1008 hPa
87 %
9 °C
Скопје - Саб, 06.12.2025 06:59

Во пресрет на почетокот на триесеттиот меѓународен климатски самит (ЦОП 30), што се одржува во бразилскиот град Белем, генералниот секретар на Обединетите нации, Антонио Гутереш, неуспехот во ограничувањето на глобалното затоплување го нарече „морална пропаст и смртоносна негрижа“, додека претседавачот на конференцијата, Андре Кореа до Лаго, констатираше дека „богатите земји го изгубиле ентузијазмот за борба против климатската криза“.
На официјалното отворање, Кореа до Лаго ја нарече оваа конференција „ЦОП на вистината“ и нагласи дека е потребно да се делува поенергично и да се има доверба во науката, додека бразилскиот претседател Луис Инасио Лула да Силва апелираше да се изготви план со кој „човештвото ќе ја надмине својата зависност од фосилните горива“ и со кој луѓето, особено припадниците на домородните народи, ќе бидат ставени во центарот на климатското дејствување.
Рамковната конвенција на ОН за климатски промени (УНФЦЦЦ) беше потпишана во 1992 година токму во Бразил, во Рио де Жанеиро, па нејзиното враќање во таа земја, како што се надеваат организаторите, треба да биде пресвртница во досегашните безуспешни обиди за постигнување договор за неопходноста од заедничка и координирана акција на целата меѓународна заедница. Можеби најсликовит израз на јаловоста го демонстрираа токму припадниците на домородните народи што ги спомена Лула, кога во вторникот, вториот ден од климатскиот самит, упаднаа во зградата каде што се одржува конференцијата и се судрија со обезбедувањето, при што двајца чувари беа полесно повредени.
Пред да бидат исфрлени, Качикуе Гилсон, еден од демонстрантите украсен со шарено перје и ѓердани, успеа да им каже на новинарите: „Ние не јадеме пари, туку сакаме нашата земја да биде слободна, но наместо тоа, експлоатацијата на нафтата, минералите и сечата на дрва само продолжува.“ Агустин Окања од Глобалната коалиција на младите им објасни на новинарите дека припадниците на домородните заедници се фрустрирани зашто за потребите на конференцијата во Белем „беше изграден цел нов град“, наместо тие пари да се вложат во образование, здравство и заштита на шумите. „Тоа не се лоши луѓе, туку луѓе кои очајнички се обидуваат да ја заштитат својата река“, рече Окања.
.jpg)
Како и секоја година досега, во Бразил земјите потписнички на Парискиот договор од 2015 година (194 земји) ќе се обидат да се договорат што треба да се преземе за глобалното затоплување да остане под 1,5 целзиусови степени. Овој ЦОП воедно е и прв по одлуката на Меѓународниот суд на правдата (МСП), донесена во јули годинава, со која се утврдува дека сите држави во светот, без разлика дали се потписнички на Парискиот договор или не, имаат обврска да дејствуваат за ублажување на климатската криза. Судот ја донесе одлуката по разгледување стотици тужби поднесени последнава деценија од островските држави загрозени од климатската криза, и тоа и покрај опструкциите од најголемите светски загадувачи, како што се САД, ЕУ, Кина, Русија и Саудиска Арабија.
Во својата одлука, МСП пресуди дека секој човек има право на чиста, здрава и одржлива животна средина, и дека државите, особено богатите, индустријализирани земји кои се најодговорни за климатската криза, се должни да дејствуваат за да ги почитуваат тие права. Со други зборови, непреземањето мерки за ублажување на климатските промени сега, барем во теорија, може да се смета за прекршување на меѓународното право.
