Маседуан Ленорман и Киро Глигоров, втората среда

10.11.2025 14:00
Маседуан Ленорман и Киро Глигоров

 

Една од најчуваните тајни на „Јоле“ се викала Маседуан Ленорман. Мадам Ленорман била гатачка. Некои велат дека имала и натприродни моќи. Гатала со помош на карти, кристална кугла, огледало... Живеела во Солун и Париз, но неколку пати во годината доаѓала во Скопје. Потекнувала од македонско-еврејско семејство од Солун, кое во дваесеттите години на дваесеттиот век избегало од Солун во Франција, откаде и дошле во Солун, можеби во средината 19-иот век. Маседуан се родила во триесеттите години на 20-иот век. Понекогаш тврдела дека потекнува од славната Мари Ан Аделаида Ленорман (1772‒1843), писателка, книжарка, некромантка, картомантка... една од историски најпознатите гатачки и јасновитки која им гатала и на Наполеон и Џозефина, на пример. Тврдењата на Маседуан за потеклото веројатно биле измислица оти вистинската Мадам Ленорман не оставила никакви наследници освен еден братанец, млад побожен католик кој ги запалил сите нејзини окултни материјали, земајќи го само големото парично богатство што таа го оставила по смртта.

Нејсе. Еден ден во тајната просторија на гостилницата „Јоле“ на сеанса кај Маседуан Ленорман се појавил претседателот на Република Македонија! Киро Глигоров лично.

Глигоров во тоа време бил политички притеснет: ако Македонија сака прием во Обединетите Нации ќе мора да го прифати понижувачкото име БЈРМ. Затоа тогаш често се консултирал со влијателните Македонци, особено со националистите во интелектуалните кругови, од кои некои гравитирале кон „Јоле“.

И така, Киро Глигоров, во придружба на Денко Малески, тогашен македонски претставник во ОН, неформално дошол во „Јоле“, на состанок со највидните членови на групата МААК. Глигоров набрзо ја напуштил малата група (веќе разгневена, кон Денко Малески, поради неподносливите западни уцени и диктати) и заминал во тајната просторија на Мадам Ленорман, за која знаел само Јоле.


Мразам да се пакувам.

Тајната просторија била релативно мала, петнаесетина квадрати. Убав стар црвен кауч, две темнозелени фотелји, ѕидови обложени со темен тапет и во средината мала дрвена маса со две столици. На масата имало мала вазна со неколку цветови и некаков мал предмет прекриен со темно кадифе.

‒ Како сте, мадам? Ви благодарам што ме примивте ‒ рекол Киро.

‒ Драго ми е што можам да помогнам, ако воопшто можам ‒ рекла мадам Ленорман, на доста пристоен, малку архаичен македонски.

Маседуан носела широки маслинести панталони и сивосребрена кошула со долги ракави што паѓале преку дланките. Околу вратот имала тенка сребрена огрлица, а на рацете неколку прстени од оникс или селенит. Откако седнале на масата Глигоров рекол:

‒ Деновиве морам да донесам тешка и непријатна политичка одлука, госпоѓо, но не дојдов поради тоа.

‒ И тоа ми е драго, почитуван господине, што нема да разговараме за политика. Прочитав еден виц спремајќи се за нашата средба: Македонец фатил златна рипка, почнал да ѝ зборува за политика, а таа веднаш го прекинала: „Испржи ме веднаш, те молам!“ ‒ рекла мадам Ленорман.

‒ Се согласувам со златната рипка и сочувствувам, насмеано одговорил Глигоров. ‒ Македонецот, низ историјата, најчесто не го бивало за политика, дури ни во кафеана. Прашањето ми е просто: како ќе изгледа мојата земја за околу триесетина години?

‒ Мислите дека таа тешка политичка одлука може значајно да влијае на иднината, претседателе?

‒ Не верувам. Промената на името ќе биде привремена, додека не се стекнат услови за поискрен договор меѓу Македонија и Грција. Но, ме интересира мислењето на една паметна и вешта јасновитка за блиската иднина на оваа непредвидлива земја.



Тогаш Мадам Ленорман ја извадила темната ткаенина од малата кристална кугла што стоела на масата. Ја ставила куглата на метален постамент, да ѝ биде поблиску до очите, и ја вклучила дискретната ламба зад себе.

‒ Со куглава патувам, затоа е мала, тежи само еден килограм. Направена е од кварц. Ќе го намалам светлото, претседателе. Куглата така функционира, како многу нежен екран во кој се прекршуваат разни светлинки од просторијата. Всушност, куглата е повеќе средство самата да се фокусирам, да влезам во блага медитација, отколку екран.

‒ Екран како кафен талог на дно на шолјичка? ‒ прашал Глигоров.

‒ Така некако. Иако овој „екран“ е малце поспектакуларен, заради сферичната површина и кинетичноста, како тридемензионално кино...

‒ И кафениот талог има блага рељефност, зарем не, како мапа... ‒ прокоментирал Глигоров.

‒ Дозволете... ‒ рекла Мадам Ленорман и се загледала во малата светла кугла на средина од дрвената маса.

