1024 hPa
93 %
2 °C
Скопје - Пет, 14.11.2025 02:59

Патријархатот не бира возраст
Кога удира на мали години, тој шиба отсечно, па нагло ги сосекува тековните емотивни процеси. Посебно кога станува збор за ожалостеност или оплакување. Зашто, машки (деца) не плачат. И што прават децата на кои им е одземена можнооста да изразат болка, тага, гнев? Тие замолкнуват, односно занемуваат. Во таква состојба го затекнуваме малиот Наим, до пред некоја година годиначе, а сега сираче без мајка, но со татко. Па, сепак, сираче. Зашто патријархатот на малите деца не им е мајка, ниту маќеа, туку типичен конзервативен татко. Патријархалните мажи се возрасни деца кои премногу долго биле емоционално изгладнувани. Кај нив, осиромашениот спектар на (одживеани и расположливи) емоции типично се канализира во некоја форма на фрустрираност, компетитивност и(ли) агресивност. Односно мачоизам. Ова се отчитува кај двата главни возрасни машки лика во филмот. Кај таткото со машко потомство (синовите Наим и Ахмет), но и кај таткото со женско потомство (ќерката Аја), бидејќи и двата машки родетели татковската грижа и љубов ја заменуваат со ригидност и прекумерна строгост. Во оваа смисла, преодната возраст на главниот лик Ахмет му дозволува да излезе од шаблонот и да ги избегне стегите на патријархатот. Зашто Ахмет не е повеќе момче, но не е ниту возрасен маж, туку тинејџер со сите одлики на ова младешко доба.
Патријархатот не бира поднебје
Успева во мали, рурални и изолирани заедници, кои тешко фаќаат чекор со остатокот од светот. Но, вирее и во урбани заедници кои се своевидни центри на модерниот свет. На пример, таткото на Аја се враќа токму од Германија, за да ја омажи (тукуречи продаде) својата малолетна ќерка за странец од добростоечко семејство, наспроти нејзината желба и без чувство за нејзините чувства (кон младиот Ахмет). Во таа смисла, технолошките придобивки (како мобилните телефони и интернетот кои нашле пат и до малото јуручко селце од неколку стотини жители), не се граничници за цивилизациските дострели на човештвото. Тие не се медиум кој ги потсилува разликите, односно закоравеноста на луѓето од руралните, наспроти прогресивноста на луѓето од урбаните заедници. Напротив, човекот е медиум кој ги користи овие технолошки придобивки за да создава убавина или шунд, да негува благородни чувства и племенитост, или потсилува примитивност.
Патријархатот не бира вера.
Поточно, патријархатот се крсти во секоја вера, но ниедна вера не му е света на патријархатот. Сите конзервативни поединци и заедници (навидум) ја поддржуваат верата, но истата в час би ја сквернавеле кога таа би се косела со личните интереси и суета. Во таа смисла верата не е господар, туку слуга на патријархатот. Тоа е убаво илустрирано во експлозивната завршница на филмот. Воедно, оваа завршница создадава мост и за луѓето од различни вери, но и поединците од спротивставени идеологии. Таа зборува со јазикот на десничарските идеологии кои ја слават заедницата, традицијата и верата, за одблиску да ја долови апсурдноста на патријархатот. Но, таа е разбирлива и за припадниците на левичарските идеологии, заради отвореноста кон новото, промената и различноста. Бидејќи оној кој се двои од стадото, не е црна, туку розова овца. И тоа пембе. Ама баш џиш!