме никаква претстава за непосредното опкружување на портретот. Лицето е целосно изолирано. Сето тоа е уште понагласено со пластичната фолија спомната во насловот. Портретите ги гледаме низ пластиката што е дериват на нафтата, едно од најкритичните синтетички продукти кои негативно влијаат врз природата. Ова може да се разбере и како убавина спакувана во евтин целофан кој го задушува органското и живото. Само ако се тргне животот може да продолжи, а тоа ќе значи да се старее и да се „губи“ од убавината. Но има ли поубаво нешто од самиот живот?
.jpg)
„Портрет со велосипед“ - Сергеј Андреевски
Наспроти хипер-реалистичниот триптих на портрети стои последното уметничко дело, скулптурата „Молитва“ на Синиша Новески. Изработката е во гипс, а стилот во модерен експресионизам. И во овој случај, целта не е анатомска прецизност и пропорција. Новески е во потрага не по физичкиот човечки образ туку по образот Божји чиј вистински изглед е однатре, а не однадвор, кој се препознава според срцето, а не според лицето. За да го постигне таквиот ефект, Новески на основниот уметнички стил надодава елементи од класичниот византиски иконопис и фрескопис. Во овој случај модерниот експресионизам и класичниот иконопис одлично се надополнуваат. И во двата стила води стремежот кон психолошкото и кон духовното. Портретот е вертикално издолжен што му дава нагласено аскетско-духовна насока. Волуменот е компактно слеан со што се комуницира целост, потполност и „совршеност“ како во случајот на светиите на иконите. Континуираната споеност на челото, на лицето и на брадата даваат силуета на икона во три димензии. Соодветно со тој пристап, челото е високо, јасен знак за умствено целомудрие и смирение. Чудесната скулптура на Новески е сведоштво за неговиот универзален уметнички јазик. Овој портрет не припаѓа само на едно време. Тој е проникнат со низ-времениот и вон-времениот колективен уметнички гениј кој се влеал во креативниот процес на Новески и се излеал низ него во скулптурата. Но оваа духовна насоченост е истовремено и жестоко материјална. Портретот е извајан со двете раце, десетте прсти и алатките на скулпторот. Трагите од оваа тактилна материјалност се видливи на скулптурата, било тоа отисок од прст или потег на алатка.
.jpg)
„Убавина позади пластична фолија“ - Вангел Срнаков
Новески е и длабоко свесен колку оваа духовно-материјална хармонија е исклучително деликатна. Најмалиот молекул ќе ја извади од рамнотежа. Затоа портретот е наречен „Молитва“. Аскезата не е цел сама за себе, не е обид да се докаже колку некој заслужил пред Бог со сопствено залагање. Молитвата е свесноста дека без Божјата „калибрација“ нема духовна рамнотежа. Не се работи за заслуга туку за благодарност искажана во искрена молитва. Новески со овој портрет успеал да го изрази молитвеното христијанско предание во својата две илјадагодишна историја.
Секој од портретите во изложбата „Лица“ поставува егзистенцијални антрополошки прашања. Ова одлично се вклопува во духот и карактерот на големиот Владимир Георгиевски во чија чест изложбата е поставена и за неговото упорно „донкихотовско“ трагање по човечното во човештвото. За ова трагање пишува во својот роман „Додека не добиеме лица“ англискиот писател и професор по средновековна книжевност К.С. Луис. Од него го „позајмив“ насловот за мојот осврт. Романот го прераскажува митот за Ерос и Психе на што се надоврзува библиската идеја за човековата личност како образ Божји. Поентата на Луис е дека не можеме да го „видиме“ Бог, поточно конечната стварност ако не ги сообличиме нашите лица со Неговото. Секој на свој начин, авторите на изложбата „Лица“, е во потрага токму по тој архетип на лице.
.jpg)
„Молитва“ - Синиша Новески