Климатските политики се подобруваат, но не доволно за да го запрат затоплувањето

06.11.2025 11:58
Климатските политики се подобруваат, но не доволно за да го запрат затоплувањето

Програмата на Обединетите нации за животна средина (УНЕП) на 4 ноември го објави новиот годишен извештај за состојбата со глобалните емисии на гасови со ефект на стаклена градина.

Извештајот Emissions Gap Report нуди две клучни перспективи: од една страна, колкаво глобално затоплување ќе предизвикаат емисиите на гасови со ефект на стаклена градина, а од друга – колку сегашните климатски политики, стратегии и цели се далеку од тоа да го забават и запрат затоплувањето.

Според извештајот, добра вест е што прогнозите за глобалното затоплување се малку намалени во однос на претходните проценки: наместо за 3,1 степени целзиусови, планетата Земја со оваа динамика ќе се загрее за 2,8 степени до крајот на векот, во споредба со прединдустрискиот период.

Клучниот збор тука е: „со оваа динамика“.

Имено, прашањето колку точно ќе се загрее Земјата во следните децении зависи од нашите сегашни емисии, а бидејќи низ светот се спроведуваат различни климатски политики, со различни степени на успех, овие проекции мора постојано да се ажурираат.

Како што наведува УНЕП, со моментално активните политики, планетата ќе биде потопла за 2,8 степени, но доколку се спроведат плановите што многу држави веќе ги поднесоа како дел од своите обврски според Парискиот договор, таа бројка би можела да биде пониска – околу 2,3 степени.

Со други зборови, климатските политики, а пред сè успешното напуштање на фосилните горива, навистина имаат ефект. Само што засега сè уште не се доволно амбициозни.

И затоплување од 2,3 степени сепак би значело пораз на целите кои пред точно една деценија беа запишани во текстот на Парискиот договор: ограничување на затоплувањето значително под 2 степени, со обид да се запре на 1,5 степени.

Денес, бројката од 1,5 степени изгледа речиси невозможна, пишува УНЕП.

Минатата, исклучително топла 2024 година, прва ја надмина таа граница, со рекордни +1,55 степени во однос на прединдустрискиот период. Се разбира, целите од Парискиот договор не се однесуваат на една конкретна година, туку на повеќедецениски просек.

Но додека 2024 година денес се смета за „екстремна“ и „исклучок“, таа наскоро ќе стане дел од (новото) нормално.

УНЕП наведува дека надминувањето на границата од 1,5 степени може да се очекува во текот на следната деценија.

Светот во моментов се загрева со стапка од околу 0,27 степени по деценија, но не се загреваат сите делови на светот еднакво.

Како што наведува УНЕП, евентуалното истапување на САД од Парискиот договор би можело да предизвика дополнително зголемување на температурата за околу 0,1 степен во годините што доаѓаат.

Тешко е да се следи и измери, а особено во реално време, како нашите политики и емисии долгорочно ја менуваат природата на Земјината атмосфера и, последователно, нашите животи.

Но сликата станува сè појасна – и покрај песимизмот што традиционално се поврзува со прашањето на климатските промени, таа сè појасно покажува дека добрите климатски политики навистина можат да имаат ефект.

Извор: https://klima101.rs/

ОкоБоли главаВицФото