‒ ...На скопскиот плоштад гледам стотици чудовишни споменици, без никаков ред... Меѓу нив, во средината, стои како некаков џиновски фалус среде фонтана... Сè е многу грдо, евтино, како пластични лебеди по дворови или некаква бедна сценографија... По Вардар пловат тони ѓубре а на многубројните стаклени мостови и на плоштадот луѓето одат со искривени вратови и гледаат удолу...

‒ Има ли земјата некаква политичка власт или идеологија? ‒ прашал Глигоров.

‒ Лик налик на Чарли Чаплин, со елементи на кловн, многу долги чевли и голем црвен нос... Нему сите му се клањаат и многу неспретно и нечесно ги извршуваат неговите бедни желби... Уште додека му ги градат кулисите на малиот тиранин тие почнуваат да се распаѓаат...


Ќе се решиш ли веќе? Не можам цел ден да те пуштам те внатре те надвор!

‒ Океј, мадам Ленорман. Доволно беше. Можеби и прашањето ми беше погрешно... Во секој случај, драго ми е што ве запознав ‒ рекол Глигоров, видно смуртен.

На Маседуан ѝ требало малку време да ги исклучи визиите. Сфатила дека претседателот дошол по нешто друго.

‒ Мојата школа е Аполонова, господине Глигоров: „Запознај се самиот себе“. Она што го гледам веројатно е веќе во мене, не е „објективно“, туку е некаква мешавина од рефлексија, перцепција, интуиција...

‒ Мислев дека иднината може да даде појасен одговор за тоа кои сме ние воопшто, Македонците - рекол Глигоров.

‒ Прашањата за иднината во најголема мера се психолошки, а потоа и филозофски и естетски, во смисла формативни, продукциски: „створи се самиот себе“. Можеби глобалната историја на човекот оди во насока на клонирање, себесоздавање, но јас сум малку старовремска: „Запознај се самиот себе“.

‒ Вашата логика е и политичка, мадам Маседуан: за да делуваш мораш да го запознаеш полето на делување. Но, што ако откриеш нешто страшно, запознавајќи се себе?

‒ Тогаш ќе треба да го убиеш страшното, или радикално да го преобликуваш.

‒ Или да се убиеш себе?

‒ Пааа... Тоа е можеби контраеволутивно, неприродно.

‒ Или да се прогласиш за друг?

‒ Духовито, претседателе. Па за мимикрија Македонците имаат повеќевековен тренинг! ‒ се насмеала Маседуан.

‒ Добро, не е секогаш мимикрија туку е комплексност, слоеви: и самата имате грст идентитети, зарем не, мадам? Меѓу нив и македонски... ‒ рекол Глигоров.


Голем прогрес направивме денес. Ама ќе ни требаат уште сесии.

И така натаму. Уште цел час опуштено разговарале претседателот на Република Македонија и умната гатачка Маседуан Ленорман. При крајот на средбата Маседуан му рекла на Глигоров дека во една пригода ја запознала струмичката Баба Ванѓа која ѝ раскажала смешна анегдота со Гоце Делчев. Имено, бабата на попознатата македонско‒бугарска гатачка Баба Ванѓа (1911‒1996) исто била гатачка и еднаш, непосредно пред Илинденското востание, му гатала на Гоце Делчев. Ова е приказната што бабата на Баба Ванѓа ѝ ја раскажала на малата Баба Ванѓа, која приказнава ѝ ја прераскажала на Маседуан Ленорман, а сега ја слуша претседателот Киро Глигоров од Маседуан Ленорман, стотина години откако се случила.

‒ Измачен од недоумици и политички порази резигнираниот Гоце Делчев отишол кај Баба Ванѓа ‒ почнала Маседуан.

„Бабо, ме интересира односот на силите на Балканот, откако ќе си заминат Турците, што станува извесно. Кој ќе победи, зборот ми е, меѓу нас, малите народи?“

„Морам да фрлам паричка, за да видам“, рекла Баба Ванѓа.

„Како го правиш тоа?“, прашал Гоце Делчев.

„Фрлам паричка; ако горе биде писмо тогаш ќе победи Србија.“

„А ако горе биде глава?“, прашал Гоце.

„Тогаш ќе победи Грција.“

„Други можности нема?“, прашал Гоце.

„Има. Паричето може да падне и да остане така вертикално“, рекла бабата на Баба Ванѓа.

„И кој тогаш ќе победи?“, прашал Гоце.

„Па Бугарија.“

Гоце Делчев зоврел: „И тоа е сè?“

„Не е“, рекла бабата. „Господ може да направи и чудо, па паричката да остане да лебди во воздухот. Тогаш ќе победи Македонија.“

Во тој момент на вратата на тајната просторија дискретно чукнал Јоле, информирајќи го претседателот Глигоров дека Денко Малески почнува да збудалува во друштво со претставниците на МААК.

‒ Бескрајно ви благодарам, мадам Маседуан Ленорман, за овој умен, себеосознавачки и поттикнувачки разговор ‒ рекол Киро Глигоров и заминал да го спасува Денко Малески.


Наздравје

Слики: Дејв Коверли

ОкоБоли главаВицФото