Дигитална лабораторија на омразата

29.10.2025 00:56
Дигитална лабораторија на омразата

Секогаш кога ќе видам спонзориран пост во вестите на единствената социјална мрежа што сè уште повремено ја проверувам – пост на некој локален политички екстремист или партија што ги негира климатските промени, се смета за попаметна од сите лекари и научници, шири лаги за труење на луѓето или проповеда пропаста на цивилизацијата – за момент се насмевнувам. Знам дека залудно потрошиле неколку евра од некој „културно-воен“ буџет, фрлени во празно. Но, тоа е слаба утеха. Дигиталното семе на омразата и стравот што го сејат ревносно, потпомогнати од наклонетите алгоритми, паѓа на плодна почва – особено меѓу младите. А особено меѓу младите мажи.

Политико минатата недела откри како тоа изгледа во реалноста, објавувајќи приватна онлајн преписка меѓу лидерите на подмладокот на Републиканската партија. На повеќе од 2.900 страници пораки, тие политичари од новата генерација ги споредуваат луѓето со потемна кожа со мајмуни, фантазираат за тоа како би ги испратиле своите политички противници во гасни комори, сонуваат за силување на непријателите, расправаат како да ги натераат на самоубиство, додека ги фалат Хитлер и Републиканците за кои веруваат дека го поддржуваат ропството. Претставници на сите политички опции – меѓу нив и Републиканци – веднаш се дистанцираа од тие изјави, иако потпретседателот Венс се обиде да ја спушти топката, тврдејќи дека „тоа се само млади луѓе, а децата прават глупости“. Но тие „деца“ не се деца. Станува збор за млади мажи на возраст од 24 до 35 години.

Содржините преполни со омраза што кружат низ мрежата, секако, не ги обликуваат ставовите на тие момци на некаков автоматски начин, но оваа сеопфатна поплава од расистички, сексистички, хомофобни и слични пораки со кои денес растат младите луѓе, несомнено придонесува за тоа. Истражувањето што минатата година го објави Центарот за истражување на превенцијата на насилство при Универзитетот во Даблин покажа колку брутално ефикасни се алгоритмите во ширењето на мизогинијата и идеологиите за машката надмоќ. Истражувачите креирале празни профили, наведувајќи единствено дека корисникот е млад маж. Потоа ја следеле содржината што им ја препорачувале социјалните мрежи. Резултатот бил јасен и загрижувачки: за помалку од половина час, сите профили биле преплавени со содржини од „маносферата“ – од антифеминизам и теории за „алфа мажјаци“ до наводна загрозеност од „ЛГБТ+ идеологијата“, глорификација на насилството и екстремистички пораки за подреденоста на жените. Таквиот материјал се појавил без никакво активно пребарување. За алгоритмите била доволна само претпоставката дека некој е маж за да му го „послужат“ овој токсичен идеолошки пакет. По три часа следење, се покажало дека 75 проценти од целокупната содржина била отворено токсична. Социјалните мрежи на младите мажи им нудат свет во кој еднаквоста на сите се смета за проблем.

Особено префинетиот дел од таа пропагандна машинерија се однесува на пораките за мотивацијата, парите и менталното здравје на мажите – теми што изгледаат легитимно, но се прожемени со пораки на омраза. Нешто што почнува како обична мотивациска објава за „машкоста“, за миг се претвора во тврдење дека жените се манипулативни и дека феминизмот го уништува семејството. Инфлуенсерите – меѓу нив и Ендру Тејт, чиешто име во експериментот се појавило 580 пати – ги зачинуваат тие пораки со говор за самодисциплина, успех и богатство, па тоа за младите што бараат структура во хаотичниот свет претставува мошне привлечен мамец.

Содржините што кружат низ „маносферата“ се темелат на три столба: приказни за кризата на машкоста, псевдонаучни теории за полот и родот и мотивациски совети за тоа како да се збогатиш и да „освоиш“ жени. Првиот столб ги претставува мажите како жртви на феминизмот и либералното општество, кое наводно ја разурнало традиционалната фамилија, ја избришало машкоста и на нејзина сметка ги издигнало правата на жените и ЛГБТ+ лицата. Вториот користи псевдонаучен речник за да ги оправда непроменливите, биолошки детерминирани родови улоги, сведувајќи ги жените на сексуални суштества врз кои мажите треба да доминираат и да ги контролираат. Патријархалниот поредок се претставува како „природен“ модел на човечките односи. Третиот столб, пак, ја нагласува личната одговорност: ако си сиромашен, депресивен или осамен – сам си виновен. Меѓутоа, „маносферата“ веднаш нуди и решение: сигурноста се стекнува преку финансиска и физичка самодисциплина, потиснување на емоциите и доминација над жените. Тоа се пораките што ги добиваат тинејџерите кои минуваат часови и часови на мрежите, во потрага по припадност, идентитет, смисла. Ден по ден, алгоритмите им сервираат содржини што го хранат, нормализираат и зацврстуваат светогледот исполнет со омраза – сè додека и самиот свет не почне да изгледа таков: опасен, расипан и – за мажите изгубен.

Во 2004 година излезе фалениот документарец на Морган Спурлок Јас во XXL големина (Super Size Me), во кој тој еден месец јаде исклучиво во McDonald’s. Не е изненадување: се здебелил речиси 15 килограми, почнал да се соочува со ментални проблеми, го изгубил либидото и му се разболел црниот дроб. Како што Спурлок го хранеше телото, така денес младите го хранат мозокот. Часовите што ги минуваат на социјалните медиуми се еквивалент на постојано прејадување со брза храна – само што тука штетата се гледа во нивните умови: тие се затруени со омраза.

Алгоритмите немаат совест и немаат чувство на одговорност. Тие ја препознаваат само ефикасноста. Емпатијата, сомнежот, почитта, разговорот, солидарноста – тоа се вредности што во нашето време слабо се „продаваат“. А ако целосно им се препуштиме на технологиите водени од профитот, ќе завршиме во свет во кој луѓето знаат како да кликнат – но не и како да мислат. Затоа, во овој момент најголемата надеж доаѓа од студентите и студентките од Србија, кои речиси една година протестираат на улиците, барајќи одговорност од политичарите. Тие се доказ дека младите сè уште знаат да размислуваат – и да дејствуваат.

Авторот е словенечки социолог и професор на Универзитетот во Љубљана.

Карикатури: Oguz Gurel

Извор: https://www.delo.si/

Слични содржини

ОкоБоли главаВицФото