1002 hPa
100 %
5 °C
Скопје - Саб, 07.02.2026 04:02

Со цел да се поттикне реупотреба, размена и одржливост, здружението АРНО го отвори првиот Центар за поправки „Ништо Ново“ во Скопје. Лоциран во општина Кисела Вода, овој простор им овозможува на граѓаните сами да извршуваат различни поправки и да учат нови вештини. Центарот претставува нов чекор во насока на поттикнување одговорна потрошувачка, нудејќи алат, опрема и можности за учење.
Антонио Даниловски од АРНО за Мета.мк вели дека во „Ништо Ново“ граѓаните ќе можат да поправаат најразлични предмети со алатите што ги имаат во центарот. Освен тоа, организираат и работилници со ескперти, мајстори и шивачки кои ги учат присутните на нови вештини.
Тој објаснува дека уште од почетокот на функционирањето, центарот има одржано повеќе од 40 работилници од различни области.
„Од отварањето имаме одржано повеќе од 40 работилници. Имавме работилници за текстил, реупотреба на текстил и отворени денови за текстил. На отворените денови имаме шивачка која им помага на граѓаните, а на работилниците учат како да шијат. Разликата меѓу двете е што на отворените денови доаѓаат граѓани кои веќе учествувале на работилниците што сме ги одржиле. Сме имале машинско шиење, рачно шиење, работилници за везење. Па имавме работилници за поправање на накит, за пренамена на стари блузони во легла за домашни миленици и работилница за поправка на велосипеди, каде граѓаните си носеа велосипеди, а мајстор им покажуваше како да ги поправаат“, објаснува тој.

Како што вели Даниловски, целта на центарот не е граѓаните да ги остават предметите за поправка, туку да научат сами да ги поправат.
„Целта на Ништо Ново не е да оставиш нешто и да си заминеш, па ние да го поправиме, туку граѓаните да стекнат вештини“, потенцира тој.
Друг вид на активност е разменотека, која поттикнува повторна употреба на предмети кои веќе не им се потребни на граѓаните.
„Имавме и разменотека каде луѓе си носат предмети кои не ги користат и си ги менуваат. Имаше синтисајзер, кафемат, табла, книги, накит-секакви предмети“, раскажува Даниловски.
Во наредниот период, центарот планира нови активности и теми за поправки.
Од ноември сакаат да организираат повеќе работилници кои ќе бидат фокусирани на поправка на куфери, работилница за електроника, за чистење на тастатури и компјутери како и за поправка на накит.
Работилниците се објавуваат на социјалните мрежи на „Ништо Ново“ и на АРНО, каде што заинтересираните лица пополнуваат формулар и потоа присуствуваат на работилниците.

Со својата работа, ценатарот цели да ја промовира идејата за намалување на конзумеризмот и одговорна потрошувачка.
„Сакаме да се поттикне намалувањето на конзумеризмот и намалувањето на купувањето. Моментално има облека за наредните 100 години, и да не произведуваме имаме облека за толку долго време. Затоа ние пробуваме да ги охрабриме луѓето да реупотребуваат облека, да дадат на друг“, објаснува Даниловски.
Во центарот сите алати се достапни за користење. Пример, граѓаните можат да дојдат и искористат една од машините за шиење што се наоѓаат во центарот.
„Ништо Ново“ е прилично иновативен концепт за Македонија, додека низ Европа веќе има многу вакви центри.
На располагање на граѓаните им е и библиотека на алати кои може да се изнајмат.
„Пример, за да не купувате бормашина ако ја користите еднаш во две години, да не правите трошок, имаме бормашина која ја изнајмуваме за симболична цена. Имаме повеќе такви алатки“, додава Даниловски.

Покрај тоа, центарот располага и со различна друга опрема која може да се користи или изнајмува. Таму може да се најдат перачи под висок притисок, вертикална пегла, компресор за воздух и слично.
Даниловски нагласува дека центарот се одржува и со мали донации од граѓаните.
„Ги охрабруваме граѓаните кога ќе дојдат да остават донација, дури и да е 10 денари, бидејќи сепак купуваме материјали како конци, игли и слично. Кога станува збор за донации од текстил, во моментот имаме текстил кој го користиме на работилници. Текстил може да оставите тука, а ние го даваме за работилници во затворот Идризово, на ‘Копче’ или Црвен крст. Примаме донации и за алати“, додава тој.
Бидејќи просторот е ограничен, моментално не можат да ги примат сите донации на облека, но им помагаат на граѓаните да најдат соодветни места за донирање.
„Оние што ќе ни пишат на социјалните мрежи, обично ги упатуваме до каде е најлесно да се донира. Да имавме поголем простор, ќе можевме да примаме и мебел и поголеми работи кои ќе можеме да ги поправиме и донираме. Сега за сега, примаме донации од типот на алати, а за текстил граѓаните може да ни пишат па ќе им кажеме каде може да донираат“, објаснува Даниловски.
Со ваквиот концепт, „Ништо Ново“ претставува прв обид во земјава да се поттикнат граѓаните да поправаат наместо да фрлаат, модел што веќе успешно функционира во многу европски земји и кој може да ја приближи Македонија кон поодржлива иднина.

Извор: https://meta.mk/