1008 hPa
87 %
9 °C
Скопје - Саб, 06.12.2025 06:59

КАРТОГРАФИЈА НА СЕБЕСИ
Ги носам во зениците
сите изгрејсонца и зајдисонца
што ги виделе мајка ми, татко ми,
баба ми и дедо ми
и нивните мајки и татковци баби дедовци
и сите галеби над Белото море
и сите црни гаврани над Црното Море
и сите црвени облаци над Црвено Море
и мртво море со убиени соништа претворени во сол
и лузни на местата кајшто имало крилја
Имам во себеси и змиски остров
и црква со лековита вода среде змиите
и икона со двете лица на Исус
и фрески на ангелската ренесанса
и еден Олимп во себеси носам
и свој Ѕевс
што сам врз себе си фрла громови
Ја носам во себеси Сахара
и музиката на северна Африка што ја пеат само мажи
ја пеат моите женски клетки
и сите балкански бапчорки во мене
еден непознат маж повикуваат
и врвови со непозната висина, без знамиња,
бездни со непозната длабина и крикови од непознати усти
и олеандри имам, и кактуси,
еден немапиран свет и еден исушен цвет
од една древна книга со тајни знаења
што не знам да ја прочитам
REGRESUS AD UTERUM
Има една невидлива папочна врвца
и со неа повторно се врзуваме
па се одврзуваме
само за да прснеме во вистински плач
Понекогаш спиеме
со колената блиску до усните
а наредниот ден лазиме по подот
и сè што успеваме да изговориме
се само слогови или нејасни звуци
Има една невидлива плацента
и во неа се завиткуваме
па се одвиткуваме да си го видиме телото
без лузни, без брчки, без пеги
Има една прозрачна плодова вода
и кога во неа одново ќе запливаме
веќе нема да сме мртви
.jpg)
СЕ ПЛАШАМ
Се плашам да дишам
да не ме обвинат за геноцид
Се плашам од лицата
на кои останале само очи
Се плашам да не изгориме живи
да не смрзнеме од недостиг на гориво
Се плашам од касапење после смртта
еднаш видов кесички со натпис
„фермур, свежо замрзнат“
„патела и лигаменти, свежо замрзнати“
Се плашам од жените
што продаваат јајце-клетки во странство
за да си прехранат децата
Од мажите во црно што тепаат луѓе,
зашто излегле на пикник
со сендвичи подготвени од бабите
и со карирано ќебенце во паркот
Во еден кошмар
дроновите ги креваа мртовците од улиците
како мршојадите своите мрши
Се плашам од високо и од длабоко
Се плашам дека светот се претвора во видеоигра
Се плашам да живеам и да умрам
не се плашам да пишувам
единствено тоа
го правам
без страв
ПРИБЕЖИШТЕ ОД СТРАВОТ
Кога се плашам
влегувам во куќата на моето детство
таму има неколку подадени раце
што ме креваат кога ќе паднам
таму има гума за секоја грешка
и магична состојка во млекото со какао
Кога се плашам
влегувам во куќата од цртежот на синот
нејзините ѕидови не го пропуштаат злото
бравата од влезна врата
се отклучува со клуч од сонот
собите мирисаат на колачи со цимет
скалите водат до месечината
нацртана со фломастер
таа има очи и уста
и личи на леб што ќе ги нахрани сите
штом еднаш ќе стане тенок како корка
одново станува округол и вкусен
Кога се плашам
влегувам во плакарот со играчки на синот
таму има доволно коцки одново да се изгради светот
по некое плишано мече
и пластичен пиштол
да го вперам во стравот
кога се плашам
влегувам во куќата на моето детство
влегувам во куќата од цртежот на синот.
.jpg)
СМРТНИ ТЕЛА
Брзаме, брзаме
каде ли сакаме да стигнеме
со мазните негувани тела
Брзаме да создадеме спомени
фотографирајќи ги моментите
пред да се случат
Во желудниците ни се вртат пилиња
и не сакаме комарец да нè касне
Постојано ја бришеме правта
сакајќи да го победиме космосот што ни ја праќа
Во библиотеката имаме само статуетка на Ерос
оти лицето на Танатос не го знаеме
ама тој насекаде се протнува
секаде се провлекува
како во кошмар
во кој не можеш да ја затвориш вратата
ни да ја заклучиш
имаме само една правосмукалка за борба
на крајот
ќе нè вовлече и нас
оти
прашина
сме и ние
ЕТЕРИЧНО ТЕЛО
Твојата етерична рака
ги брише
сите жигови
што ни ги ставаат
пред да ни стават нож под грлата
Доволно е
да ги затвориме очите
да ти дозволиме
да нè кренеш нас паднатите
ничкосаните
со трошни тела
од земја
а во земјата внатре –
небо
.jpg)
Слики: Jane Hambleton