1009 hPa
87 %
10 °C
Скопје - Саб, 06.12.2025 07:59

Еманципаторските движења ширум светот со право се израдуваа на победата на Зохран Мамдани на изборите за градоначалник на Њујорк. Се покажа дека современата популистичка десница нема монопол врз мобилизацијата на масите и привлекувањето нови или разочарани гласачи. Тоа можат да го направат и демократските социјалисти.
Но, како што добро знае Мамдани, неговата победа ќе биде проследена со обиди за економска и финансиска саботажа. Американскиот политички естаблишмент – и републиканската и демократската „длабока држава“ – имаат суштински интерес неговиот мандат да заврши со неуспех. Претседателот на САД, Доналд Трамп, ги повика њујорчани да гласаат за главниот противник на Мамдани, поранешниот демократски гувернер на сојузната држава Њујорк, Ендру Куомо. Со Мамдани на власт, популистите на Трамп и водечките демократи одеднаш ќе проговорат со ист јазик. Ќе направат сè што можат за неговиот мандат да биде промашување. Во случајот на Трамп, тоа би можело дури и да значи уште едно прогласување „вонредна состојба“ за да се оправда испраќањето на Националната гарда на улиците на Њујорк.
За левицата, ова не е само момент за акција, туку и за стратешко промислување на пошироката слика. САД се трансформираат од двопартиски во систем составен од републикански и демократски елити, десни популисти и демократски социјалисти. Веќе се наѕира создавање нови коалиции што ги надминуваат старите партиски линии. Уште во 2020 година, Џо Бајден најави дека би можел да номинира умерен републиканец за потпретседател, додека Стив Бенон, поранешниот главен стратег на Трамп, ги повика приврзаниците на независниот демократски социјалист и сенатор од Вермонт, Берни Сандерс, да гласаат за Трамп кога Демократската партија го избра Бајден за свој кандидат на изборите.
Клучната разлика е во тоа што, додека трамповиот популизам лесно надвладеа во Републиканската партија (што е јасен доказ, ако воопшто беше потребен, дека неговата грижа за работниците беше лажна), расколот во рамки на Демократската партија е сè подлабок. Всушност, борбата меѓу партиската елита и крилото на Сандерс во моментов е единствената вистинска политичка борба во Соединетите Држави. Како што вели Ема Брукс од Гардијан: „Најголемата закана за Мамдани не е Доналд Трамп, туку старата демократска гарда.“
.jpg)
Тука имаме работа со два антагонизми („контрадикции“): едниот е помеѓу Трамп и американскиот либерален поредок, а другиот помеѓу крилото на Сандерс во Демократската партија и сите останати политички сили. Постапката за импичмент против Трамп за време на неговиот прв мандат беше очаен обид на естаблишментот да ги поврати моралното водство и кредибилитетот, но сè се сведе на комично лицемерие што, патем, ги разоткри и слабостите на самиот владејачки систем. Нескриената опсценост на Трамп едноставно го изнесе на виделина она што веќе постоеше.
Таборот на Сандерс тоа јасно го гледа и знае дека повеќе нема враќање на старото, дека американскиот политички живот мора радикално да се преобрази. Мамдани победи зашто за левицата го направи она што Трамп го направи за десницата – јасно го артикулираше својот радикален став, без да се грижи за губење на центарот.
Сепак, овие четири сили што сега дејствуваат во американската политика не се на исто рамниште. Двете изумирачки партии (старите мејнстрим републиканци и демократи) се заробени во инерцијата, без никаква сериозна визија за земјата, додека трамповите популисти и демократските социјалисти претставуваат вистински политички движења. Во тој контекст, единствено навистина значајни избори би биле меѓу Трамп и некој демократски социјалист.
Дали тоа значи дека демократските социјалисти треба и формално да се одвојат од Демократската партија? Би советувал принципиелен прагматизам: да се фокусираат на главните цели поврзани со опстанокот, а потоа да се дозволи сè што има потенцијал за остварување на тие цели. Тоа значи прифаќање на изборната демократија кога функционира, но и граѓанска мобилизација, па дури и порадикални методи кога околностите го бараат тоа.
За да разберете на што мислам, разгледајте еден скорешен пример. Во јули, по драматичен судир со Трамп, Илон Маск објави дека ќе ја формира „Американската партија“. Маск, кој не може да се кандидира за претседател бидејќи не е роден во САД, се обиде да го победи трамповиот популизам со технофеудализам. Тој проект, сепак, на крајот пропадна.
.jpg)
Наспроти тоа, новата левичарска партија на Зара Султана и Џереми Корбин во Велика Британија влева надеж – некои анкети покажуваат дека ја поддржуваат околу една третина од младите луѓе и гласачите на лабуристите. Но, сè уште е неизвесно, а – како што и доликува на една левичарска партија – двајцата лидери веднаш влегоа во јавен судир.
Навистина значајни избори, тогаш, би биле меѓу радикално десничарската партија Реформ УК на Најџел Фараж и новата левица, додека инертната Лабуристичка партија би им се придружила на конзервативците во своето декадентно изумирање. Речиси е сигурно дека во таков директен судир би победил Фараж, исто како што Борис Џонсон го совлада Корбин во 2019 година. Сепак, Корбин успеа за извесно време да ја преземе контролата над лабуристите, што го потресе целиот политички систем.
Во крајна линија, не постои начелен одговор кога станува збор за изборот на најдобрата стратегија. Понекогаш треба да се направи обид да се преземе голема водечка партија; понекогаш, пак, расколот е неопходен. Сметам дека Мамдани е во право што засега остана во рамки на Демократската партија, бидејќи тоа му овозможи да ја мобилизира нејзината база против воспоставениот поредок. Ако се обидеше самостојно да им се спротивстави на другите три политички сили, ќе изгубеше.
Сега, кога победи, Мамдани треба одлучно и промислено да се зафати со преземање на Демократската партија на државата Њујорк, а истовремено да воспостави мрежа на врски со демократските социјалисти низ целите Соединети држави и, според советот на Сандерс, суптилно да им се обраќа на разочараните работници со пониски приходи и на земјоделците кои гласале за Трамп. Иднината на проектот олицетворен во Мамдани лежи во привлекувањето на разочараните гласачи на Трамп, а не во освојување на инертниот центар. Само радикален левичар може да ги придобие трампистите од работничката класа – гласачко тело чија недоверба кон естаблишментот сè уште е целосно оправдана.
.jpg)
Карикатури: Marian Kamensky
Извор: https://www.project-syndicate.org/