Промоција на книгата „Поетики на современата европска драма и театар“

23.10.2025 23:30
Промоција на книгата „Поетики на современата европска драма и театар“

Француски Институт во Скопје
28 октомври 2025 г.
19:00 часот.

Книгата ќе ја промовираат:

Бесфорт Идризи, декан на Факултетот за драмски уметности во Скопје
Лада Стевановиќ, научен советник на Етнографскиот институт САНУ во Белград
Гоце Смилевски, писател

Книгата Поетики на современата европска драма и театар, објавена од издавачката куќа Темплум од Скопје, нуди синтетизиран преглед на позначајните тенденции и појави во современата европска драма и театар од крајот на 20 и почетокот на 21 век. Таа е резултат на повеќегодишни академски и стручни истражувања, но и на лични и селективни размислувања и записи на театарски читател и гледач. Книгата, од областа на теориската драматургија и театрологијата, се осврнува на еволуциите на современата драма и театар преку анализата на – неслучајно – избрани дела на реномирани европски драмски и театарски творци, во нивните заемни испреплетувања и рефлектирања, од Македонија па сè до Норвешка, како што се: Хајнер Милер, Горан Стефановски, Сара Кејн, Едвард Бонд, Јасмина Реза, Јон Фосе, Тиаго Родригеш, Мило Рау, Тифен Рафје и Каролин Гиела Нгуен. Голем дел од овие водечки фигури на современата театарска сцена во последниве децении, на кои во светот досега им биле посветени бројни теориски студии, книги и изданија, сè уште не биле предмет на посеопфатни теориски проучувања и публикации во Македонија. Оваа студија ги осветлува врските и одеците меѓу делата на претставените творци, кои го сочинуваат заедничкото европско културно и театарско наследство, како и оние на авторите од 21 век со авторите од 20 век и со нивната оставштина. Хронолошки, книгата се осврнува на еволуцијата на драмските и театарски поетики од крајот на 20 век, прогонувани од падот на Берлинскиот ѕид и од сеништата на војната (во поранешна Југославија, меѓу другото), постмодернизмот и крајот на „големите нарации“ (Lyotard 1979), за потоа да се надоврзе на поетиките што го обележуваат почетокот на 21 век, во потрага по нови драмски и сценски форми во добата на глобализацијата, дигиталните технологии и вештачката интелигенција, но и по нови утопии, залагајќи се за театар кој ќе биде простор на уметнички и политички отпор.

Книгата, заедно со епилогот, е составена од тринаесет поглавја, додека автор на поговорот е писателот Гоце Смилевски.

Поетики на современата европска драма и театар на еминентната теоретичарка и универзитетска професорка Деспина Ангеловска е резултат на нејзиното длабоко ерудитивно и суштинско проучување на театарската уметност, кое го изразува на три јазика: француски, македонски и англиски, а воедно ги потврдува очекувањата кои произлегоа од нејзиното претходно дело, Драматургија на децентрирањето: Бернар-Мари Колтес, патување кон рабовите. Со својата нова книга, преку синтеза на особеностите на опусите на внимателно избрани автори и анализа на нивни конкретни пиеси, Ангеловска ни овозможува есенцијален увид во трансформативните текови на драмските и театарски поетики во едно полустолетие, кое опфаќа нешто повеќе од една четвртина од крајот на дваесеттиот и нешто помалку од една четвртина од почетокот на дваесет и првиот век. Во таа еволуција на поетиката на театарот во изминативе педесетина години, како што ни покажува Ангеловска, свој поттик даваат и главните општествени феномени на времето на кризи, константни промени и преломи: тапењето на комунистичката идеологија и острењето на сечилото на либералниот капитализам, ситнењето на Источниот блок, падот на Берлинскиот ѕид, војните во поранешна Југославија, транзицијата, миграциите, глобализацијата, дигиталните технологии… Притоа, преку својата анализа Ангеловска утврдува дека тие општествени ломења не го кршат духот на овие творци кои се основни двигатели на трансформативните процеси во театарската уметност, па тие го осмислуваат театарот како сфера на ангажиран уметнички отпор не откажувајќи се од своите утописки уверувања и идеали, дури и кога се соочени со своите најмрачни претпоставки и насетувања за колективната иднина.“

Извадок од Поговорот на Гоце Смилевски

Слични содржини

ОкоБоли главаВицФото