Грешка е младите да се сфаќаат како некаков монолит

07.11.2025 15:13
Грешка е младите да се сфаќаат како некаков монолит

 

Грешка е младите да се сфаќаат како некој монолит и да им се припишува некаква позитивна есенција.

Прво, денешните стари биле некогашните млади. Претходните генерации во свое време успеале да се ослободат од Отоманската Империја, да го победат фашизмот и да ја создадат Југославија. Значи, од религиозна закрепостеност преминале во секуларна, индустриска цивилизација со родова еднаквост, работнички права, пензии итн. И од тоа што сум видел, многумина од старите генерации биле со помодерни и понапредни сфаќања од многу денешни млади кои се изразито конзервативни и религиозни.

Второ: младоста не треба да се гледа како гарантирано позитивен развој на општеството. Факт е, на пример, дека младите се најлесно привлечени од радикалните движења, од кои голем број се тоталитарни (Хитлеровата Младина е типичен пример.) Ревносност и револуционерност, ама за што? Насочени во деструктивна насока, младите стануваат најбруталните и најсилно заслепените војници.

Трето, некои социолошки истражувања укажуваат дека со возраста и искуството (и разочарувањата) повеќето луѓе ги менуваат светогледот и политичките позиции. Како што зрее и старее човек неговите ставови вообичаено стануваат поконзервативни. (Ова во еден дел ги објаснува денешните стари кои во младоста биле со поопуштени гледишта.)


Никогаш нема да научи да лета ако продолжи вака.

Четврто, голем дел од младите веќе се во партиите, а една од тезите е дека партиите се неинтересни, одбивни и анахрони. Јас во животот не сум видел повеќе млади во партиските штабови и на партиските реклами отколку годинава.

Ако спасот е во младите, а младите постигнуваат рекорд во зачленување во партиите, за какви промени може да зборуваме? Или младите ќе ги реформираат тие партии преку нивното учество или партиите ќе ги 'партизираат' младите.

Од друга страна се поставува прашањето, каков профил млади би се зачлениле во ОВИЕ партии? И што кажува тоа за младите? Кажува дека мнозинството, сепак, не се толку модерни, или во тек со вештачката интелигенција и локалните и глобалните проблеми. (Емир е исклучок на својата генерација, а не правило. Што е ОК, така е со секоја генерација, едноставно повеќето луѓе, млади или стари, не се замараат.)

Петто, младите не се поинтелигентни од старите или возрасните. Младите се само поенергични, понаивни и поимпулсивни, што е биолошка предодреденост. Тоа не подразбира дека тие се подобри или поумни, или дека нивните решенија се инхерентно покорисни. Едноставно и кај младите и старите има глупи луѓе. Камо среќа паметот да зависеше од возраста, досега ќе бевме галактичка цивилизација.


Не, нема да го испразнам само за да ја добиеш играчката внатре

Шесто, наместо да збориме за млади и стари (и возрасни во средина на сендвичот), попаметно е да се зборува за култури и генерации. Секоја генерација има своја "култура" (склоп од сфаќања и навики), и корисно би било да ги споредиме предностите и слабостите на културите на различните генерации. Секој кој е барем елементарно запознат со денешните млади луѓе знае дека и нивната култура има еден куп проблеми.

Впрочем јас не би идеализирал или полагал надежи во сегмент на популацијата чија култура е да зазема ставови, и менува ставови после пар саати скролање рилсови на ТикТок. Стануваат преку ноќ активисти за оваа или онаа кауза, исто толку брзо и ја напуштаат таа кауза за нова.
Кул е да не се читаат книги (освен на Букток, таму е кул), ретко се има трпение за долготрајно внимание, естетиката е исто што и углед, а содржините (издржани или не) царуваат. Хобијата стануваат естетика, декорација на идентитетот и се тераат перформативно (за лајкови и прегледи) а се поретко се прават во приватноста за сопствено исполнување.

Едноставно интернетот постојано ги изложува младите на инстантна надворешна валидација или инвалидација, па ако хобито те прави "кринџ", менуваш со друго, трето, четврто, петто хоби и сѐ така, барајќи нешто што ќе ти донесе "аура", или со други зборови статус или слава.

Ставени во таква машина на инстантна валидација или инвалидација, културата на денешните млади се развива во средина која е поконформистичка отколку што на прв поглед изгледа и, би рекол, е попуританска од културата кога јас бев млад во крајот на 90-ите и раните 2000-ти.


Докторот вели ако не излезе наскоро, ќе мора да предизвика породување.

Дури и кога младите ефикасно се организираат во движења, намерите им се речиси секогаш позитивни, но резултатите се речиси секогаш неефикасни или негативни.

Младиот знае малку, но има илузија дека знае сѐ.
Дополнително, младите се поанксиозни, подепресивни, поневротични, поосетливи, социјално поанксиозни од нас "старците". Имаат поголема склоност да се аутистични или да имаат проблеми со дефицит на внимание.

Младите се и подлабоко judgemental, иако ретко го изразуваат тоа, а старите иако се погласно judgmental, не се толку сериозни.

Младите исто така имаат развиено сосема нови дигитални форми на bullying кои знаат да доведат и до самоубиство поради некој лајк некаде, или оговарање во групен чат, итн.

И тука има уште куп проблеми и предизвици со културата на денешната младина кои не можат да се добројат...

Ако така се погледнат денешните млади, имаат уште поголеми проблеми од претходните генерации.

И да се вратам на почетокот - денешните стари биле некогашните млади.

Што значи дека денешните млади набрзо ќе станат возрасни, па потоа и некогашните стари.


Тоа дете ќе се чувствува виновно цел живот.

Во реалност нема "стари" и "млади", има група на луѓе во СЕГАШНОСТА, кои имаат проблеми кои треба да се решаваат во СЕГАШНОСТА.

За решавање на проблемите не мора да се чека промена на генерации.

Па додека да "дојдат" младите тие веќе нема да бидат млади.

Ако една идеја е исправна, нема зошто да се чека некој друг да ја спроведува.

Впрочем придобивките во тие претежно западни, развиени земји на кои и ние и денешната младина се одушевуваме - брзи возови, ефикасен јавен транспорт, зелени технологии, вештачка интелигенција, социјални програми - се создадени од ПРЕТХОДНИТЕ ГЕНЕРАЦИИ, а не од денешната младина.
Така што, младите нема да нѐ спасат.

И очекувањето младите да нѐ спасат може да биде и фатално.

И впрочем, не е фер тие што сега ја имаат моќта за промени, и апсолутната власт, да го префрлаат товарот за развој на идните генерации.

Развојот е секогаш плод на работа во СЕГАШНОСТА, не доаѓа преку чекање на идната генерација.

Младите ќе имаат идни предизвици во иднина. Денешните предизвици се денешни, и сегашната генерација мора да работи во сегашноста. Ни младите не смеат да чекаат да дојде смена на генерации, треба да бараат развој СЕГА.


Фонтана на младоста

Слики: Дејв Коверли

Слични содржини

Општество / Свет / Став
Општество / Став
Општество / Активизам / Култура / Настан
Општество / Книжевност / Историја
Општество / Активизам / Живот
Општество / Активизам

ОкоБоли главаВицФото