1024 hPa
93 %
2 °C
Скопје - Пет, 14.11.2025 02:59

Претерана политичка коректност на состанок на слепо.
Што значи да се биде човек во ера во која предизвик е вештачката интелигенција? Како психоаналитичарка, ме научија да го оставам теренот меѓу човечкото и нечовечкото намерно нејасен, зашто и е нејасен. Впрочем, несвесното е мошне нечовечко — наликува на голем јазичен модел. Ми рекоа: прилагоди се на анксиозноста на пациентите. Приближи се до она што е вистинско и навистина предизвикувачко. Но тоа беше тогаш. Сега сите сме мошне анксиозни, дезориентирани во оваа неконтролирано променлива технолошка реалност. Паднати во зајачката дупка, ние сме Алиса во земјата на чудата што плива во сопствените солзи зашто го следевме знакот на кој пишуваше: „Изеди ме“.
Често се прашувам дали ќе го видам новиот свет додека сум жива. Читајќи за тинејџерскиот бран самоубиства потпомогнати од вештачката интелигенција, за сè поголемиот број случаи на „ВИ психоза“, вклучително и едно убиство на мајка во Конектикат, прашав еден колега психијатар дали тоа е знак на лудилото што наскоро ќе ги преплави нашите кревки психи. „Жени се заљубуваат во своите чат-ботови. ВИ порнографијата ќе се спои со првата вештачка матка, а браковите се распаѓаат зашто партнерите го користат ChatGPT за да си ги дијагностицираат врските“, додадов со очај. „Но, зарем ова не е најстарата приказна на светот? Тинејџерите се чувствуваат безнадежно, жените управуваат со своето незадоволство, репродуктивната хетеросексуалност станува сè понепотребна, а мажите лесно залутуваат и се опиваат од сопствената грандиозност?“
Сепак, мислам дека има нешто навистина ново. Како истовремено да ни се случи нешто и радосно и тажно. Целата оваа технологија се слави поради зголемената леснотија во користењето, но токму тоа прави искуството на реалноста да го доживува како раздразнетост, која не можеме да ја преработиме. Технологијата овозможува сè што ќе посакаме, кога сакаме, како сакаме. Каде е отпорот? Гледајќи ја технологијата на своето време — која тогаш се состоела од очила, телефони и возови — Фројд мислел дека човекот личи на смешен протетички бог. Задоволството што го носи технологијата е евтино, рекол, како кога ќе ја испружиш ногата од под ќебето и ќе ја вратиш назад за да почувствуваш топлина. Не ни претпоставувал што значи гуглање, скролање или свајпање. Често мислам на бесот што веднаш ме обзема кога ќе се расипе печатачот. Или на моите изморени пациенти, исцрпени од онлајн запознавањето.
Ние сме дел од огромен културен експеримент поврзан со тоа што Фројд го нарече „начело на задоволството“ — начинот на кој нашите тела го организираат задоволството и незадоволството во животот со другите. Нè репрограмираат со светлосна брзина, го преземаме овој нов свет во нашето тело. Каде исчезнуваат нашите тела? Прашањето звучи параноично, сè додека не сфатиш колку од нашата интимност веќе се преселила онлајн. За да ја проследам оваа дигитална либидинална историја — и што значи таа за задоволството, фантазијата и контролата — разговарав со Минди Сеу, уметница, теоретичарка и авторка на книгата A Sexual History of the Internet.
.jpg)
Биди искрена, нашата врска има проблем?
Во твојот говор за A SEXUAL HISTORY OF THE INTERNET велиш дека сексуалните работнички одиграле клучна улога во развојот на многу дигитални платформи — чет-соби, е-трговија, веб-камери — и дека нивниот труд бил присвоен од големите технолошки компании. Работев со многу сексуални работнички. Тие ја читаат желбата, нешто како психоаналитичарите. Ги водат клиентите каде што тие не знаат дека сакаат да одат.
Кога зборуваме за сексуалните работнички тоа честопати се претставува низ призмата на жртвата: тие се турнати на маргините, па затоа се приморани да иновираат. Но јас повеќе сакам да го гледам тоа како форма на самоизбор: постојните структури не функционираат за нив, па оние што имаат попретприемачки или иновативен дух наоѓаат нови патишта. Корисно е да се гледа на овој начин зашто тие природно гравитираат кон развој на нови технологии, како криптовалутите.
Она што најмногу ме погоди во твојот говор беше радикалната страна на дигиталниот живот. Експлоатацијата се случува токму преку беспрекорната интеграција на технологијата во нашите животи — нешто што луѓето кои првично иновираа, луѓето на маргините, воопшто не го посакуваа.
