1024 hPa
93 %
2 °C
Скопје - Пет, 14.11.2025 02:59

Коранот и градот
Еднаш во „Јоле“ младиот колумнист и писател Рамадан Рамадани го прашал скопскиот хроничар и писател Данило Коцевски: „Знаеш ли ти, Данило, дека во Коранот е запишано дека сите градови на светот ќе бидат срушени, а граѓаните ќе бидат претворени во мајмуни?“
„Сум слушнал за таква работа“, претпазливо одговорил Данило.
„Значи, со ’Скопје 2014’ преродбенички работите според Коранот!“, се подбивал Рамадан Рамадани, оџа и писател на кратки фикции.
***
Друг пат Данило Коцевски му рекол на Рамадан Рамадани: „Знам каде се остатоците и камењата од градбата на Бурмали џамијата, ама не кажувам“.
Рамадани вчас пламнал: „Знаеш ли ти, ситен апологету на микроскопскиот провинциски фараон, дека од Скопје уште не е тргната клетвата на Исмаил Хаки паша, никогаш трговијата да не процвета во овој злобен град?!“
Данило Коцевски толку се растревожил од оџата Рамадани, што брзо отрчал од „Јоле“ накај Старата Чаршија, до лековитиот извор Медах Баба, да пивне малку од ајазмото и да се смири.
Ништо не е ко што изгледа, синко.
Пасажот Ароести
Данило Коцевски му објаснувал на писателот и некогашниот новинар Томислав Османли дека главниот скопски плоштад просто мора одново да се наполни со објекти: „Сети се, Томи, на објектите на улицата Орце Николов при нејзиниот влез на плоштадот: од десна страна беа палатата Мацура, аптеката, подрумот за точење алкохол, бурекџилницата, лимонадџилницата и кројачот; од левата страна беа слаткарницата, Музејот, киното Младина и Куклениот театар...“
„Аха“, заклучувал Османли, „ груевистичките споменици, значи, се замена за аптеката, подрумот за точење алкохол, бурекџилницата, лимонадџилницата, кројачот, киното Младина и Куклениот театар.“
„Размислуваш како нихилист, Томи“, налутено велел Данило Коцевски и заминувал накај пасажот Ароести, оти длабоко во себе знаел дека објектите исчезнуваат, но дека нешто од нивниот здив и мирис останува во сетилата.
***
И друг пат Томислав Османли се обидувал да го вразуми Данило Коцевски: „Скопјани го сакаат својот град на еден особен, можеби патетичен, дури мелодраматичен начин. Не е ни чудно. Тие еднаш веќе го загубиле.“
„Не го изгубиле еднаш, туку многу пати... Ама, сепак ќе кажам, сегашнава власт не руши, туку гради!“, одговорал Коцевски.
„Жив и здрав да си, Данило. Да не се расправаме премногу: минатото ни е страшно, сегашноста неподнослива, цела среќа што немаме иднина“, заклучувал Томислав Османли.
.jpg)
Зошто сум депресивен? Зашто сум просветлен, ете зошто!
Слики: Бил Вајтхед