БужАр ги добива битките против злоупотребата на македонскиот музички фолклор

17.11.2025 00:56
 БужАр ги добива битките против злоупотребата на македонскиот музички фолклор

 

Поставувањето на дванаесет ора од првата касета од Колекцијата Фирфов, дигитализирана во ИРАМ/Бужар во 2002 година, постепено прерасна во битка за чување на достоинството на македонскиот музички фолклор и штитење од кражби и злоупотреби. Уште при поставувањето на орото „Поступано“ пред повеќе од еден месец, ние се соочивме со рестрикции во врска со сродните (продуцентски) права од Кроациа Рекордс (наследник на Југотон), за што напишавме во првиот текст, од трите објавени во билтенот на БужАр (реобјавени на порталот „Окно“). Во меѓувреме вклучувајќи го и овој последен пост, се јавија уште пет вакви рестрикции (од наследниците, односно сегашните сопственици на Југотон и ПГП-РТС), за кои за сите вложивме жалба до јутјуб и веќе добивме три спора – два од Југотон/Кроациа Рекордс и еден од ПГП-РТС, (другите се во процес на разгледување), со што им се одземени правата за рестрикции, односно сите овие аудија влегоа во подрачјето на јавните добра, и тие нема да можат да монетизираат повеќе од нив. Иако во нашите текстови за овој огромен проблем со злоупотребите и кражбите на македонскиот музички фолклор во странство, посебно со снимките на државните ансамбли (на МРТ, Танец итн.), ние се обративме со укажување до надлежните институции и нивните раководители (министерот и директорите), едноставно сме игнорирани.

Охрабрени сме од оваа давидоголијатска битка, во која победуваме, но уште повеќе го браниме достоинството на ова најголемо наше културно богатство, бидејќи во сите постови и од Кроациа Рекордс и ПГП-РТС, податоците (имињата на ората и изведувачите) се погрешни. Еве и во овој наш пост со орото „Беранче“ кај Кроациа Рекордс насловот на нивниот пост е „Поступано“, а како изведувач е наведен ансамблот на Пеце Атанасовски ?! Овде е очигледно дека се работи за сосема друг состав – чалгија, и тоа чалгијата на РТС (Радио Телевизија Скопје) како што е нарекувана во тој период (1960-1970 години). Шокантно е како никој уште при издавањето на плочата на Југотон (1972) до денес не реагирал за овие многу сериозни грешки, кои се повторуваат и натаму преку постовите на Јутјуб од Кроациа Рекордс (во 2019 година).

Се разбира, најмалку сакаме, оваа наша ентузијастичка огромна активност (ова е наше 438 видео на јутјуб каналот на БужАр) да биде засенчена со овие трагични случувања. Повеќе би сакале како и во другите постови да говориме за прекрасните содржини што тие ги носат: „Беранчето“ оро во 12/8 метар, составено од 7/8 и 5/8, извонредниот кларинет кој што го води претпоставуваме Апостол Гелевски, тонската низа во која се менуваат малата и големата терца во однос на тоналниот центар, а на моменти ќе проблесне пентатоничка структура, карактеристична за југозападниот и егејскиот дел, едноставната придружба на утот и тапанот, мането и забрзувањето на крајот... Продолжуваме...

Слични содржини

Општество / Став / Култура / Музика
Општество / Јавни простори / Култура / Уметност

ОкоБоли главаВицФото