Твојата забелешка дека сексуалните работнички се читателки на желбата е важна, зашто покажува дека тие откриваат нешта што клиентите — а и компаниите — не знаат дека ги сакаат или им се потребни. Создавањето нови инфраструктури најчесто се случува на вообичаен начин. Тие се обидуваат да развијат подобри чет-сервиси, побрз интернет за стриминг или разни начини на плаќање што не се под надзор. Но штом ќе стане јасно дека за тие нешта постои пазар, веднаш се прилагодуваат. Овој циклус се повторува постојано.
Бев на вечера со психоаналитичарот Дериен Лидер. Го прашав дали е загрижен за вештачката интелигенција, а тој рече не. Ако оваа технологија станува широко достапна и на луѓето им овозможува некој со кого можат да разговараат, тогаш тој не смета дека тоа е лошо.
Чат-ботовите навистина се огледало на епидемијата на осаменост. Но, најпосле, мислам дека она што луѓето навистина го сакаат и по што копнеат е интимноста и ја бараат на разни начини. Како што забележува историчарката на порнографијата Ноел Пердју, без оглед колку е екстремен спектарот на порнографијата, најпребарувана поза секогаш е мисионерската. Ако ги погледнеме мејнстрим интересите, во популарната култура генерално, сè е релативно рамно и лесно сварливо. А во тој контекст културата ќе се појавува на маргините — за луѓето што сакаат нешто повеќе од тоа. Се прашувам дали во иднина чат-ботовите ќе се гледаат на ист начин? Веќе ги слушаме тие приказни за луѓе кои тагуваат поради „смртта“ на нивното ВИ-дете или партнер кога се ажурирал ChatGPT.
Луѓето што користеле Replika велат дека тоа е момент кога „нивната личност“ била лоботомизирана.
Од една страна, тоа сигурно било ужасно чувство. Но од друга, во тоа има и некакво чувство на сигурност. Кога Мајкрософт го пушти својот чат-бот Tay, за само неколку часа на Твитер почна да изговара најрасистички изјави. Тоа се случи зашто овие системи се тренирани на огромни јазични модели кои содржат многу расистички податоци. Кога Јутјуб првпат го воведе својот алгоритам, тој функционираше сосема спротивно од денешниот: сите препорачани видеа стануваа сè пошироки, наместо пофокусирани. Но потоа сфатија дека тоа не создава зависност. Оттаму се појавија алгоритамските ехо-комори со кои денес сме многу добро запознаени. Јасно е дека од тоа произлегуваат бројни опасности. Но, како и со секоја нова технологија, постои период во кој луѓето прво се навикнуваат на можностите, пред да ги откријат точките на кршење. А луѓето се добри во тоа — да најдат начин како да го „скршат“ алатот.
.jpg)
Фино е, ама тоа не е чипка туку се тетоважи.
Уметниците секогаш најпрво земаат некоја технологија и брзо се обидуваат да ја скршат. Вообичаено имаат помал морален паничен набој. Не знам која е мојата позиција. Дериен Лидер не можеше да сфати зошто сум толку вознемирена. Мене ме загрижува таа беспрекорност на технологијата. Животот е вознемирувачки и исцрпувачки, и мораме напорно да работиме за да го „свариме“. Имам чувство дека технологијата ни продава нешто спротивно — правејќи го животот инфантилен. Ѝ викаш на својата технологија и се обидуваш да ја натераш да го прави она што го сакаш. Тоа е врска господар/роб. Она што ме вознемирува е беспрекорноста.
Фразата — „прекинување на симболичното“ — доаѓа од Киберфеминистичкиот манифест за 21 век на првиот познат киберфеминистички колектив, VNS Matrix. Кога киберфеминизмот се појави во 1991 година, само две години по воведувањето на World Wide Web во 1989, веќе се коментираше за инфантилизацијата и беспрекорноста за кои зборуваш: колку се ладни, стерилни и милитаризирани тие дигитални разменувања. Се обидуваа да го вбризгаат во интернетот слузестиот внатрешен материјал на телото — особено преку визуелности и јазик. Тоа беше вистинска панк етика. Ако погледнеш како се развиваше киберфеминизмот, ќе видиш дека уште во 1990-тите тоа многу брзо се промени. Со Web 1.0 мораше да знаеш како да кодираш и како да хостираш веб-страница. Но во раните 2000-ти, со подемот на Web 2.0 и платформите, одеднаш можеше да читаш сè — само да поставиш нешто на блог со некаков образец. Од една страна, тоа беше демократизирачко — зашто секој можеше да направи веб-страница — но од друга, почна да се губи она што се случуваше „зад завесата“.