На програмата на годинешниот ЦОП има дури 145 различни теми, а меѓу главните е ревизијата на таканаречените национално утврдени придонеси (НДЦ), планови на поединечни држави за намалување на емисиите на стакленички гасови. Повеќето држави до самитот во Белем веќе ги доставија своите планови, но според пресметките на телата на ОН, нивниот збирен ефект, дури и ако навистина се спроведуваат, ќе значи намалување на емисиите за само десет проценти до 2035 година, што е шестпати помалку од потребното за затоплувањето да остане во рамки од 1,5 степени. Со други зборови, постоечките национално утврдени придонеси ќе доведат до затоплување од најмалку 2,5 степени, па затоа на самитот во Бразил треба да се постигне консензус дека тие придонеси мора да станат построги.
Друга тема за која се расправа е фондот што би го финансирале богатите земји, а од кој би се обештетувале сиромашните држави погодени од климатските промени. На минатогодишниот самит беше проценето дека тој износ треба да биде дури 1,3 билиони долари годишно, сума за која никој не е подготвен, но Бразил, како домаќин, инсистира на тоа.
.png)
На ЦОП 28, пред две години, за првпат во текстот на завршната декларација беше вклучена „целта за транзиција од фосилните горива“, но повторно без никакви детали и рокови. Со оглед на влијанието на земјите производителки на фосилни горива, се очекува така и да остане. Тоа најдобро го илустрира фактот дека Доналд Трамп, претседател на државата која е втор најголем светски емитер на стакленички гасови, годинава воопшто не дојде на самитот. Како жесток промотор на фосилната индустрија, Трамп уште во својот прв мандат ги повлече САД од Парискиот договор, а во вториот ги суспендираше сите програми и планови на претходните администрации поврзани со намалување на емисиите на стакленички гасови.
Годинава Трамп повлече уште еден потег без преседан, воопшто не испрати делегација во Бразил. Највисоко позициониран американски политичар на самитот е гувернерот на Калифорнија, Гевин Њусом, кој пристигна таму револтиран поради неодамнешното новинарско откритие дека федералната влада ќе дозволи експлоатација на нафта и гас во морето долж калифорниското крајбрежје. Њусом ја предводи „алтернативната делегација“ на САД, составена од околу стотина функционери, а Трамп во Бразил го нарече „инвазивен вид“.
Со оглед на тоа што годинешниот самит се одржува на самиот раб на Амазонија, најголемата прашума во светот, меѓу главните теми е и создавањето фонд за проекти за зачувување на тропските прашуми кои апсорбираат јаглерод и со тоа го намалуваат глобалното затоплување. Во таа насока, бразилското претседателство реши годинава во преговорите поголемо место да им даде на претставниците на домородните народи што живеат во амазонските области, со нагласок на етичките и културолошките аспекти на кризата, односно на климатската правда. Затоа, во пресрет на самитот беше објавено дека на конференцијата ќе се бара поддршка за првиот обврзувачки документ со кој домородните народи што живеат во тропските шуми формално ќе ги добијат правата на сопственост врз земјата на која живеат.
За разлика од низата претходни самити, кои најчесто се одржуваа во повеќе или помалку авторитарни држави каде што демонстрантите не беа добредојдени или речиси и да ги немаше, претседателот на Бразил, Лула да Силва, и организаторите на конференцијата го поттикнуваат учеството на граѓанското општество.
Но токму поради тоа, бразилскиот самит поотворено од претходните го покажува целиот опсег на ограничувањата и контрадикциите на ваквиот формат на борба против климатската криза, при што претседателот Лула е централна фигура на тие контрадикции. Имено, иако Лула, како еден од највлијателните левичарски лидери во светот, е искрено посветен на пронаоѓање вистински решенија за кризата, тој не е во состојба да се спротивстави на силите на капиталот што влечат во спротивна насока, сили кои во голема мера го обликуваа и самиот самит во Белем.
.jpg)
На пример, една од темите на годинешниот самит е намалувањето на емисиите на метан, моќен стакленички гас кој се создава при индустриското производство на месо и млечни производи. Од друга страна, токму Бразил е водечка земја во светот во индустриското земјоделство, а нејзините компании за таа цел вршат масовна сеча на шумите во Амазонија.
