1007 hPa
37 %
29 °C
Скопје - Пон, 11.05.2026 19:59

Воедно и отворено писмо до:
Министерот за култура на РСМ, г-н Зоран Љутков
Директорката на Управата за заштита на културното наследство на РСМ, г-ѓа Весела Честоева
Генералниот директор на ЈП МРТ, г-н Марјан Цветковски
Претседателот на Собранието на ММИ, г-н Александар Масевски
В.д. директорот на Институт за фолклор „Марко Цепенков“, проф. д-р Зоранчо Малинов
Во двата претходни текста „До кога со кражби и злоупотреби на македонскиот музички фолклор“ и „Сагата со кражбите и злоупотребите на македонскиот музички фолклор продолжува“, објавени на 18 и 29 септември 2025 година во Билтенот од нашиот сајт http://buzar.mk и реобјавени на порталот Окно, ние укажавме на сериозниот криминал во користењето на македонскиот музички фолклор и ансамблите на МРТ во грамофонски плочи издадени надвор од Македонија. Со реобјавувањето на плочите издадени пред повеќе од 50 години на YouTube, издавачите продолжуваат да остваруваат приходи, прекршувајќи ги законските одредби во нивните земји во кои по истекот на сродните права (50 години) за следните 20 години (вкупно 70 години) се должни да склучат договори со изведувачите (односно нивните наследници) и да им исплаќаат по 20% од остварениот приход. Продолжувањето од 20 години е направено според Директивата на ЕУ 2011/77 во која стриктно се наведуваат овие услови.
Воедно, во вториот текст („Сагата продолжува“) ние ги повикавме институциите кои се одговорни и надлежни кај нас да се бават со заштитата на македонското културно наследство, да реагираат и да се обратат до соодветните институции од земјите во кои се реобјавуваат овие материјали, за да запре незаконското стекнување приход, што претставува кривично дело.
Уште повеќе: во овие случаи, покрај економските, сериозно се повредени и моралните права, преку погрешното наведување на насловите на ората, изведувачите и авторите, што само уште повеќе укажува на односот од издавачите кон нашиот музички фолклор и неговите изведувачи. Уште пострашно е што се работи за официјални ансамбли на МРТ, во основа државни ансамбли, кои со години се плаќани од надоместот од претплатата на граѓаните.
Ние досега наидовме на овој проблем кај четири поста на Jутјуб-каналот на архивот БужАр. Кај два поста, за орото „Поступано“ и песната „Нели го видовте Асанеја“, со оглед на непостапувањето на Croatia Records, по нашата жалба во рокот од 30 дена, Jутјуб веќе ги избриша рестрикциите што се јавуваа кај нашето видео и двата поста влегоа во подрачјето на јавниот домен за слободно користење.
Ова е бездруго голем успех за нас и потврда за борбата против злоупотребите и бесправното користење на македонскиот музички фолклор и неговите изведувачи. Ние го сметаме за успех и тоа што Jутјуб ги тргна линковите кои ги вметна во нашиот пост и кои водеа до спорните постови на грамофонските продуценти.

Но, очекувајќи ги одговорите од другите две жалби, до Jутјуб поднесовме и нова жалба за отстранување на рестрикциите по однос на продуцентските права за нашиот пост од 19 јуни за орото „Невестинско“ од Колекцијата Брзанов, дигитализирана во БужАр. Таму како носител на продуцентските права се појави ПГП-РТС (Белград).
Плочата со ова оро е издадена во 1967 година (Pesme i igre naroda Jugoslavije, Catalog #: LPV 177) и пред истекот на 50 години, ПГП-РТС ја поставило на PGP-RTS Zvanični Kanal (YouTube, 4 март 2016), но сега се поставува прашањето со кои изведувачи е потпишан договорот (дури и при првото објавување) кога најнапред орото погрешно се води како „Долненско зарамо оро“, во изведба на „оркестар чалгија“, а како автор и аранжер се јавува Пеце Атанасовски. (Инаку на постот на ПГП-РТС некој реагирал, опоменувајќи дека насловот на орото е „Скопско рамно свадбарско оро“, а не „Долненско зарамо оро“.)
.png)
Ние ова оро го поставивме на Jутјуб врз основа на дигитализираната Колекција Брзанов во БужАр, од истакнатиот македонски етномузиколог Миле Брзанов (1943–1997), но во подолгиот текст за овој пост наведовме дека МРТ има изработено и ТВ емисија, во која се гледа дека извонредното соло и воопшто целото оро е креација на кларинетистот Апостол Гелевски и нема никаква врска со Пеце Атанасовски.
Паралелно со овој наш напис испративме и нова жалба до Jутјуб, наведувајќи ги аргументите кои не беа оспорени ни во првиот случај.
Но, се разбира главниот потег е на нашите институции.