Арапите се новите пионери на демократијата

24.03.2011 14:00
Арапите се новите пионери на демократијата

Еден од предизвиците за набљудувачот на востанијата кои се шират низ Северна Африка и Блискиот исток е да ги чита истите не толку како повторување на минатото туку како оригинални обиди кои отвораат нови политички можности кон слободата и демократијата, релевантни и надвор од регионот. Навистина, да се надеваме дека низ овој циклус на борби арапскиот свет за следново десетлетие станува она што Латинска Америка беше за последново – т.е. лабораторија за политичко експериментирање меѓу моќните општествени движења и напредни влади од Аргентина до Венецуела, и од Бразил до Боливија.

Овие побуни веднаш изведоа еден вид идеолошко чистење на куќата, бришејќи ги расистичките концепции за судирот на цивилизациите кои и’ се припишувани на арапската политика во минатото. Мнозинството во Тунис, Каиро и Бенгази ги разби политичките стереотипи дека Арапите се ограничени на изборот меѓу световната диктатура и фанатичната теократија, или дека муслиманите на некој начин се неспособни за слобода и демократија. Дури и нарекувањето на таа борба „револуција“, се чини, ги доведува во заблуда коментаторите кои претпоставуваат дека текот на настаните мора да ја почитува логиката од 1789 или 1917 г. (Француската и Октомвриската револуција, заб. на прев.), или некои други бунтови против кралевите и царевите од европското минато.

Овој арапски револт се запали околу прашањето за невработеноста, а во неговиот центар се најдоа високообразовани млади луѓе со фрустрирани амбиции – популација која има многу заедничко со студентите кои протестираат во Лондон и во Рим. Иако првобитното барање во арапскиот свет се сосредоточува на ставање крај на тиранијата и авторитарните влади, зад ова едногласно барање стојат низа социјални барања во врска со работата и животот, не само за да се искорени зависноста и сиромаштијата, туку да му се даде моќ и автономија на интелигентниот и многу способен дел од населението. Напуштањето на владата од страна на Зин ал-Авидин Бен Али и Хосни Мубарак или Моамер Гадафи е само првиот чекор.

Организацијата на бунтот наликува на она што го гледавме повеќе од деценија во другите делови на светот, од Сиетл до Буенос Аирес и Џенова и боливиска Кочабамба: хоризонтална мрежа која нема издвоен, централен водач. Телата на традиционалната опозиција можат да учествуваат во оваа мрежа, ама не можат да управуваат со неа. Надворешните набљудувачи се обидоа од самиот почеток да му одредат водач на египетскиот бунт: можеби тоа е Мохамед Ел Барадеи, можеби шефот за маркетинг на Гугл, Ваел Гоним. Се плашат дека Муслиманското братство или некое друго тело ќе преземе контрола над настаните. Не разбираат дека мнозинството е способно да се организира без центар – дека наметнувањето водач или кооптирањето во традиционална организација ќе ја поткопа нивната моќ. Преовладувањето на алатките на друштвените мрежи во бунтот, како што се Фејсбук, Јутјуб и Твитер, се симптом, а не причина за оваа организациска структура. Тоа се начини на изразување на интелигентното население кое е способно да се организира самостојно со помош на нему достапните алатки.

Иако овие движења на организираните мрежи го отфрлаат централното водство, тие сепак мораат да ги консолидираат своите барања во нов конститутивен процес кој ги поврзува најактивните сегменти на бунтот со потребите на населението во целост. Востанијата на арапската младина сигурно не се насочени кон традиционалниот либерален систем кој гарантира поделба на власта и вообичаена изборна динамика, туку кон обликот на демократија кој одговара на новите форми на изразување и потребите на мнозинството. Пред сè, тоа мора да вклучува уставно признавање на слободата на изразување – не во облик на типичните медиуми кои преовладуваат и кои често и’ се подредени на корупцијата на владата и стопанските елити, туку она кое е претставено во заедничките искуства на мрежните односи.

А со оглед на тоа дека овие бунтови беа предизвикани не само од распространетата невработеност и сиромаштија туку и од општото чувство на фрустрација поради производните и изразни способности, посебно меѓу младите, радикалниот уставен одговор мора да измисли заеднички план за управување со природните суровини и општественото производство. Тоа е прагот преку кој неолиберализмот не може да премине, а капитализмот е доведен во прашање. А владеењето на исламот е сосем несоодветно за да се исполнат овие потреби. Овде бунтот ги засега не само еквилибриумите на Северна Африка и Блискиот исток, туку и глобалниот систем на економски управувања.

Оттука произлегува нашата надеж дека циклусот на ширењето на борбата во арапскиот свет ќе стане како Латинска Америка, дека ќе ги поттикне политичките движења и ќе го засили стремежот за слобода и демократија надвор од регионот. Се разбира, секое востание може и да не успее: тираните можат да започнат крвави угнетувања; воените хунти можат да се обидат да останат на власт, традиционалните опозициски групи можат да се обидат да ги преземат движењата, и верските хиерархии можат да ја преземат контролата. Но она што нема да умре се политичките барања и желби, стремежот на интелигентите млади поколенија за поинаков живот во кој можат да ги искористат своите капацитети.

Додека живеат тие барања и стремежи, циклусот борби продолжува. Прашање е што ќе го научат светот во текот на идното десетлетие овие нови експерименти од слободата и демократијата.

Извор: guardian.co.uk

Колаж: Андре Мека

ОкоБоли главаВицФото