1024 hPa
93 %
2 °C
Скопје - Пет, 14.11.2025 01:59
Бесно ме развлекува олујниот крвав вител на животот,
и јас себе се немам – о, колку копнеам по мир!
Чувствувам дека на луѓето би им бил поголем пријател
да можам да ги гледам низ призма од кристална тишина.
Луѓето се раскинуваат за коска слобода и среќа.
Власта им е главниот олтар во храмот крваво осквернат,
а мене секоја власт ми е одбивна,
слободата и среќата ги гледам само во гробот на сите грижи.
О, да бидеш слободен од сите грижи,
да одиш низ животот со волшебното стапче на тишината,
на сите кризи да гледаш од врвот од кој невидливи се катастрофите,
да го имаш совршенството на смирена душа,
да бидеш шетач низ животот,
да се имаш себеси –
зарем тоа секогаш ќе биде само копнеж по вечното потпевнување
на уморното: никогаш?
Во вечниот копнеж по мир на врвот на највисоките сознанија,
јас и ќе умрам онака како што живеев,
протеран гостин од самиот себе,
раскинат од олујниот крвав вител на животот,
кој и самиот го витосав и самиот бев негова –
своја сопствена жртва.
Превод: П. В.
Аугуст Цесарец (1893 – 1941) – југословенски и хрватски писател, новинар и револуционер, една од најкомплексните и најтрагичните фигури на југословенската модерна и левичарска литература. Роден е во Загреб, каде што во младоста се вклучил во социјалистичкото и работничкото движење. Поради својот политички ангажман бил неколкупати апсен. Како гимназијалец бил исклучен од училиште заради „анархистички идеи“.
Припаѓа на кругот на хрватските авангардисти и левичарски интелектуалци околу списанијата Književna republika, Plamen и Savremenik. Со Мирослав Крлежа го делел пријателството и идејните расправии — двајцата се бореле против конзервативната, националистичка културна клима во меѓувоената Југославија.
Бил посветен социјалист и антифашист. По нападот на нацистите и воспоставувањето усташки режим во 1941 година, бил уапсен во Загреб и — без судење — стрелан од усташите во првите денови на режимот, во група со други левичари и интелектуалци. Имал само 48 години.
Во неговите дела преовладуваат чувството на личен и општествен немир, копнежот по внатрешна и општествена слобода, противречноста меѓу индивидуата и општеството, гневот кон неправдата и угнетувањето, и трајната потрага по „мир во самиот себе“. Неговата личност се доживува како симбол на интелектуалец кој не се мири со компромисите на времето — човек кој живеел и загинал за своите убедувања.