Како што веќе беше спомнато, домородните претставници кои во вторникот упаднаа во зградата каде што се одржува самитот и им рекоа на новинарите дека за потребите на самитот „бил изграден цел нов град“, се осврнаа на фактот дека во тој град, најголемиот во амазонската сојузна држава Пара, пред самитот била спроведена масовна гентрификација, финансирана со пари од корпорацијата „Вале“.
Станува збор за една од најголемите рударски компании воопшто и најголемиот производител на железо и никел во светот, која за потребите на самитот ја финансирала изградбата на неколку големи инфраструктурни проекти во центарот на Белем. Од друга страна, многу периферни делови на градот, населени претежно со црнечко население, немаат канализација ниту вода за пиење, додека целата Амазонија е под огромен притисок од рударските компании поради нејзините минерални богатства, односно транзициските минерали потребни за производство на обновливи извори на енергија.
Бразил е еден од водечките светски производители на тие суровини, со годишно производство од околу 1,7 милијарди тони железо, алуминиум, злато, калај и ретки метали. Според податоците на Бразилскиот геолошки институт, таму се наоѓаат големи резерви на дваесетина транзициски минерали, меѓу кои најзначајни се резервите на никел (речиси 17 проценти од светските резерви), ретки метали (17,5 проценти), железо (18 проценти), тантал (28,6 проценти), манган (27,8 проценти), графит (21,9 проценти) и ниобиум, дури 94 проценти од светските резерви. Огромното дел од овие резерви се наоѓа токму во регионот на Амазонија, најважниот копнен екосистем за апсорбирање на јаглеродниот диоксид и со тоа за регулирање на глобалната температура.
Во сојузната држава Пара се сместени некои од најголемите рударски проекти воопшто, а компанијата „Вале“ управува со Карахас, најголемиот отворен рудник на железна руда во светот. Воедно, оваа компанија е вмешана и во двете најголеми еколошки катастрофи поврзани со рударството во Бразил, кои со години се влечат по судовите и укажуваат на иднина во која интензивирањето на рударските активности ќе донесе уште поголема еколошка деструкција и уште помасовни прекршувања на правата на домородните народи.
.jpg)
Бидејќи станува збор за транзициски минерали, рударската индустрија годинешниот самит го сфаќа како стратешка можност за наметнување на наративот за потреба од поинтензивно ископување на тие метали, па во нејзините кругови неформално го нарекуваат „Рударски самит“. Минатата година, Бразилскиот рударски институт, во партнерство со компанијата „Вале“, организираше конференција на која се расправаше за неопходноста од проширување на рударските проекти кон северните, односно амазонските области. Министерот за енергетика и рударство, Александре Силвеира, тогаш изјави дека Бразил, „со својата огромна територија, геолошка разновидност и минерално богатство, ќе биде водечки протагонист и глобален столб на енергетската транзиција“.
Основниот модел според кој тоа ќе се реализира е моделот на јавно-приватно партнерство, при што Бразилската развојна банка е најголем инвеститор, а приватните компании се изведувачи. Порталот на телевизијата Réporter Brasil кон крајот на октомври објави дека досега се поднесени нешто повеќе од 1.800 барања за рударење на подрачја во радиус од 40 километри околу териториите на кои живеат домородни народи, што е официјалната граница до која смее да се навлегува во нивните простори.
Само три месеци пред самитот, на почетокот на август, беше донесен закон за либерализација на издавањето рударски дозволи, кој поради потенцијално катастрофалните импликации врз животната средина неформално беше наречен „Закон за пустошење“. Претседателот Лула да Силва стави вето на 63 од вкупно 398 членови на законот, но не и на целиот предлог, што беше барање на еколошките организации. Помина и делот што се однесува на забрзаната постапка за лиценцирање „стратешки проекти“, со што се отвора простор за масовна експлоатација во заштитените амазонски области.
Извор: https://www.portalnovosti.com/