Аргументи против нападот на Либија

24.03.2011 11:45
Аргументи против нападот на Либија

Многу нешта не чинат во либиската интервенција, па не знам од каде да почнам. Еве неколку крупни забелешки, а редоследот е небитен:

Прво, нејасна е целта на интервенцијата – таа нема крајна цел, како што еден американски дипломат им изјави на новинарите. Дали целта е да се спаси неуспешната побуна, за се донесе пресврт во текот на настаните, да се искористат војските на западните земји за да се изврши она што бунтовниците не успеаја да го направат сами: да го сметнат Гадафи? Или целта е борбите да траат што е можно подолго, со надеж дека побуната ќе се прошири и дека Либијците сами ќе успеат да се ослободат од режимот на Гадафи? Или само да се постигне примирје, што на Гадафи би му оставило контрола над поголемиот дел од земјата, па веројатно би бил многу расположен да одолговлекува. Размерите на првите напади укажуваат на тоа дека се работи за првата цел, но за успех веројатно би била потребна војска на теренот, што никој во Франција, Британија и САД не го посакува тоа. втората цел има најмногу изгледи, но на тој начин крвопролевањето ќе се прошири, наместо да се спречи.

Второ, за нападите не постои она на кое уште од почетокот требаше да настојуваме – значајна поддршка од арапскиот свет. Катар и Обединетите Арапски Емирати ветија воена поддршка, но тие земји претставуваат 1% од арапскиот народ. Нема поддршка ни од Тунис и Египет, а тоа се соседи на Либија. Војската на Тунис е мала, но војската на Египет не е, а таа има и воено воздухопловство. САД потрошија милијарди долари на египетската војска, и запрепастувачки е тоа што Египет не е расположен да помогне во интервенцијата. Тоа е многу лош знак, бидејќи во воздушните напади сигурно ќе страдаат и цивили, а тоа ќе бидат невини мажи, жени и деца, Арапи и муслимани кои повторно се убивани од страна на Французите, Британците и Американците. Русија и Кина, кои беа против интервенцијата, се воздржаа од конечното гласање во Советот за безбедност можеби зашто не можат ни да го замислат исходот кој повеќе би им одговарал на нивните интереси на Блискиот исток и во Африка.

Трето, опозицијата во Советот за безбедност не беше ограничена на Русија и Кина. Индија, Бразил и Германија исто така се противеа на интервенцијата и беа воздржани. Африканската Унија не испрати свој претставник на состанокот кој во Париз го повика претседателот Саркози, со цел да се консолидира поддршката за воената интервенција. Арапската лига побара затворање на воздушниот простор, но одредени нејзини лидери уште сега ги критикуваат нападите кои се нужни да се спроведе забраната за летови. И повторно, ниедна поголема арапска држава не учествува. Тоа е стар модел, за кој мислевме дека е завршен по бунтот во Египет и Тунис – каде што арапските (и некои други) држави не сакаа да ја преземат одговорноста за она што го сакаат... да го направи некој друг.

Ништо од сево ова не би било важно да се работи за хумана интервенција за спречување колеж. Но тоа не е случај денес во Либија. По победата на Гадафи, би следела сурова одмазда, и би било потребно да им се овозможи на дисидентите и бунтовниците да побегнат и да им се пружи засолниште. Не би било лесно да се набљудува угнетувањето (иако се чини дека немаме проблем со она во Бахреин и Јемен). Но сметнувањето тиранин и воведувањето демократија мора да биде локална задача, а во случајов, за жал, месното население не успеа во тоа. Странците можат да пружат разни видови помош – морална, политичка, дипломатска, па дури и материјална. Можеби соседите, кои со Либијците ги делат етницитетот и вероисповеста, би можеле да сторат нешто повеќе. Но воените напади како овој можат да се одбранат само во најекстремните случаи. Руанда и Дарфур, каде што не интервениравме, беа оправдани. Либија – не.

Извор: The New Republic

ОкоБоли главаВицФото