1024 hPa
93 %
2 °C
Скопје - Пет, 14.11.2025 02:59

Во рамки на примирјето посредувано од САД, што израелската влада и палестинскиот Хамас го постигнаа на 9 октомври, Израел ослободи речиси 2.000 Палестинци од своите затвори, од кои многумина беа притворени без формално обвинение. Сепак, договорот за примирје не опфаќа повеќе од 300 палестински малолетници кои сè уште се наоѓаат во затворите низ Израел. Исто така, речиси половина од тие деца се притворени без обвинение, додека останатите најчесто се обвинети за фрлање камења, дело за кое е предвидена максимална казна од 20 години затвор.
На спротивниот пол од начинот на кој израелските власти ги третираат Палестинците се наоѓаат припадниците на криминалните банди што се намножија во Газа за време на двете години воен хаос, чиишто јавни егзекуции од страна на Хамас по воспоставувањето на примирјето ја шокираа меѓународната јавност. Освен тоа, тие му послужија на израелскиот премиер Бенјамин Нетанјаху како аргумент за да најави дека ќе го прекине примирјето доколку Хамас продолжи со своите „варварски и неодговорни акции кои претставуваат најголема закана за израелскиот и палестинскиот народ“. Во тоа го поддржа американскиот Стејт департмент, кој се закани дека ќе „преземе мерки со цел заштита на населението во Газа и зачувување на интегритетот на примирјето“.
Но, ниту израелските ниту американските власти не спомнаа дека токму Израел ги финансира вооружените групи што се судираат со Хамас, ниту дека таа поддршка продолжила и по потпишувањето на примирјето и повлекувањето на израелската војска од делови на Појасот Газа.
На почетокот на јуни годинава, Авигдор Либерман, претседател на опозициската десничарска партија „Јисраел Бејтену“, изјави дека израелската влада ги вооружува криминалните банди во Појасот Газа и дека премиерот еднострано одобрил испорака на калашниковки на палестинскиот клан, односно милиција позната под колоквијалното име Абу Шабаб. „По директива на премиерот, израелската влада им дава оружје на криминалци и престапници поврзани со Исламската држава, а колку што ми е познато, таа одлука не поминала низ кабинетот“, изјави Либерман за јавната телевизија. Тој додаде дека со одлуката бил запознаен шефот на разузнавачката служба Шин Бет, додека „не е сигурен“ за главниот командант на армијата.
.jpg)
Нетанјаху подоцна ги потврди тврдењата на Либерман, изјавувајќи дека на тој начин „се спасуваат животи на израелски војници“ и дека владата „се служи со различни средства за да го порази Хамас, врз основа на препораките на сите шефови на безбедносниот апарат“.
Со споменатиот клан, односно милиција, раководи 32-годишниот Јасер Абу Шабаб од Рафа. Пред да ја формира бандата која минатата пролет ограбуваше хуманитарни конвои, тој се занимавал со шверц на дрога, поради што власта на Хамас во 2015 година го осудила на 25 години затвор. Познато е и дека неговиот клан е поврзан со џихадистички групи од Египет, но во рамки на шверцерски операции.
Групата на Абу Шабаб дејствува на подрачјето на Рафа, кое е под воена контрола на Израел, а Хамас во мај објави видео кое, како што тврдат, докажува дека таа група во име на израелската војска претресува згради пред во нив да влезат припадници на ИДФ. Анонимен извор од Хамас за либанскиот весник Ал Акбар изјавил дека групата брои околу 300 членови и дека повеќето од нив биле регрутирани преку разузнавачката служба на Палестинската самоуправа, која управува со Западниот Брег и со која Хамас е во непријателски односи, но тоа не е потврдено.
Ова не е првпат да се зборува дека владата на Нетанјаху поддржува милиции или терористички групи во борбата против заедничкиот непријател, тоа го правеа и претходните израелски влади. Уште во раните 1980-ти го поддржуваа Хамас со цел да внесат раздор меѓу секуларните националисти во ООП на Јасер Арафат и религиозните исламисти од Хамас, односно да го спречат создавањето обединето палестинско раководство.
