1029 hPa
87 %
9 °C
Скопје - Пон, 09.03.2026 06:59

Закани со масовни депортации, укинување на правото на протест, третирање на демонстрантите како терористи, воведување закон за богохулење на мала врата, затворски казни за навредливи слогани и твитови, подем на етнонационалистички приказни за припадност. Голем дел од денешните државни политики и политички дискусии е проткаен со духот на антилиберализмот, кој го стеснува просторот за човековите права и различното мислење, како и за поединците и групите на кои им припаѓаат тие права.
Подемот на антилиберализмот донесе забуна во разбирањето на либерализмот и можните начини за спротивставување на антилиберализмот. Либерализмот стана симбол за бројни проблеми на современото општество, од нееднаквост предизвикана од глобализацијата до демократски дефицит продлабочен со дејството на транснационалните организации, од последици на масовната миграција во културната сфера до распад на работничката класа. Голем дел од таа критика е оправдан. Но таа често ги занемарува важните разлики меѓу различните аспекти на либерализмот, кои се ставаат во ист кош, па така она што навистина е штетно за просперитетните општества се изедначува со она без кое таквите општества не можат да опстанат.
Најголема штета предизвикаа неолибералните политики, почнувајќи од тачеризмот, кои се проширија во 1980-тите години по распадот на повоениот кејнзијански поредок. Тоа се политики што доведоа до деиндустријализација на Британија и ги заменија работните места во производството со голем број слабо платени и несигурни работни места во секторот на услугите. Предизвикаа раст на нееднаквоста и ги скршија синдикатите кои ги држеа стапките на нееднаквост под контрола. Го атомизираа општеството со разделување на заедниците и омаловажување на заедничкиот живот. Ги воведоа пазарните начела во секој сегмент на општествениот живот.
Поради слабеењето на работничките организации и трансформацијата на Лабуристичката партија, која се откажа од своите работнички изборни единици, многу гласачи се почувствуваа напуштени од своите политички претставници. Денес миграцијата стана примарен симбол на раскинот на општествениот договор, но корените на проблемот одат многу подлабоко.
Како идеологија, „неолиберализмот“ има особена историја. Се појавува во 1930-тите години од 20 век како реакција на обидите на државата да го регулира функционирањето на пазарот и со намера пазарните сили да се изземат од демократските процеси. Вкоренет е во она што политичкиот филозоф Крафорд Броу Мекферсон го нарекува „посесивен индивидуализам“ во рамки на класичниот либерализам, во сфаќањето дека поединецот „во основа е сопственик на својата личност и способности и дека на општеството не му должи ништо“ и дека самото општество се сведува на „збир од пазарни односи“.
.jpg)
Но либерализмот не може да се сведе на „посесивен индивидуализам“ ниту на последиците од неолибералните политики. Тој претставува сеопфатна политичка филозофија со многу различни насоки и перспективи. Особено важни се политичките идеали на слободата, како што се демократијата, рамноправноста, слободата на говорот и на вероисповедта и општествената толеранција. Иако овие норми произлегуваат од либералната традиција и често се опишуваат како „либерални норми“, односот на самите либерални елити кон нив бил сложен и противречен. Стравувајќи од загуба на сопствените привилегии, либералите долго се двоумеле дали да ги прошират своите сфаќања за правото на еднаквост, слобода и демократија на широките маси.
Тој страв бил видлив уште пред либерализмот да се формализира како политичка филозофија. Во 1647 година, на прочуените Патнејски дебати за време на Англиските граѓански војни, војниците на Кромвел се судријлесо класата офицери, односно со благородништвото, во борба за политичката иднина на Британија. Генералот Хенри Ајретон, зетот на Кромвел, ги отфрлил барањата на работничката класа за поголеми права, објаснувајќи дека „слободата во општа смисла не е можно да постои ако сакаме да ја сочуваме приватната сопственост“.
Во страв од губење на привилегиите, владејачките класи во наредните три века упорно го ограничувале досегот на либералните норми. Беа потребни повеќе од 200 години, и тоа со големи крвопролевања, за машките припадници на работничката класа да го добијат правото на глас, а уште подолго време за тоа право да го стекнат и жените. Од Џон Лок, кој често се смета за основоположник на модерниот либерализам, а го поддржувал ропството и ја одбивал верската толеранција кон католиците, преку Вилијам Вилберфорс, славен како борец против ропството, но кој барал примена на законот за бунт за да се спречи работничкото организирање, до Џон Стјуарт Мил, големиот викторијански либерален филозоф кој го бранел колонијализмот тврдејќи дека „деспотизмот е легитимен облик на владеење во односите со варварите“ — либералите долго истрајувале во ускратувањето на сопствените вредности на другите.
Тие вредности навистина биле драгоцени, но дури преку борбата на развластените групи — робовите, колонијалните поданици, работничката класа и жените — тие станале навистина универзални, а не исклучива привилегија на владејачката класа.
Од тие судири произлегла универзалистичката традиција на радикализмот вкоренета во класната политика, која ја препознава суштинската важност на либералните политички вредности за борбата на работничката класа и за создавањето општество на слобода и еднаквост. Таа традиција е најголемата жртва на распадот на левицата изминативе децении и денес најчесто е заменета со политиките на идентитетот. Нејзиното пропаѓање не ја разори само левицата. Без потпора во радикалната традиција, и самите либерали се помалку подготвени да ги бранат идеалите на слободата на говор и рамноправноста.
Затоа денес, повеќе од кога било, е важно да се зачува способноста да се разликуваат штетните аспекти на либерализмот, оние политики што ги разорија работничките заедници, го раскинаа општественото ткиво на граѓанскиот живот и го ускратија достоинството и солидарноста на најранливите општествени групи, од вредностите што се суштински за одбраната на интересите на работничката класа и изградба на отворени и просперитетни општества. Во спротивно, критиката на либерализмот ќе продолжи да тоне во политиките на антилиберализмот.
.jpg)
Карикатури: Steve Greenberg
Извор: https://observer.co.uk/