1024 hPa
93 %
2 °C
Скопје - Пет, 14.11.2025 02:59

Моноспитовско блато
Сликарот Панче Ѓорѓиев е сликар-раскажувач. Во неговото долгогодишно творештво, без разлика на фокусот и тематиката на определен ликовен циклус, секоја слика поединечно раскажува приказна која се вклопува во целината на конкретниот творечки опус.
По прашање на пејзажот, оваа карактеристика на Ѓорѓиев доаѓа до особен израз. Неговиот длабоко рефлексивен експресионизам во изведбата на делата кај пејзажите има најсилен ефект. Природната околина како инспирација е верно доловена со крупните потези на многуте слоеви боја врз платното. Исто така во секој пејзаж е втиснат печатот на авторот: нагласена емоција, креативна „деформација“, драматичен колорит и субјективна перспектива која на публиката ѝ дозволува да ја има гледната точка на сликарот.
Во духот на најдобрите експресионисти, пејзажите на Ѓорѓиев раскажуваат приказна со силен психолошки набој, експлозивен внатрешен израз, и „подредување“ на надворешната форма и боја на внатрешната реалност на уметникот. Додека гледаме во верниот приказ на определена сцена врамена во пејзаж, истовремено „влегуваме“ во вселена со паралелно време и со паралелни димензии. Времето на овие пејзажи тече различно на платното од она како тоа тече нормално во Струмичката Котлина, главниот топос од кој уметникот „позајмува“ сцени за да ги наслика. Пејзажите на Ѓорѓиев ја имаат волшебната моќ да покажуваат наеднаш две различни времиња и места. Токму затоа, можеби несвесно, но никако случајно, некои од сликите не се квадратни или правоаголни, туку кружни. Кругот како форма, но и како движење е древен знак за совршенство, за вечност, за бесконечност и за сеопфатност. Уште од Платон и Аристотел, преку Дионисиј Ареопагит и Тома Аквински кругот е поврзан со метафизичкото вонвременско совршенство. Спојот на експресионизмот и кругот кај Ѓорѓиев има додадена уметничка вредност. Во него најсилно се забележува драматичната и контрастна палета на бои која има симболична функција. Просторот е свиткан, нестабилен, но композицијата е центрирана така што без оглед дали се работи за кружна, квадратна или правоаголна рамка, погледот е привлечен од гравитацијата на центрипеталните потези на четката на Ѓорѓиев. „Вовлечени“ сме во неговиот уметнички свет не само преку визуелниот приказ на пејзажите, туку и преку сето она што уметникот го доживеал додека сликал.
Здивот на залезот
Ќе се обидам да го доловам напишаното погоре низ неколку избрани слики од опусот на пејзажите на Ѓорѓиев.
Една од сликите со кружнен формат го носи името „Здивот на залезот“. Типично за Ѓорѓиев, врз платното се нанесени обилни количини боја. Конечните нијанси на сино, на розово, на црвено или на зелено се создадени со мешање многу други пигменти. Сепак за композицијата се добива минималистички впечаток. Она што на прв поглед го гледаме се контури и прелевања. Совршено вклопени во совршениот круг небото и долината се „довикуваат“ преку врвовите на планината. Сѐ е подготвено за мирен премин од ден во ноќ. Ноќта нема да ја проголта планината ниту долината. Залезот на сонцето е „последен здив“, но не во конечна смисла, туку како смирен сигнал за кружното движење на Земјината топка околу Сонцето, кое пак се врти во круг заедно со целата галаксија. Има нешто успокојувачко во сликата во нејзиниот наслов. Потврда за ветувањето дека повторно ќе осамне ден.
Совршенството на кругот е сродно со совршенството на музиката. За ова совршенство сведочи пејзажот именуван според најпозната композиција на Гершвин и воопшто една од најпознатите музички творби – „Рапсодија во сино“. Ова исклучителна експресионистичка слика е спој на чудесна рамнотежа на бои, перспектива, сооднос и движење.
Рапсодија во сино
Не случајно зборот композиција се користи и во музиката и во сликарството. Совршеното во композицијата на звуците и на нотите е забележано уште од Питагора. Тој открил дека колку соодносот меѓу фреквенциите е поедноставен, толку звукот е поубав, почист и попријатен. Она што во даден миг може да „изгледа“ и да „звучи“, комплексно е збир на фреквенции со едноставен сооднос. Исто е и со сликањето. Златниот пресек е „златниот“ стандард и тој е основа на секоја слика. Но, таа едноставност уметнички се надградува така што едноставните фреквенции во музиката и потезите на четката во сликарството раскажуваат најубави приказни. Сликата „Рапсодија во сино“ ги претворила стеблата, крошните и лисјата на дрвјата во музички инструменти. Ѓорѓиев „диригира“ со шумата-оркестар. Звуците во сино „полетуваат“ нагоре и „лебдат“ во етерот на пејзажот. Виолетовата боја има смирувачки ефект, а модрозелената упатува на она специфично чувство што го обединува човештвото, чувството на носталгија, но не по нешто што сме го имале и сме го загубиле. Тоа е носталгија за што немаме точно име, нешто што само го насетуваме, а неизмерно го посакуваме.
