1024 hPa
93 %
2 °C
Скопје - Пет, 14.11.2025 02:59

Пред неколку седмици неидентификувани дронови го нарушија воздушниот простор на Европската Унија, што доведе до свикување на вонреден состанок на европските лидери во Данска. Ваквите упади, всушност, зачестија во последните месеци: најмалку десет земји – од Полска и Романија, преку балтичките држави, па сè до Франција – пријавија сомнителни активности на дронови. Овој тренд јасно укажува на тоа колку е Европа изложена на безбедносни ризици поврзани со руската кампања на хибридно војување.
Но, можеби најголемиот ризик за европската безбедност доаѓа од САД, со оглед на тоа што администрацијата на претседателот Доналд Трамп на надворешнополитички план се определи за курс втемелен на парохијализам и конфронтација.
Администрацијата на Трамп не го крие презирот кон безбедносните гаранции што Америка досега им ги даваше на сојузниците, меѓу другото и на оние од НАТО. Февруарската тирада на потпретседателот Џеј Ди Венс на Минхенската безбедносна конференција – кога им порача на европските лидери дека најголемата закана за безбедноста на нивните земји доаѓа „одвнатре“ – е една од манифестациите на таквиот став. И иако американската администрација тврди дека сè што бара е и другите членки на НАТО да се придржуваат до преземените обврски – особено кога станува збор за издвојувањата за одбраната – би било крајно наивно ако Европа смета дека САД во секоја варијанта ќе се држат до својот дел од договорот.
За администрацијата на Трамп „Америка на прво место“ не е само пуст слоган, тоа е политички етос со кој се оправдуваат свртувањето на Америка кон самата себе, каприциозноста и трансакцискиот пристап без никаква основа во правилата, нормите или вредностите. Но, не е „Америка“ таа што е на прво место во таквото уредување, туку Трамп и најтесниот круг луѓе околу него, кои откако се врати во Белата куќа, енормно се збогатија. На пример, со една од извршните наредби на Трамп, на Катар му се даваат целосни безбедносни гаранции, а Катар неодамна ѝ подари на Америка авион вреден 400 милиони долари, кој сега се преуредува за да служи како Аир форс 1 за потребите на претседателот на САД и тој пример јасно покажува колку е проблематична и опортунистичка станата американската надворешна политика.
.jpg)
Лекција за генералите
Сега, меѓутоа, администрацијата на Трамп од трансакциска преминува во конфронтациска фаза. На вонредно закажаниот состанок во Квантико, база на Корпусот на маринците, министерот за одбрана Пит Хегсет им одржа лекција на генералите – ги имаше над 800 – пристигнати од сите страни на светот(и со големи трошоци), повикувајќи на враќање на „воинствениот етос“, отфрлајќи ги „глупавите“ правила на военото ангажирање и прогласувајќи крај на „воук ѓубрето“, вклучувајќи го и „поклонувањето пред олтарот на климатските промени“.
Но, Трамп е тој што го сумираше тој нов американски пристап кон безбедноста, потврдувајќи дека Министерството за одбрана отсега повторно ќе се вика „Министерство за војна“. (Конгресот сè уште ја нема потврдено оваа промена на името.) Со ова се поништува одлуката од 1949 година чија цел беше да се комуницира посветеноста на Америка на самоконтрола, легалитет и цивилна контрола на војската, донесена во време кога САД ја преземаа улогата на гарант на стабилен, на правила втемелен меѓународен поредок. Со оваа промена, според тоа, се сигнализира американското отфрлање на тој поредок, на кој меѓународните односи – вклучувајќи мултилатерална соработка и заемно корисни економски ангажмани – почиваа подолго од осум децении.
Последните американски потези најавуваат еден погруб свет, во кој околу воздушните и поморските линии се водат спорови, синџирите на снабдување стануваат сè покршливи, сојузништвата повеќе не се јасно дефинирани, експлицитното проектирање на сила има примат над дипломатијата, а земјата која толку долго придонесуваше за глобалната стабилност повеќе ја нема на повидок. Згора на тоа, новата американска Стратегија за национална одбрана – според исказите на оние што имале увид во нацртот на овој документ – им дава предност на „внатрешните и регионалните мисии“ насочени кон заштита на „татковината“ во однос на напорите што се вложуваат во спротивставување на заканите во форма на моќни непријатели како Кина или Русија.
Остатокот од светот веќе почна да се прилагодува на оваа нова стратешка реалност. Некои земји, како Австралија и Јапонија, работат на интензивирање на одбранбената соработка со САД. Други, како Индија, Турција и заливските држави, играат на повеќе страни, определувајќи се за стратешка диверзификација. Но, кога станува збор за Европа, адекватната реакција видливо изостанува.
Дури и ако не дојде до повлекување на американските сили од Европа, прераспоредувањето на трупите е неизбежно. И затоа, во случај да дојде до избувнување на некаква безбедносна криза – што повеќе не е незамисливо, имајќи го предвид руското хибридно војување – ЕУ мора да биде подготвена да реагира. Но, додека Полска, балтичките и нордиските земји брзаат со повторно вооружување, другите држави далеку заостануваат зад нив. Дури и иницијативите покренати на ниво на Унијата – Европскиот фонд за одбрана, заедничката стратегија на одбранбената индустрија, Програмата за зајакнување на европската одбранбена индустрија преку Законот за заеднички јавни набавки, и финансискиот апарат Безбедносна акција за Европа – трпат поради фрагментација.
.jpg)
Ера на војната
Се издвојуваат три императиви: Развивање сопствени воени капацитети: Фокус на снабдување со муниција, обука и оспособеност на воздушната одбрана – наместо на печатење коминикеа.
Обезбедување кохезија: Санкциите и контролата на извозот треба да се спроведуваат униформно, без поединечни исклучоци од заедничките правила.
Користење на економската сила за јакнење на геополитичката позиција: ЕУ има капацитети да обезбеди брз напредок во повторното вооружување преку предвидливи, долгорочни нарачки за одбранбената индустрија. За ЕУ би било корисно и потесно да соработува со Велика Британија. Нововспоставеното безбедносно и одбранбено партнерство ЕУ и Британија е чекор во добар правец, но тоа заедничко дејствување нема да биде едноставен процес.
Ерата „одбрана“ е завршена, започна ерата „војна“. Фрагментацијата на ЕУ, за која често се дебатира како за техничко прашање, сега се покажува како сериозен недостаток, а издвојувањата за одбрана, на кои некогаш се гледаше како на дискреционо прашање, сега се прашање на опстанок. Што и да се случи следно, Европа не смее да ја заборави егзистенцијалната природа на безбедносните предизвици со кои се соочува – или пак несигурноста на Америка како партнер. И мора сама да се избори за статус на стратешки актер.
.jpg)
Карикатури: Anne Derenne
Извор: https://www.slobodenpecat.mk/