Мнозинска диктатура на глупавите

24.10.2025 17:34
Мнозинска диктатура на глупавите

Начинот на кој луѓето доаѓаат до сопствената вистина може да послужи како еден вид на методско, епистемолошко сечиво – налик на Окамовото – што ги дели луѓето на планетава на две групи. Во првата се оние што до нивната вистина доаѓаат со магиско мислење, односно со верба, и нив условно, за потребите на овој оглед, можеме да ги наречеме „верници“. Во втората група се оние што до вистината доаѓаат на потежок начин, со рационално и критичко мислење, со преиспитување на сопствените и туѓите видувања, како и со макотрпно обидување сопствената вистина да ја потпрат со факти и логички објаснувања. Овие вториве ќе ги наречеме љубители на мислењето или „филозофи“. За жал, бројчаниот однос меѓу двеве групи на луѓе покажува мала, едвај забележителна асиметричност, зашто најновите резултати од психоневролошките истражувања на светски познатиот Институт за глупост со седиште во Скопје покажуваат дека на илјада верници доаѓа најмногу еден филозоф. Или математички искажано, В(ерници) : Ф(илозофи) = >1000 : <1.

Ако односот меѓу верниците и филозофите е најмалку илјада спрема еден, сигурно ќе се прашате, почитувани читатели, како тогаш воопшто било можна добата на просветителството, рационализмот и модерноста? Како биле можни научната и технолошката револуција, универзалното образование и писменост, што процутуваа цели два века, како било можно сето она што навистина се случи, првин со развиениот запад, со Европа и САД, а последниов век и со целиот свет? На прв поглед изгледа дека се работи за нерешлива загатка, противречност безмалку апсурдна, но одговорот е толку едноставен колку што е и очигледен.

Имено, верниците се способни да поверуваат буквално во што било, така што добата на рационалноста, историскиот и дијалектичкиот материјализам стана можна по нивното повеќевековно разочарување во владеачките религии и губењето на убедливоста на религиските наративи. Тоа практично им се случи на сите абрахамски монотеистички вери (јудејската, христијанската и исламската) кои основните наративи ги темелат врз семоќта на единствениот бог и чудата што тој ги прави на земјата, управувајќи со сите појави и настани.

Мислиш дека се обидува да ни каже нешто?

Но, убиствените чуми кои од 14 до 18 век повеќе пати го преполовуваа населението на Европа и Азија станаа најубедливиот доказ дека молитвите не успеаја да ја сопрат уништувачката моќ на пандемиите и дека Семоќниот е или немоќен или е масовен убиец недостоен за почит и верба. А, откога отпочна капиталистичката глобализација на светот, со освојувањето и експлоатацијата на трите нови континенти (двете Америки и Австралија) и колонизаторскиот продор во старата но дотогаш недостапната Африка, откраднатото богатство ја обезбеди автономијата на новата капиталистичка класа на претприемачи и безмилосни умови, кои од практични причини ја финансираа научната и технолошката револуција. Тоа стана доба кога чудата веќе не се очекуваа од религиските наративи, туку очебијно беа создавани од страна на научниците, пронаоѓачите и инженерите.

Токму ова преземање на чудотворството од рацете на религиите и создавањето на технолошки чуда што почнаа секојдневно да го зголемуваат богатството на владеачката класа, и потоа, во 19 и 20 век, да ги подобруваат животните услови и на многу поголем број на луѓе, го овозможи остварувањето на просветителската утопија за општата образованост и рационалност. Но, како што тоа обично бива кога филозофските идеи ќе се прошират на милионските маси, прифаќањето на просветителството, секуларноста и модерноста се случи на сосем неочекуван и изопачен начин.

