Феминизмот и книжевноста во фокус: ,,Родот и градот” вечерва во Макка бар

28.10.2025 11:17
Феминизмот и книжевноста во фокус: ,,Родот и градот” вечерва во Макка бар

По успешната прва сезона, серијата разговори „Родот и градот“ се враќа со нов циклус посветен на врските меѓу културата, феминизмот и градот како простор на мислење, отпор и создавање.

Овојпат, во фокусот се Румена Бужаровска и Билјана Црвенковска, авторки чии книги се најдоа во финалниот избор на регионалната книжевна награда „Штефица Цвек“ 2025 – признание што ја промовира феминистичката и бунтовна енергија во современата книжевност.

Разговорот ќе го водат Марија Бошковска и Душица Лазова, членки на жирито на годинашното издание.

Настанот ќе отвори разговор за феминистичките гласови во литературата, книжевноста како политички и етички чин, и за моќта на раскажувањето да создава нови заедници и визии за иднината.

Тони, Румена Бужаровска (ТРИ)

Во „Тони“, Румена Бужаровска храбро се оддалечува од женската перспектива карактеристична за нејзините претходни дела и создава нарација од гледна точка на еден емоционално дисфункционален и нарцисоиден маж. Јазикот е остар и јасен, нарацијата динамична и постојано изненадува со пресврти. Во комбинација со мајсторската употреба на хумор и иронија, романот е лесно читлив и вознемирувачки во исто време. Бужаровска остроумно и искрено го вовлекува читателот во светот на Тони – производ на емоционална незрелост, патријархат и класна привилегија наследена од таткото. Романот е лесен за читање, но тежок за процесирање. Токму затоа „Тони“ се издвојува како потребен, провокативен и незаборавен дел од оваа селекција.

Приказни од Ѕунливото Море, Билјана С. Црвенковска (ИД-Концепт / Чудна шума, 2024)

Оваа книга за деца ја препорачуваме на сите читатели, големи и мали, бидејќи раскажува приказна преполна со фантазија, а сепак се занимава со реални и актуелни „жешки“ теми. Во магичниот универзум што Црвенковска го гради, низ авантура по авантура, протагонистот Ален ги обработува темите на врсничкото насилство, родовите предрасуди, еколошката свест и прифаќањето на различноста. Преку сонувањето и откривањето, Ален расте и стекнува храброст да им се спротивстави на насилниците, а процесот на иницијација е вешто изграден и примерен за најмладите читатели. На јазично ниво, книгата не разочарува: изразот е чист и јасен, а јазикот игрив. Игривоста се постигнува со смело воведување новоизмислени зборови и оживување на заборавени изрази. Јазикот има клучна улога во создавање на наративна динамика што го вовлекува читателот во светот на Ѕунливото Море.

 

ОкоБоли главаВицФото