Со други зборови, копнееме по состојбата која најблиску би се опишала како во безбедноста на мајчината утроба. Искусуваме такви мигови, но тие не може да се задржат како трајна состојба. Она што не можеме да го направиме ниту еден од нас во видливата реалност, може да го направи уметникот со четка и боја.
Панче Ѓорѓиев „заробил“ еден таков миг во пејзажот именуван како „Спокојот на природата.“ Експресионизмот на Ѓорѓиев тука се граничи ако не и преминува во модерната фигуративна апстракција. Соодносот меѓу препознатливоста на она што е претставено на сликата со автономното надминување на предметноста на насликаните објекти создава впечаток на нешто познато, блиску и безбедно, а сеедно изненадувачко, ново и неизвесно. Врз тој сооднос е вкрстен набојот кој всушност дише со спокојство. Природата во својата видлива форма и физичко постоење е исто така збир на математички и физички формули кои математичарите и физичарите ги гледаат како крајно убави. Експресионизмот со примеси на модерна фигуративна апстракција на Ѓорѓиев е дијалог меѓу невидливата и видлива физика, меѓу појавата и формулата, меѓу предметот и симболот, меѓу времето и вечноста. Од тој спој природата црпи спокој, а уметникот Ѓорѓиев му помага на неспокојното човештвото да се поврзе со спокојот на природата.
Спокојот на природата
Кога влегуваме во таков спокој, се случува магија. Магичното само навидум им пркоси на природните закони. Со самото постоење на нешто, а не на ништо, не кои постоиме и свесни сме за тоа, сведочиме за магија. Од памтивек се обидуваме да ја одгатнеме магијата на постоењето. Каква и да е конечната стварност, таа едноставно мора да е магична. Инаку како тоа од ништо да настане нешто? Или нештото вечно да постои, или некоја вечна сила да биде почеток на сѐ друго? Кој и да е одговорот, тој во себеси содржи магичност. Магијата е само повисоко ниво на физичките феномени. Ова е особено точно за сликата насловена како „Магична есен“. Навистина, што е магично во есента? Зар немаме совршени природно-научни објаснувања за таканареченото горење на лисјата кога од зелени стануваат жолти, пурпурни и пламеноцрвени? Зар не знаеме дека тоа се должи на распаѓањето на хлорофилот кој е основа за зелената боја? Дека жолтата, и портокаловата, црвената и пурпурната биле веќе во листот? Ова се совршено точни, прецизни и уверливи одговори. А сепак, кога гледаме шума во есен пред нас се создава магија. Што е тоа што предизвикува толкава естетска реакција во нашите умови, та нѐ доведува до солзи? Има нешто повеќе од само физичките закони. Сите тие заедно прават целото да биде поголемо од збирот на неговите делови. Гледаме и маѓепсани сме!
Панче оваа магија ја овековечил. Пред сината заднина на небото во очите на набљудувачот на „Магична есен“ феноменот на природните процеси преминува ви волшепство. Композицијата, палетата на боите, соодносот на колоритот, движењата на четката – сите совршено објасниви во рамките на физичките закони – прават трансцендентен премин во магичното, во натприродното. Но, ниту една натприродна состојба не може да биде неприродна зашто сѐ е во склоп на постоењето. Уметноста во сите нејзини форми, вклучувајќи го и сликарството, се медиуми за „пробив“ на магичното во обичното.
Магична есен
Оваа магичност како заклучок нѐ води во последната слика на овој осврт. Тоа е сликата „Водопад“. Вратени сме во основната форма на физичкото постоење – водата која е истовремено основа за секоја и секаква форма на живот. Водата е насекаде во сѐ и пак останува она што е. Ја покрива Земјата и извира од нејзините длабочини. Како што библиската книга на Проповедникот вели, „Сите реки течат во морето, но морето не се преполнува: тие одново се враќаат кон она место, од каде што потекуваат, за да течат одново“, (Проповедник 1:7). Пејзажот „Водопад“ на Ѓорѓиев е уметничка „стилска фигура“, убаво балансирана композиција истовремено и тече и стои. Односот меѓу зелената и сината со примеси на светлокафена е сведување на трите бои кои ја дефинираат Земјата, сината на небото која се рефлектира во водата, зелената на вегетацијата и кафената на почвата. Воздух, вода и земја! Ни треба уште оган. Но, тој е тука, веќе споменат во опусот на пејзажите видлив во магичното менување на боите на лисјето.
Ѓорѓиев ја насликал сликата „Водопад“ инспириран од она што го видел во природните богатства на Беласица, но насликаното носи и свет кој е „скриен“ во неговиот ум и гледајќи ја сликата и ние се соочуваме со неговите тајни. Се крие ли нешто зад падот на водата, или таму има само обична карпа? Којзнае? Оваа, сликите кои беа коментирани и оние од целиот опус на пејзажи раскажуваат приказна за природата испреплетена со магија.
Тоа е посебниот подарок на Ѓорѓиев за сите љубители на уметноста!
Водопад