1025 hPa
86 %
0 °C
Скопје - Чет, 15.01.2026 20:59

Музеј на град Скопје
20 ноември 2025, 20:00 часот
„Приказни од маргините“ е изложба што ги осветлува разновидните, занемарени простори на рабовите на општествената свест, преку интерактивни инсталации кои ја комбинираат визуелната и наративната форма.
Таа го користи краткиот расказ како преносител на гласови од и кон маргината, како инструмент кој испраќа сведоштва од оние од другата страна на границите на видливоста. Со посредство на литературата која станува медиум за комуникација меѓу центарот и маргината, создава мрежа на присуства меѓу оној што може да зборува и оној што (најчесто) не се слуша.
Изложбата претставува евокативни анимации кои ја доловуваат специфичноста на одредена локација и неговите жители. Секое дело функционира како подвижна слика, овозможувајќи поглед кон одредена маргина, без разлика дали е географска, културна, политичка или економска. Делата се претставени во форма на интерактивни инсталации, цртежи во продолжение, илустрирани свитоци што посетителите ги одмотуваат активирајќи ги различните приказни и судбини на маргиналците од различни општествено сегменти. Истите стриповски се развиваат базирани на приказните од седум кратки раскази од неколкумина писатели од земјата и регионот. Расказите „Oдбивање“ и „Одрон“ од Стефан Алијевиќ, „9:15“ од Николина Андонова Шопова, „Покана за дејт“ од Петар Андоновски, „Пловење по Дунав“ од Румена Бужаровска, „Задоцнетиот подарок“ од Георги Господинов; и „Вила Тибериа“ од Теа Тулиќ пренесуваат дел од секојдневието на оние кои се невидливи, на оние што живеат во меѓупросторите на општеството, политиката и економијата.
Што всушност ни кажува подвижната слика? Нејзината дестинација почнува да не дефинира во моментот кога ни се обраќа од дадената адреса. Додека се занимавме со вртење во одредена насока, сликата е таа што нас не превртува, ги преиспитува нашите ставови, не тера да влеземе во соучесништво со нејзините протагонисти, да размислуваме и да понудиме афективни, етички и морални матрици на животите опустошени од разно-разни неправди.
Цртежите, во заедништво со расказите, се тажен, траги-комичен коментар на радикалните нееднаквости во општеството, економската и социјалната несигурност, прекарното живеење, секојдневните борби на луѓето од маргините, но и на начинот на кој се однесуваме кон животните, деградацијата на природата и еколошките катастрофи, последици на нејзината политичка и економска инструментализација. Тие се оживување на личните приказни на оние со кои секојдневно се среќаваме, но најчесто не ги забележуваме. Безимениот бездомник што умира на улица никогаш нема да се појави меѓу „топ сториите“ на пребарувачите или вечерните вести, исто како и квир осамените, политички изманипулираните, прекаријатните работници, заглавените во постојана транзиција, невидливите во мејнстрим-кадарот, оние чии гласови не допираат до политичката елита, оние кои се исклучени од донесување одлуки, оние кои се наоѓаат вон доменот на правната и граѓанската политика, оние кои преживуваат. Сите овие слики заедно го одразуваат мноштвото начини на кои маргините се создаваат, оспоруваат и трансформираат.
Маргината хируршки интервенира во јадрото на текстот на секој расказ. Книжевниот јазик ја отвора можноста за транспарентна комуникација што вистинскиот социјален простор ја оневозможува, отвора полифонична сцена во која множина дисонантни придушени гласови се артикулираат и не соочуваат. Ликовната интервенција пак открива што се случува со текстот и нарацијата, но и со нашето искуство, кога уметничкиот интерес за цртеж и боја ги осветлуваат политичките пејзажи во рамки на маргината, им даваат боја и лик на маргинализираните, но и нови значења кои продолжуваат да се читаат и независно од расказите. Оттука, комбинирајќи го текстот и цртежот во една подвижна слика, делата стануваат интерактивни мапи на политичката, социјалната и културната обоеност и разновидност на маргините, овозможувајќи им видливост и културно признавање, во и надвор од симболичните простори, локални и глобални.
Маргините се простори на несигурност, арени на динамични политики, но и места каде што се прекршуваат централните наративи и каде што историјата може повторно да се напише од спротивниот крај. Тие не се само географски или општествени периферии, туку и епистемолошки зони, места каде што се раѓаат нови начини на знаење, гледање и зборување. Да се дејствува од маргината значи да се користи нејзината слабост како сила, како позиција што овозможува критичка дистанца од центарот, но и можност да се замислат алтернативни заедници, економии и облици на грижа.
Оттука, изложбата не повикува да ја лоцираме, центрираме и да ја разрешиме маргината, да ги ги читаме маргините не само како периферии, или физички граници, туку како витални простори со енергична социјална структура; да го препознаеме мноштвото маргини како коментар на радикалните нееднаквости во општеството, но и како преглед на саморефлексивната свест за сопствените политички и социјални позиции во и вон маргините.