Така што, и во модерната доба масовно прифатениот рационализам и науката, за жал не го сменија бројчаниот сооднос помеѓу верниците и филозофите. Ниту логичното и критичкото мислење беа прифатени од човештвото како единствен начин на мислењето, туку тие беа прифатени – како и сите религии претходно – со исклучени мозоци и мрзливо магиско мислење. Едноставно, резултатите на науката беа прифатени здраво за готово, како вера, та станаа превладувачка секуларна религија на големото мнозинство. И до пред својот колапс во 80‒ите и 90‒ите години од минатиот век, дури четири петини од човештвото веруваше во научните откритија и закони, и во проверливоста на сите факти.

Батка, се надевам никад нема да мораме
да одиме така цело време!

Но, како и претходно, оваа модерна религија ја изарчи својата магија, па денешниот свет повторно се врати на својата природна поделба и на стариот сооднос помеѓу слепите верници и сомничавите логичари. Разликата е што денес верниците активно не им веруваат на фактите, и им се спротивставуваат на научните вистини и логичките објаснувања. Додека најглупавите меѓу нив веќе не се кријат во темни соби и под ќебе, туку со ѓаволска самодоверба и ароганција просеруваат непоимливи глупости на јавна сцена, а особено низ кибернетската вселена на интернетот и социјалните мрежи. И, да скратам, овие последниве – најглупавите помеѓу верниците – денес владеат со светот, како со американската империја така и со нејзините вазали од Европската Унија, а особено со напатените земјички што се грчат преку збрчканиот релјеф на Балканскиот полуостров.

Уште една математичка вистина, всушност, статистичката крива на нормалната распределба, наречена Гаусова крива според својот „татко“ или ѕвонеста крива според својот лик, фрла темна сенка што отвара очи врз многу историски тенденции и настани во кои клучна улога имала глупоста на лидерите и масовната поддршка што овие ја имале од своите народи. Елем, коефициентот на интелигенција измерен кај повеќе стотици милиони луѓе е распореден токму во форма на камбана на чија оска горе, во самата нејзина средина, е поставена медијалната вредност на коефициентот од 100, што е земен како просечен коефициент на интелигенција на човештвото. Ако земеме предвид дека безмалку 80 насто од човештвото се наоѓа околу просекот за плус‒минус 15 единици, испаѓа дека вкупниот број на просечните верници заедно со оние бавните во умот и оние најглупавите претставува скромни 9 десетини од вкупното население.

Ловци собирачи. Не го разбираат концептот.

И конечно, што може да се заклучи од овие дијамантски тврди научни факти? Дека денес (повторно) логиката, разумот и објективните факти, па дури и обичната здраворазумска и домаќинска мисла, воопшто немаат шанси. Тие се во неверојатно малцинство пред масата верници во политичките религии на патриотизмот, национализмот и на идентитетот, всушност на религиите на ништото. Зашто верниците и тупаците, демократското мнозинство на сите времиња и меридијани, не се заинтересирани за фактите на стварноста, не ги признаваат причинско‒последичните врски (ниту од рангот на „ако е А, тогаш е Б“), не им е гајле што вемерето четири години им сере на главите, им го блокира главниот град во сите основни комунални функции и ги затрупува со нивниот сопствен отпад. И тоа само за да им вети дека откога ќе ги изберат за господари на локалната власт, за 72 часа ќе ги собереле фекалиите со кои самите го засраа целиот град.

Нив ништо не ги разочарува во нивното ВМРО. Од другата страна на политичкиот спектар се оние што се сметаат за нормални, но за жал тие се разочарани од нивните нормални партии. А, за да се разочараат во вемерето, нивната маса верници треба да ја преживее чумата од 14 век, или некоја од светските војни што покосија 120 милиони луѓе во мрачниот 20 век, или некоја друга катастрофичка од локален карактер, како што беше оперетската граѓанска војна 2001. До тогаш, животот ќе се случува под мнозинската диктатура на глупавите.

Ветувам дека ќе доделам купишта камења за фрлање
кон секој поголем проблем што ќе се појави!

Карикатури: Бил Вајтхед
Извор за текстот: Слободен печат 

Слични содржини

Општество / Активизам / Култура / Настан
Општество / Свет / Став
Општество / Психологија / Наука

ОкоБоли главаВицФото