1008 hPa
87 %
9 °C
Скопје - Саб, 06.12.2025 06:59

Анегдоти од кај „Јоле“ (11): Конески, Тодоровски, Никола Гелевски и Светлана Камџијаш.
Еден убав пролетен ден, околу пладне, во осумдесеттите години на дваесеттиот век, Блаже Конески ведро и полетно зачекорил во бавчата во „Јоле“ носејќи го под мишка загрепското списание за култура, „Око“.
‒ Многу убаво роденденско интервју со Весна Парун ‒ му рекол Блаже на Гане Тодоровски, спуштајќи го весникот на масата, и седнувајќи крај него.
‒ Слушни го ова, Гане, што вели драгата Весна: „Да умреш непознат. Да се истопиш. Да одлеташ. Да го земеш со себе, во клунот, и своето име.“
‒ Не, не, не, Блаже. Името останува. Памтиш, „книгата гори, буквите остануваат“. Некои работи се бесмртни ‒ рекол Гане.
.jpg)
Се вративме од супер тура на гледање есенско лисје.
***
‒ Не му е глупо ова на Гане, ќе се согласиш, Сеси? ‒ ја прашал Никола Гелевски својата пријателка Светлана Камџијаш, прислушувајќи го муабетот од соседната маса во гостилницата „Јоле“.
‒ Пааа... Да одлеташ и во клунот со себе да го земеш и своето име и да го исплукаш негде по пат, зашо да не?! ‒ рекла Сеси.
‒ Ми текиња на Голем, човекот од кал, кој оживува со помош на зборче, со помош на буква, всушност. На неговата чело, нели, створителот го врежал зборот ЕМЕТ, вистина, на хебрејски. Ако му ја избришеш првата буква, алеф, останува МЕТ, и Голем, прото Франкенштајнот, тогаш е исклучен, мртов ‒ рекол Никола Гелевски.
‒ Те сфаќам. Мислиш дека Гане тоа му го збори на Блаже? ‒ прашала Сеси.
Тие двајца биле млади студенти на новата катедра за компаративна книжевност, на скопскиот универзитет. Полни со читања, книги, идеи, страсти... Баш и не оделе во „Јоле“, тогаш, ама така се погодило, случајот ги наредил коцките, двете маси и двете реалности во една кратка отсечка да се приближат во простор-времето.
.jpg)
Ме загрижува – како да исчезнува кога е со него.
‒ Баш деновиве, Сеси, го завршив романот Титановите сирени од Курт Вонегат. На крајот постојат две слики на главниот лик. Тој прво лета со тралфмадоријански вселенски брод и ги среќава старите пријатели за кои мисли дека се мртви. Потоа е на улица, паѓа снег, тој чека автобус, но се смрзнува и умира, укочен и заледен, на клупа. Но истовремено тој повторно лета во вселенскиот брод и заминува дома. Двете стварности се симултани, напоредни.
‒ Мислиш, таа напоредност е бесмртност? ‒ прашала Сеси.
‒ Не. Можеби е тоа веќе друг јазик, друг регистар, Кабала и Вонегат, мистика и теорија на хаос. Онака ти го спомнувам, што читам деновиве...
‒ Ќе ти раскажам приказна од суфиска книга што, пак, јас ја читам во мигов ‒ рекла Светлана. ‒ Муезин во Исфахан се качил на врвот од минарето и почнал да повикува на молитва. Долу, на улицата, се затекнале локалниот лудак и еден минувач кој го прашал лудакот: „Што прави човекон горе на минарето?“ Лудакот одговорил: „Тресе празна оревова лушпа“.
‒ Ми се свиѓа. „Млати празна слама“ ‒ рекол Никола Гелевски.
.jpg)
Чувствувам дека сме создадени еден за друг.
‒ Ова е поентата ‒ рекла Сеси: ‒ Кога ги изговараш деведесет и деветте Божји имиња и ти слично си поигруваш со празната оревова лушпа. Како може Бог да се сфати со посредство на имиња? Бидејќи со зборови не можеме да ја искажеме Неговата суштина, најдобро е за тоа да молчиме.
‒ Значи, мислиш дека Гане, по обичај, тресе зелени?
‒ Тресе зелени потсеќа на Beat around the bush...
‒ Види сеа, кафето го открил баш типац што се мотал околу грмушки што ги брстеле кози...
‒ А и Бог на Мојсиј му се обратил од грмушка што гори... Нејсе. Не мислам дека Гане „тресе зелени“. Ама ми се свиѓа реченицата на Весна Парун, пријателката на Блаже ‒ рекла Светлана Камџијаш, за крај.
.jpg)
Изгледа дека сонува како може да лета.
Слики: Дејв Коверли