1028 hPa
93 %
-3 °C
Скопје - Сре, 17.12.2025 04:00

При стеснет простор и отсуство на поддршка за критичко културно делување, во време на отворен антагонизам кон феминистичките заложби и јавни и институционално поддржани хомофобични и трансфобични политики, колку далеку може да одат и колку слободно може да се остварат културните и активистичките себеистражувачки пракси на (младите) квир/FLINTA жени*, транс* и родово флуидни луѓе?
Возобновената QUEER програма на тринаесеттото издание на Фестивалот за феминистичка култура и акција ПРВО ПА ЖЕНСКО нема конечен одговор на ова прашање, но тука е да ги испита можностите. Водејќи се од носечката тема на овогодишниот фестивал, квир програмата заговара дека сите сме соучесници во ослободувањето од системите што нѐ гушат, сите имаме своја улога, а совршени сојузници-истомисленици не постојат. Токму нашата разнообразност и политичка волја се наши клучни предности и она што најмногу ги плаши оние што сакаат да нѐ држат конформирани и послушни.
QUEER програмата е внимателно курирана за биде поистоветна со локалната квир заедница, а пред сѐ со лезбејските* и трансфеминистички дружини кои за нас одат рамо до рамо. Со тоа програмата свесно ги нагласува и притоа ги проблематизира идентитетските политики и прашува што значи да се биде „лезбејка“, „би“, „геј”, „транс“, „буч“, „фем“…? Од една страна, денес за многу (млади) квир луѓе, помислата да бидат „етикетирани“ делува ужасно ограничувачки – тогаш кога е возможна – и тие радо би ја отфрлиле за „плуралистички свет на бесконечна различност“.
Од друга страна, токму тие идентитетски категории го означуваат активистичкиот труд на генерациите што нѐ доведоа чекор поблиску до слободата, како и јазикот што им бил достапен за да се препознаат меѓусебе и да ја означат својата различност. Затоа, гласно прашуваме, како да се биде „квир“ отаде индивидуализираното бунтовништво на родовата/сексуална/панкерска трансгресија која одбива да ја препознае својата (безбедна) позиција, а поблиску до комплексноста и амбивалентниот потенцијал на заедниците активист(к)и кои од историска нужност се здружувале под идентитетски чадори во обид „да направат ‘место’ за себе во гужвата“?
.jpg)
За да ги истражиме можностите и потребите од меѓугенерациско квир сојузништво, оваа година програмата тргнува од дома, од тука и сега, за да обмислиме каде понатаму. Започнуваме на 30 октомври со изложбата „Историјата на собирите на ЛГБТИК+ жените од регионот“ на ЛГБТИК+ архивата „Аркадија“ од Србија во КСП Јадро со почеток во 20 часот. Преку архивски фотографии од регионалните собирања на лезбејки, бисексуални и квир жени од Србија, Хрватска, Босна и Херцеговина, Црна Гора, Македонија, Словенија, Албанија и Косово, од 1990-тите па до денес, изложбата ни ги доближува бројните разговори и уметнички интервенции што ја преиспитувале ѝсторијата на лезбејското* организирање во регионот, поврзувајќи го со сегашните предизвици и осмислувајќи стратегии за новите генерации активист(к)и.
По отворањето на изложбата која претставува своевидна историски втемелена етнографија на регионалните заедничарења на квир жените*, низ трансгенерациски дијалог со тукашни и регионално активни активистки од неколку генерации ќе продолжиме да ги мапираме формите, културните пракси и потребите на лезбејското* активистичко движење. Без да бегаме од сентименталност и носталгија – сѐ додека минатото го пречитуваме како потенцијал што може да се трансфомира во нашите заложби за иднината – вечерта ќе ги прославиме лезбејките што го скршија молкот во јавниот дискурс, ќе се потсетиме на генијалните просторни и уметнички интервенции на првата македонска лезбејско-феминистичка група „ЛезФем“ и ќе позборуваме за денешните сафички и трансфеминистички колективи, содржини и неостварени желби. Овој дијалог е начин да се најдеме одново и да се надоврземе одговорно.
А бидејќи некогаш најрадикалното нешто што можеме да го направиме во свет што пробува да нѐ столчи е да живееме како да сме веќе слободни, вториот дел од QUEER програмата одбира да нѐ спои преку квир радоста (queer joy), играта и телесното задоволство. Инспириранa од спекулативниот активистички пристап на adrienne maree brown која во центарот на напорите за подобар свет и заедничарење ги става задоволството и креативната енергија, трансдисциплинарната уметница Клелија Живковиќ ќе нѐ води низ работилница за рачно украсување на текстил со наслов „Работа со раце (wink): Задоволството како отпор“ која ќе се одржи на 1 ноември во 11 часот во кафе-барот Љубов. Додека ги дотеруваме парчињата во кои ќе сме автентично свои, ќе поразговараме за еуфоријата да се чувствуваш пријатно во сопствената кожа, за облеката како личен манифест и за задоволството не како луксуз, туку стратегија за преживување.
.jpg)
Вечерта, во 21 часот назад во Љубов, ве очекува кабаре шоу со нашите дрег кралеви Лазарус, Падре Долоросо, Один и ем-си Чичо, во продукција на Бучкуруж, платформа која „го преиспитува идентитетскиот хаос на сите лезбејки*, транс и родово-флуидни лица, самопрокламирани фем машкуданки, dyke принцези и сите помеѓу“. Како уметничко-боемски простор, кабарето во XX век било родово субверзивно, политички ангажирано и експериментално прибежиште на ноќниот живот, каде преку песна и танц, политичка сатира и еротика ѝ се спротивставувале на цензурата, пуританството и растечкиот фашизам. Нецели сто години подоцна, кога фашистичките фантазии повторно шетаат на отворено, десничарската реторика повторно меле за традиционалните вредности, а телата се дициплинирано суспендирани во недостаток на слободен ноќен живот, гламурозно се качуваме на сцената наконтени со бисери и пердуви, зашто и отпорот заслужува да светка под рефлектори.
По кратка пауза, програмата ја заокружуваме на 15 ноември со проекција на документарниот филм „Лезбија“ (Lesvia, dir. Tzeli Hadjidimitriou, 2024) со почеток во 20 часот во Јавна соба. Филмот ја раскажува 40-годишната ѝсторија на лезбејската заедница во едно мало грчко село на островот Лезбос, нивната потрага по љубов, слобода и заедништво и судирот со локалните жители. Како лезбејка родум од Лезбос, режисерката Цели Хаџидимитриу се наоѓа на пресекот меѓу овие две групи, но истовремено ја ужива довербата да им се приближи и автентично да ги раскаже нивните приказни. По проекцијата ќе имаме прилика во живо да поразговараме со режисерката за потенцијалот и предизвиците на овој тип комуни, за меѓугенерациските јазови и различните поимања на лезбејскиот* идентитет од 70-тите па наваму.
Финално, она што ја обединува QUEER програмата на ППЖ е клучната улога на колективот наспроти (или низ) несогласувањата, неуредноста и постоечките тензии во процесот на градење мрежа на поддршка, знаење и солидарност што би воделе кон слобода. Затоа, една топла препорака – не го премислувајте и не се предомислувајте, дојдете, има место за сите во гужвата.
.jpg)