Страшниот предмет во ќеларот кај „Јоле“

27.10.2025 16:16
Страшниот предмет во ќеларот кај „Јоле“

 

Страшниот предмет во ќеларот

Српскиот онирички писател Миленко Пајиќ еднаш го прашал славниот скопски фантаст Влада Урошевиќ:

- Го памтите страшниот предмет што стоеше во некој ќелар кај „Јоле“?

- Се разбира. Предметот лежеше на патос, во собиче на крајот од долгиот ходник кој завршуваше со лажна врата - прецизно одговорил Влада Урошевиќ.

- Кој и да дојдеше таму и да го видеше предметот, ќе речеше „Ужас!“, и се враќаше во кафеаната со ококорени очи - рекол Миленко Пајиќ.

- Да. Секој што макар ќе погледнеше таму, шепотеше речиси без глас: „Ужас, ужас!“ и се враќаше назад треперејќи и придржувајќи се за ѕидовите.

 

Вртелешка на ветрот

Еднаш во „Јоле“ психијатарот Миодраг Мицев го прашал Влада Урошевиќ:

- Од што најмногу се плашиш, Влада?

Урошевиќ спремно одговорил:

- Од виор. Кога бев мал, скокав во трубата прав што ќе се појавеше низ сувата улица, зад станичните складови кајшто проаѓаше автобусот. И ја бркав таа мала вртелешка на ветрот низ скопските улици. Еден ден една жена ми ја пресече палавоста: „Лудо дете. Тоа е најопасно. Најопасно“. Од тогаш не сум стапнал ни во најмалиот виор, докторе.

 

Светец

Еднаш хрватскиот поет Данијел Драгојевиќ во „Јоле“ му раскажал случка на поетот Радован Павловски:

- Во чекална на забар седам до еден човек во средни години. Што сте вие?“, го прашав. „Јас сум светец“, ми одговори. „А што можете да направите како светец?“ „Ништо, ништо не можам да направам.“ „Тогаш, и јас сум светец.“ „Да, и вие сте светец“, ми рече тој.

- Што значи, имплиците, дека и јас сум светец - рекол Радован Павловски.

 

Изгубените чадори

Другпат хрватскиот поет Данијел Драгојевиќ во „Јоле“ му рекол на фантастичниот македонски писател Влада Урошевиќ:

- Кога после многу години дојдов на посета кај дедо ми и баба ми, се зачудив: во аголот на кујната, потпрени до ѕидот, стоеја сите чадори што сум ги изгубил низ неколку десетлетија во сите места низ кои сум поминувал и каде што сум живеел. Ги имаше најразлични. Секој од нив го знаев и го памтев. „Ете, сега сите се тука и ниеден не недостасува“, рече баба ми.



Слики: Пираро

ОкоБоли главаВицФото