Трамп и мегаломанијата во архитектурата

11.11.2025 00:41
Трамп и мегаломанијата во архитектурата

Кога ќе ги земеме предвид сите ужаси на втората администрација на Трамп, рушењето на Источното крило на Белата куќа тешко дека би се нашло меѓу првите десет. Но тоа претставува моќен симбол на слепото уништување – а како што добро знае самиот Трамп, сликите во политиката се исклучително важни. Ова рушење на необичен начин ги обединува многуте елементи карактеристични за типично трамповскиот пристап кон власта: бесрамните лаги за проектот на балската сала („Таа нема да ѝ пречи на постојната зграда. Ќе биде блиску, но нема да ја допира“), непочитувањето на законите (во овој случај правилата за заштита на културното наследство) и невидено ниво кронизам (кога разни директори на компании му се додворуваат на претседателот со донации за неговиот гротескен проект на самовеличење). Конечно, има нешто тажно во отстранувањето на зградата во која беа сместени канцелариите на американските први дами. Поради сето тоа, Трамповото касапење на Белата куќа се вклопува во поширокиот глобален тренд: популистичките лидери на радикалната десница во многу земји користат спектакуларна архитектура за спроведување на својата политичка програма, а особено за отелотворување на својата визија за „вистинскиот народ“ – „вистинските Американци“, „вистинските Унгарци“ итн. – во камен.

Непосредно пред Божиќ 2020 година, во последните денови од својата прва администрација, Трамп одвои време во својот преполн дневен распоред за да ја промовира големата лага дека наводно се кандидирал и победил на изборите само за да може да издаде извршна наредба со наслов „Промовирање на прекрасната федерална граѓанска архитектура“. Со таа наредба класицизмот беше прогласен за префериран стил на новите федерални згради, а малку недостасуваше модернизмот да биде целосно забранет. Бајден ја укина таа наредба, а Трамп потоа ја врати нејзината верзија годинава, токму на денот на својата втора инаугурација. Речиси сосема е заборавено дека наредбата од 2020 година одеше рака под рака со Трамповата „Комисија 1776“, несреќен обид за перење на американската историја. И наредбата за архитектурата и упатствата за наставата по историја имаа иста цел – промовирање на сликата за Соединетите Држави како чиста и „прекрасна“ земја.

Според начинот на кој ја користи архитектурата, Трамп не е пример за американска исклучителност, како што сугерираат неубедливите извештаи за „Трамп, вечниот градител“. И турскиот претседател Реџеп Таип Ердоган издигна огромни градби – од џиновската џамија во Истанбул, на плоштадот Таксим, до новата претседателска палата во Анкара. Притоа, Ердоган го промовира османлиско-селџучкиот стил како комплементарен на неговото неоосманлиско разбирање на Турција. Реконструкциите на историските градби на Дворскиот рид во Будимпешта, што ги спроведе Виктор Орбан, треба да го претставуваат „точното“ разбирање на унгарската историја. Индискиот премиер Нарендра Моди реконструираше хиндуистички храмови – во најконтроверзниот случај, на темелите на срушена џамија во Ајодја.

Образецот секогаш е ист: се отстранува еден слој од историјата – било да станува збор за периодот на Могулскиот период или, во Унгарија, за државниот социјализам со неговите модернистички градби – и реконструкцијата се слави како враќање на автентичноста и големината на одреден народ. Но зад симболичната порака за „вистинскиот народ“, овие градежни проекти всушност сведочат за доминацијата на актуелната власт. Нивната премолчена порака гласи: „Ние победивме, и земјата сега е наша.“ Таа порака граѓаните не можат да ја избегнат. Во секојдневниот живот можат да ја избегнуваат телевизиската и онлајн-пропагандата, но не и зградите. Дури и ако таквите автократски фигури бидат симнати од власт – а, секако, тие прават сè за да го одложат тој исход – нивните згради и споменици остануваат.

Додуша, случајот на Трамп во извесна смисла е единствен: тој зад себе веќе имаше низа згради пред да стане претседател – но повеќето од нив не се особено класични. Напротив, однадвор изгледаат модерно, а одвнатре јасно се гледа грозничавата, скороевска фантазија за Версај – која сега резултира со позлатена Овална соба, одраз на вкусот што критичарката Кејт Вагнер го опиша како „рококо како што го замислува локален продавач на автомобили“. Иако сите лидери на радикалната десница имаат склоност кон големи градби, ниту еден од нив досега не покажал опседнатост со балска сала. Причината веројатно е банална: банкетите и кетерингот спаѓаат меѓу ретките успешни бизнис потфати на Трамп. Таа сала треба да биде простор за неограничено ласкање на претседателот и за „склучување договори“.

Архитектите кои промовираат традиционалните стилови со најголемо задоволство ги остваруваа Трамповите идеи. Се разбира, стилот никогаш не може да се сведе на одредена политика; модернизмот сам по себе не е нужно прогресивен (некои фашистички градби во Италија се чуда на модернизмот). Но начинот на кој некои промотори на класицизмот зборуваат за убавината и инсистираат дека „јавните згради во класичен стил нè поттикнуваат да се гордееме со сопствената земја“ не е само назаден – тој ја легитимира мегаломанската архитектура со скромна естетска вредност.

Архитектот задолжен за балската сала, Џејмс С. Мекрири Втори, студирал и работел кај Ајзенман, голем поборник на „деконструктивизмот“ во архитектурата, правец што Трамп во својата извршна наредба експлицитно го исмева како „хаотичен“. Мекрири во еден момент нетрадиционалната архитектура ја прогласил за „безбожна“ и се специјализирал за сакрални градби. Ајзенман плановите за балската сала ги нарече „будалести“ и забележа дека „поставувањето на портикот на крајот, наместо во средината на долгата фасада, може да се нарече неуко“.

Тоа чудовишно здание најчесто ќе биде празно (освен ако не му се смени намената и, на пример, не стане складиште за тајни документи). Уште сега треба да се размислува за негова пренамена или целосно уривање. Се разбира, тоа нема да ги израдува МАГА активистите, кои се противат на отстранување на секој конфедеративен споменик во име на „зачувување на историјата“. Но, од друга страна, тие немаат што да кажат за рушењето на Источното крило – иако таа зграда, најверојатно, останала во убаво сеќавање кај граѓаните што ја посетиле Белата куќа.

Карикатури: Leopold Maurer

Извор: https://www.theguardian.com/

ОкоБоли главаВицФото