Во време кога економската несигурност и политичката фрагментација продолжуваат со забрзано темпо, маргините се препознаваат како се поголеми простори, но и како политички генеративни места, простори каде се пресоздаваат животи. Во тој контекст, изложбата ги отвора маргините не само како тема, туку и како позиција на гледање и зборување. Приказните од маргините повикуваат на одговорност, да се препознае местото од кое се зборува и погледот што секогаш останува надвор од кадарот.
Изложбата е реализирана со финансиска поддршка од Министерството за култура и туризам на РСМ, Еко Свест, Save the Blue Heart of Europe и Prespa Ohrid Nature Trust – PONT.

Ѓорѓе Јовановиќ (Скопје, 1980) дипломирал на Факултетот за ликовни уметности во Скопје (2003). Има реализирано повеќе проекти во чиј фокус се прашањата за интеграцијата и дезинтеграцијата на современиот човек. Во неговите дела тој ги преиспитува меѓучовечките односи во контекст на општата состојба на редефинирање на универзалните вредности, односот човек-општество и конзумеризмот како клучен фактор на модерниот начин на живот, политиката како фактор на распаѓање на градовите, државите и семејствата. Присутен е и елементот на авто-референцијалноста, како и преиспитувањето на себеси во потесен и поширок контекст на распадот на старите и создавањето на нови вредности. Работи инсталации, перформанси, објекти, видеа, колажи и слики со цел да постигне трансформација на уметничкиот израз и индивидуална експресија, следејќи ја флуидноста на современиот контекст.
Реализирал повеќе самостојни изложби во државата и странство меѓу кои и: Mirror, MC Gallery, (Њујорк, САД, 2024), Горчлив шеќер, Музеј на современата уметност, (Скопје, 2023),Обезглавените, Прима Центар (Берлин, Германија 2020), Chocolate Drops, Галерија Хоаст, Gallery Hoast, (Виена, Австрија, 2018) , Радио Слободно Скопје, Центар за современи уметности, (Скопје, 2015-16), Изуми за вас, прекрасни луѓе!, Музеј на Современа уметност, (Скопје, 2014), Исповедите на еден јадач на колачи, Студио Голо брдо, (Ровињ, Хрватска, 2013), Фрагментарниот архив на уметникот од земјата во транзиција, МЦ Галерија, MC Gallery, (Њујорк, САД, 2010), It’s Complicated, Галерија Центрум, Gallery Centrum, (Грац, Австрија, 2010), Лош ден за господинот Еузебио, Отворено графичко студио-Музеј на Град Скопје, (Скопје, 2008), Прошетката на господинот Ченк низ раздвоениот континент, Културен центар Точка и МКЦ, (Скопје, 2005) и др.
Селектирани групни изложби: : Ruse - past and future, urban dreams and visions, Ruse Art Gallery, (Русе, Бугарија, 2025), Rivers, Traces and Couplings, Галерија на Археолошкиот музеј, (Загреб, Хрватска, 2025), Mule variations, Културен центар на Република Северна Македонија, (Истанбул, Турција, 2024), Precarity Has A Chance: Public Spaces In Movement (toward), Structura Gallery, (Софија, Бугарија, 2023), Manifesta 14, (Приштина, Косово, 2023). Поголем од мене: Херојски гласови од поранешна Југославија , MAXXI, Рим (2021) Panic Room, Музеј на современата уметност, Скопје, (2020) Се што ни е заедничко, Музеј на современата уметност, Скопје, Третиот простор, Павињон Мештровиќ, Загреб, Хрватска, Галерија Жилберт Гајар, Клермнт Феран, Франција,(2019) Guerilla of Enlightenment, THEY SHOULDN´T BE ABLE TO PRETEND THEYDIDN´T KNOW ANYTHING, Галерија Ротор, Грац, (2018), PONOVO UPOTREBITI: PAST AS COSTUME OR INSPIRATION, Захента проектен простор, Варшава, (2017), Balkon zum Balkan, Stadlishe kunsthaus Баден Баден, , Vienna Independent Shorts, Stadtkino –Kunstlerhaus, Виена, Balkan? , Oslo 10 ( Projektarium IAAB), Базел, Participation-Participatory Practices as Artistic Strategy, Tirana Express, Тирана (2013), Re-locate , Rumeli Han, Истанбул (пропратна програма на 12 Истанбулско биенале), Shelter , Shelter Island, Хемптонс, САД (2011), 255.804 km2, Hilger Brot Kunst halle, Виена, 4th Performance festival, Mahmud Moktarh Cultural Center, Каиро (2010) итн
Остварил повеќе резиденцијалнип рестои: IAAB Базел, TICA-Tirana, La Cité internationale des Arts- Париз, Watermill Centеr- Њујорк, Apartment project-Истанбул, ISCP- Њујорк, CCN-Грац.
За својата досегашна пракса, добитник е на повеќе награди: прва награда да најдобри идејни решенија за проектот Сурогати во организација на Темплум и Културен центар Точка - Скопје во 2004, Денес за млад уметник за 2009 во организација на ЦАЦ, Скопје и YVAA Њујорк, наградата за видео на меѓународниот фестивал Алтернативен филм / Видео во Белград, 2009, Акто фестивал, Битола, 2012 и Најдобар млад уметник на 10-то Биенале на млади уметници во Музејот на современата уметност во 2013.