Работниците и уметноста

07.11.2025 01:46
Работниците и уметноста

„Операта и балетот се во сржта на културата на многу луѓе кои живеат во Лондон и на југот на Англија“, рече еднаш во парламентот поранешниот конзервативен министер Џејк Бери (сега член на партијата Реформ УК). „Но, за многумина од нас на северот, тоа место го зазема нашиот локален фудбалски клуб – нашите Глајдборн, Кралскиот балет, Кралската оперска куќа или Ројал Шекспир Компани се Блекбурн Роверс, Акрингтон Стенли, Бароу, Карлајл или Сандерленд.“

Фудбалот има исклучително значење во животот на многу луѓе. Клубовите играат огромна улога во општествениот живот на малите градови (не само на северот), зашто внесуваат чувство на граѓанска гордост и на луѓето им даваат некаква колективна надеж и заедничка цел. Но, спротивставувањето на јужњаците што ја сакаат операта и северњаците што го обожаваат фудбалот се темели на некои од најбедните стереотипи за работничката класа и нејзината култура.

Студиите како величествената книга Интелектуалниот живот на британската работничка класа од Џонатан Роуз и подеднакво извонредната Народна историја на класиците од Идит Хол и Хенри Стед ја открија скриената историја за значењето на музиката и книжевноста во животот на работничката класа.

Сега новата книга на Александра Вилсон, Музиката на некои други, го разоткрива митот дека операта им е туѓа на работниците. Вилсон покажува дека во поголемиот дел од минатиот век операта била исклучително важна нишка во животот на работничката класа. Во 1934 година, додека Британија сè уште била погодена од големата економска криза, диригентот Џон Барбироли забележал дека за време на оперските турнеи, работниците ги пополнуваат евтините седишта, додека „богатите се впечатливо отсутни. Британските повисоки класи немаат силна потреба за култура.“

По Првата светска војна, театарската продуцентка Лилијан Бејлис го претворила Олд Вик во јужен Лондон во театарска и оперска куќа наменета за припадниците на работничката класа и се погрижила најевтината влезница да не чини повеќе од една кригла пиво. Театарот бил полн секоја вечер. Подоцна, Бејлис направила нешто слично и со театарот Садлерс Велс – на ужас на оперските снобови, од кои еден се пожалил: „Нема ложи.“

Во 1946 година, оперската трупа Сан Карло настапила во Ковент Гарден, а потоа еден месец настапувала пред многу поразлична публика во летувалиштата Батлинс, најпрво во Фајли, а потоа во Скегнес. Операта била толку популарна меѓу работниците што интелектуалците почнале да ја презираат како недоволно интелектуална. Од работничката класа не доаѓале само оние што седеле во публиката, туку и самите изведувачи. Едно неодамнешно истражување за британските оперски пејачи помеѓу 1850 и 1960 година покажува дека 41 процент од нив потекнувале од работнички семејства, а речиси ниту еден од привилегирани класи.

Денес, голем дел од културата на работничката класа не само што исчезна, туку и падна во заборав. Во голема мера причината за тоа лежи во променетиот однос помеѓу државата и уметноста. Тачеровската идеологија на слободен пазар од осумдесеттите, здружена со акцентот на новите лабуристи на „општественото влијание“, не само што ја претвори уметноста во стока, туку и ја инструментализираше – вредноста на едно уметничко дело не се гледа во самото дело, туку во неговата способност да поттикнува економски раст, урбана обнова и, пред сè, „општествена инклузија“.

Но ова е и приказна за промената на работничката класа. Стариот однос на работниците кон уметноста го обликувале движења и колективни организации кои им овозможувале на луѓето да влезат во светот на културата што нивната класа и образованието им го ускратувале. Некои од тие организации биле формални – како хорови, дувачки оркестри, музички клубови и библиотеки. А некои биле неформални мрежи. Велшкиот рудар Роберт Морган, кој подоцна станал поет и печатар, во своите мемоари со наслов Мојата ламба сè уште гори раскажува како работниците во неговото село редовно се собирале во куќата на еден од нив, Џеф, за да ја слушаат неговата збирка со класична музика. На тој начин тие престанувале да бидат „рударски работници што извршуваат неквалификувана и опасна работа во утробата на земјата“ и се претворале во „привилегирани човечки суштества изложени на нешто извонредно“.

Разурнувањето на заедниците на работничката класа последниве децении и распаѓањето на колективните организации ги уништија тие традиции. Самообразовото (автодидактичко) движење, забележува меланхолично Роуз, „исчезна заедно со фабриките“. Се промени и перцепцијата на класните разлики. „Елитата“ стана опис на она што само една генерација порано се нарекуваше „владејачка класа“. Оваа терминолошка промена покажува дека класниот јаз денес се сфаќа помалку како разлика во економската моќ, а повеќе како културна разлика. Тој пресврт неминовно го менува начинот на кој луѓето ги перципираат уметноста и класата, нагласувајќи ја, меѓу другото, елитната и исклучива природа на високата уметност.

Додека некогаш постоела тенденција кон „изложување нешто извонредно“, денес политичарите и културните администратори се опседнати со поимот „релевантност“ – уметноста како нешто што луѓето мора веднаш да го препознаат и со кое мора веднаш да се поистоветат. „Незадоволните тинејџери кои живеат ужасни животи не сакаат да ги проучуваат Дикенс и Шекспир“, цитира Вилсон една наставничка, „зошто да не читаат книги што се релевантни за нивниот живот?“

Во тоа се крие претпоставката дека „обичните луѓе“ не се способни да разберат ништо што е предизвикувачко или комплексно. Таквиот беден, надмен став на работничката класа ѝ го наметнаа чуварите на средната класа – оние што дефинираат што е „релевантно“ и не знаат ништо за историјата на работничката класа. На таа група ѝ припаѓаат и оние што тврдат дека дипломите и докторатите од областа на хуманистичките науки се ирелевантни за човечкиот живот, како што минатата недела рече Кеми Баденох, претседателка на Конзервативната партија. Или пак оние што го спротивставуваат фудбалот на операта, небаре луѓето се неспособни да го сакаат и едното и другото. Како што забележа покојниот композитор Питер Максвел Дејвис, да се биде елитист значи „да се замислува дека работничката класа не е способна да ја разбере најдобрaта уметност“.

Слики: Jean Jullien

Извор: https://observer.co.uk/

Слични содржини

Култура / Уметност / Историја
Европа / Свет / Историја
Општество / Свет / Теорија / Историја
Култура / Уметност / Музика
Култура / Уметност / Историја

ОкоБоли главаВицФото