Дека владата на Нетанјаху и во претходните негови мандати го поддржуваше Хамас, сведочат изјавите на бројни израелски функционери, меѓу нив и поранешниот шеф на Шин Бет, Јувал Дискин, кој во 2013 година токму Нетанјаху го опиша како „клучна личност заслужна за зајакнувањето на Хамас“. И поранешниот премиер Ехуд Барак во 2019 година сведочеше за таквата „стратегија“ на Нетанјаху, чија цел, како што рече, била „секогаш да може да тврди дека Израел нема со кого да преговара“.
Откако во јуни беше објавено дека израелската војска во Газа ги вооружува криминалните банди, Јаир Голан, претседател на опозициската партија Демократи, изјави дека „Нетанјаху, кој му доставуваше куфери со готовина на Хамас, врз основа на погрешното уверување дека Хамас му користи на Израел, сега промовира нов опасен концепт — вооружување милиција поврзана со ИСИС“.
.jpg)
Голан се осврна и на добро познатата епизода во која катарското кралско семејство, во договор со израелската влада, со години го финансираше Хамас, во износ што, според наодите, достигнува и до милијарда долари. Кога во 2019 година беа објавени фотографии од запленети куфери со кеш наменет за Хамас, Нетанјаху, според Jerusalem Post, изјави дека тоа финансирање било дел од поширока стратегија за да се одржуваат непријателските односи меѓу Хамас и Палестинската самоуправа.
Според пишувањата на бројни медиуми, израелската влада уште од почетокот на офанзивата во Газа во октомври 2023 година настојува меѓу влијателните семејства таму да најде некој што би можел да ја преземе контролата во повоена Газа, а тоа да не бидат ниту припадници на Хамас, ниту на Палестинската самоуправа. Мухамед Шехада, гостин-истражувач во Европскиот совет за меѓународни односи, за порталот Responsible Statecraft изјави дека „офицери на Шин Бет активно им приоѓале на луѓето нудејќи им оружје, пари и работни места за да се спротивстават на Хамас“.
Станува збор за старешини на влијателни и добро организирани кланови кои бројат и по неколку илјади членови, но, според разговорите што ги водел Ројтерс со нив, ниту еден клан не прифатил соработка од страв од надмоќниот Хамас. Сепак, како што вели Шехада, одредени поединци прифатиле, на пример, од најмоќниот клан Догмуш, кој во минатото соработувал и со Хамас и со Фатах. Лани Хамас, под обвинение за соработка со Израел, го погуби старешината на кланот, Салех Догмуш, а во последните судири меѓу двете групи беа убиени повеќе од 50 членови на ова семејство и 12 припадници на Хамас.
.jpg)
Шехада додава дека израелската влада, бидејќи не успеала да најде потенцијални сојузници меѓу водечките семејства, сè повеќе се свртува кон посомнителни групи, а една од најмалку четири со кои воспоставила соработка е токму онаа на Јасер Абу Шабаб. Израелскиот портал Ynet на средината на октомври објави дека и водачот на еден клан во Хан Јунис, Хусам ал Астал, јавно признал дека соработува со Израел, а британскиот Sky News кон крајот на истиот месец објави видео на кое се гледаат припадници на уште една милиција, по име Ал Манси, како со камиони транспортираат опрема од база на ИДФ на израелската граница.
За порталот Responsible Statecraft, поранешниот советник на Палестинската самоуправа Халед Елгинди изјави дека соработката со овие палестински групи за Израел е драгоцена, затоа што „се работи за групи што не се раководат од политички, туку од тесно лични интереси“, додека „со тоа што им плаќа на самите Палестинци да се борат против Хамас, Израел може да се дистанцира од насилството што се случува во тој процес “.
„Израелскиот безбедносен естаблишмент порано се стремеше кон одржување стабилност по секоја цена, но сега изгледа дека го гледа хаосот како предност. Краткорочно, таа нестабилност може да му послужи како изговор повторно да започне војна во Газа, додека долгорочно ќе му обезбеди аргумент дека Палестинците се едноставно премногу разединети и милитаризирани за да можат искрено да преговараат“, изјави палестинскиот експерт, пред Израел, во вторникот на 28 октомври, да го прекрши примирјето и повторно да започне напади во кои беа убиени повеќе од сто лица во Газа. Овојпат, повод не беа егзекуциите на противници извршени од Хамас, туку погрешна идентификација на телата на заложници што Хамас, според договорот за примирје, требаше да ги предаде на израелските власти.
.jpg)
Карикатури: Mahmoud Rifai
Извор: https://www.portalnovosti.com/