Без кралеви, но и без барони

06.11.2025 00:51
Без кралеви, но и без барони

Франција, Велика Британија, САД па дури и Германија, се соочуваат со сериозни фискални проблеми поради растечките обврски за пензии, социјални програми и воени расходи кои политичарите не сакаат да ги намалат, додека истовремено одбиваат да ги зголемат даноците. Има луѓе кои веруваат дека демократијата лошо влијае врз фискалната разумност, бидејќи на демосот не може да му се објасни дека мора да живее според своите можности. Но постои и друго објаснување: вистинската причина за фискалните проблеми е тоа што не живееме во демократија, туку во олигархија која повремено ни дозволува да гласаме.

Слободните и фер избори на луѓето со слободно време и пари им овозможуваат да освојат јавна функција, но тоа не е исто со освојувањето на моќта. Откако ќе бидат избрани, независната централна банка им ја ускратува контролата врз монетарната политика, додека веќе преоптоварените буџети и стравот од губење на довербата на инвеститорите го ограничуваат она што може да се направи во областа на фискалната политика. Не е ни чудо што најталентираните меѓу нас претпочитаат да се откажат од политичка кариера, отколку беспомошно да гледаат како делуваат сили врз кои немаат никаков удел.

Во меѓувреме, техниките на извлекување вредност (екстракција) се шират сè повеќе. Во Франција, најновото жариште на фискалните тешкотии, богатството на 500-те најбогати семејства порасна од 6 проценти од националниот доход во 1996 година на 42 проценти во 2024. Нешто слично се случи и во останатиот дел на Европа, вклучувајќи ја Германија, па дури и скандинавските засолништа на социјалдемократијата.

Речиси ништо од наглиот раст на богатството на најбогатите не може рационално да се објасни со зголемена продуктивност или со некаков исклучителен претприемачки дух. Главните генератори на концентрацијата на богатството беа долготрајниот пад на реалните плати и претворањето на голем дел од населението во пролетаријат без сигурност – прекаријат. Тука се и новите начини на кои големите компании извлекуваат вредност од државата и ги разградуваат јавните услуги, зголемувајќи ги идните буџетски обврски, како и новите можности за избегнување даноци за најбогатите.

Додека ги експлоатираат работната сила и државните ресурси со ефикасност каква што во педесеттите и шеесетите години не можеше ни да се замисли, сопствениците на капитал ги занемаруваат и премиите за сопственото осигурување – штедат на даноците благодарение на кои државите успеваа да го контролираат незадоволството и да ги заштитат сопственичките права. Освен тоа, државите им ги покриваат загубите кога ќе изгубат во казино, им исплаќаат несразмерно високи надоместоци за сè полошите приватизирани услуги и ги одржуваат во живот картелите на некогашните јавни комунални претпријатија кои со вртоглаво зголемување на цените дополнително ги исцрпуваат приходите на мнозинството.

Владејачките политичари на тоа одговараат со натрупување непокриени обврски за социјална заштита и пензии, кои паѓаат на товар на сè посиромашните држави, при што ја губат поддршката од јавноста. Кога инвеститорите во обврзници очекувано ќе полудат, медиумите се преполнуваат со предупредувања за претстојна должничка криза, често прикажувајќи стари снимки од грчките протести против Меѓународниот монетарен фонд и странските доверители. „Сите мора да го стегнеме ременот“, гласи пораката, „за да не станеме нова Грција“.

Се разбира, кога велат „сите“, мислат на нешто сосема друго. Малкумина се осмелуваат јавно да го оспорат етичкото оправдување на аргументите за зголемување на даноците за супербогатите, но штом се спомне таква можност, олигарсите го вадат својот крунски адут: ако нè оданочите, ќе се преселиме во Дубаи, Монако, можеби и на Марс. Тргнувајќи од аксиомата дека тоа само по себе е лоша работа, владејачките политичари веднаш попуштаат и се откажуваат.

Среде таквата нерамноправна класна војна, владите се стиснати помеѓу нервозните инвеститори во обврзници и популистите што делат секакви ветувања и разгоруваат националистички страсти, насочувајќи се кон избрани жртвени јарци – од самохрани жени што живеат со мачки и трансродови лица до муслимани, Евреи и очајни бегалци.

Кога ќе дојдат на власт, ксенофобичните популисти паѓаат во селективна амнезија и го забораваат ветувањето дека ќе го заштитат страдалничкото мнозинство. Се повикуваат на наследените фискални проблеми, продолжуваат со истите мерки на штедење што го создадоа незадоволството кое ги донесе на власт и драстично ги намалуваат социјалните давачки. На луѓето сомелени под товарот на прекумерните даноци, експлоатацијата и ниските плати им држат предавања за патриотската должност да се смеат и трпат. И, секако, стегањето на ременот воопшто не придонесува за објавената цел – фискална консолидација – бидејќи даночните олеснувања им се даваат на оние што од избегнувањето плаќање даноци веќе направиле олимписка дисциплина.

За да ја одржат својата база во состојба на бес и далеку од сите важни политички одлуки, се сценираат грозоморни глетки на суровост кон избраните жртвени јарци, како пастиш од средновековен авторитаризам наклонет кон милитаризам, патријархат и наводно божествено провидение. Бидејќи либерализмот веќе е извалкан како учење за слободата на елитите да ги ограбуваат сите други, нов идеолошки темел стануваат апсолутистичките ветувања за „еден народ, една партија, еден водач“.

Добрите луѓе, огорчени од враќањето сцени од страшното минато, излегуваат на улица во знак на протест, извикувајќи „Не на кралевите“. Но тешко е да се биде оптимист, иако глетката на толку многу луѓе што одбиваат да го прифатат грабежот на власта од страна на Големиот Водач е охрабрувачка.

Во возвишените хуманистички говори и жестоките уводници во знак на поддршка на движењето „Не на кралевите“ упадливо недостига анализа на сè што доведе Доналд Трамп во Белата куќа: тоа е непромисленоста на демократските барони кои, во партнерство со Реган, Буш и сличните, со децении го манипулираа системот, ја осиромашуваа државата, ги маргинализираа работниците и туркаа цели генерации во живот исполнет со постојана неизвесност.

Што би се случило ако центристите некако чудесно се вратат на власт? Ако се суди според досегашните резултати на главната струја во Демократската партија во САД, на Емануел Макрон во Франција и на премиерот Кир Стармер во Велика Британија, на незадоволните маси веројатно повторно би им било порачано дека мора да се помират со тоа што пензиите повеќе нема да бидат врзани со индексот на потрошувачките цени, а дека намалувањето на надоместоците за инвалидитет е неопходно за да се сузбијат неработењето и мрзеливоста.

Насочувањето на вниманието кон кралот, додека бароните се занемаруваат, нема да го спречи Трамп и неговите имитатори да продолжат да натрупуваат феудална моќ. Илузијата за силен лидер кој ги решава сите проблеми нема да се распрсне сè додека се одржува илузијата дека олигархијата навистина нуди можност за демократски избор. Кралот е безбеден сè додека истиот предизвик не им биде упатен и на бароните.

Карикатури: Anne Derenne

Извор: https://www.project-syndicate.org/