Ова денес е десеткратно интензивирано со платформските олигополи. Јас сè уште верувам дека постојат пукнатини, но тие се многу мали зашто алатките станаа сеопфатни. Се појавуваат нови, базични дигитални алатки, но дали тие некогаш ќе можат да се натпреваруваат со нешто од размерот на Гугл? Веројатно не — но тоа и не им е целта. Во меѓувреме, гледаме враќање кон таканаречените „dark forest“, „domestic cozy“ и други термини што интернет-теоретичарите ги користат за да го опишат враќањето кон мали, ексклузивни канали кои функционираат само со покана — обид за повторно создавање вистинска субкултура. Такво нешто нема да најдеш на Инстаграм.
Го гледав настапот на Пол Чен на фестивалот AIR во Музејот на уметноста во Аспен — тоа беше ВИ верзија од него самиот, голем јазичен модел трениран со неговите сопствени податоци: текстови, интервјуа, мејлови, пораки итн. Го нервираше тоа што тие модели создаваат просечен јазик, па затоа го збогати со своите омилени романтични и софт порнографски романи. Сакаше да дебатира самиот со себе постојано во позадина, за да зрачи со сигурност. Сакаше да биде поконцизен, па го тренираше со своите белешки. Сакаше да биде како него, па затоа сакаше да биде подив.
Често слушаме за „повторно подивување на интернетот“. Прашањето е: дали тоа е возможно? Во проектот на Чен го гледаме токму тоа двојство — создавање нешто хиперспецифично (во случајов, тоа е тој самиот, но би можело да биде и некоја мала заедница) и учење како да се користат алатките за да создадеш нешто свое. Повеќето луѓе кои денес користат големи јазични модели работат со готови, веќе вградени бази на податоци — не знаат што точно има во нив, само знаат дека се огромни и затоа создаваат впечаток на објективност, како да се неутрални, што очигледно не е така. Мислам дека разбирањето како да се направи голем јазичен модел врз внимателно курирани, специфични податочни сетови е важен чин. Постојат и „етички“ податочни сетови што ги создадоа Холи Херндон и Мет Драјхерст, составени само од материјали во јавна сопственост.
.jpg)
Ајде оди и прашај ја. Што лошо може да се случи?
Што мислиш за иднината на интернет сексот?
Господарката Харли ги воведе термините „Techdomme“ и „data dom“. Дата-домините не работат во живо, нема физички контакт. Таа не користи веб-камера, нема никаква голотија. Сè се врти околу размената на моќ и играта на понижување. Таа добива далечински пристап до компјутерот на својот „подреден“ (sub), и може да го контролира неговиот уред. Подредениот може да гледа како таа му го движи курсорот. Таа има пристап до сите негови скриени фолдери, банкарски сметки. Забранета е на секоја можна платформа и секој процесор за плаќање, иако, формално, не практикува „конвенционален секс“. Парадоксално е — зашто она што го прави го смета за сексуален чин, но институциите, секако, не мислат така. Интуитивно разбираат дека постои игра на моќ, но не можат точно да објаснат зошто тоа би било сексуална работа.
За Фројд, секоја фантазија, на некој начин, е фантазија на потчинетост зашто дури и ако си доминантен, сепак во себе имаш потчинет дел со кој си играш. Најпосле, најтешко е да зборуваш од позицијата на потчинетиот, зашто тој е објектот. Објектот не зборува. Зборува субјектот. Но, задоволството го доживуваш повеќе како објект, како тело што се користи, да речеме. А ветувањето на технологијата е спротивно: тоа е доминација, владеење, контрола. Каков судир на силите, луѓето лутаат на интернет, обидувајќи се да откријат како да се потчинат!
Пред да се приклучиш на некоја платформа, мораш да потврдиш дека си ги прочитал условите за користење и тоа штиклирање треба да означува дека си ги прочитал, си ги разбрал и си се согласил со нив. Но никој не го чита тоа. Луѓето најчесто и не го разбираат правниот говор што е потребен за да се разберат условите за користење. Ако ги погледнеш другите модели на БДСМ-заедницата, на пример, таму согласноста не функционира така. Таа е постојана, ентузијастички општествен договор што може да се менува. Можеш да се согласиш на нешто, да го доживееш, па да решиш дека всушност не ти се допаѓа и тогаш ги менуваш условите. Но сето тоа мора постојано да биде предмет на дискусија.
Мелани Хоф, која е уметница и сексуален кибернетски асистент, вели дека кога имаш ванила хетеронормативен секс, тоа можеби е најјасниот пример за неконсензуален БДСМ, зашто едноставно имаш секс на начин на кој си бил научен од хетеронормативното општество. Без разлика дали практикуваш нешто „кинки“ или не, важно е да се разбере како се разговара и како се договараат условите на задоволството.
Значи, во основа, целиот наш однос со интернетот е како некој неконсензуален БДСМ ванила сексуален чин. Само го правиме она што сме научени да го правиме.
Да.
.jpg)
Додека те немаше, почнав да се гледам со некого.
Карикатури: Ден Пираро
Извор: https://www.culturedmag.com/