Судењето за Кочани – тест за македонското судство

19.11.2025 00:53
Судењето за Кочани – тест за македонското судство

Извор: Дојче Веле

Утре, среда (19.11), почнува најважното судење во државата. Семејствата на 63 жртви во пожарот во кочанската дискотека „Пулс“ доаѓаат по правда за прекинатите животи на нивните најмили и за болката што им е нанесена на повредените и на сите засегнати од трагичниот настан. Најавено е дека ќе се одржуваат по две рочишта неделно за судењето да добие навремена и квалитетна разрешница. На обвинителна клупа ќе седнат 38 обвинети, односно 35 физички лица и три фирми, а наспроти нив ќе има 15 обвинители. Судењето ќе се одржува во дигиталната судница во кругот на казнено-поправната установа „Идризово“ за која се тврди дека има просторни капацитети и технички можности за таков сложен судски процес. Судија во овој процес ќе биде Дијана Груевска Илиевска.

Пензионираната судијка Гордана Спироска, која судеше повеќе „жешки“ кривични предмети од поранешното СЈО, вели дека со големо внимание и интерес ги следи случувањата од денот на трагедијата, вклучувањето на истражните и правосудните органи и формулирањето на обвинението.

„Не би сакала да бидам на местото на судијата што ќе го суди овој тежок и комплексен случај. Ја познавам судијката, таа е одличен професионалец, но знам дека ќе ѝ биде тешко. Ова е најтежок предмет за судење по судењето за 27 април“, изјави за ДВ Спироска. Таа нагласи и дека верува во судот дека е добро подготвен од секој аспект и дека правдата ќе биде задоволена.

Медиумските извештаи потсетуваат дека судијата што ќе суди во судскиот процес за пожарот во дискотеката „Пулс“, Груевска-Илиевска, е со 19-годишно судиско искуство и во работното портфолио има високо-профилни судења во предмети што се водеа против поранешните премиери Владо Бучковски и Зоран Заев, а беше и во судскиот совет на судењето за „Титаник“ кога на обвинителна клупа беше дел од врвот на ВМРО-ДПМНЕ. Таа претседаваше и со Советот кој судеше за тешката сообраќајна несреќа на патнички автобус крај Ласкарци во 2019 година, кога загинаа 16 лица, а 37 беа повредени.

Ќе ги стигне ли правдата?

Меѓутоа, како што велат соговорници на ДВ, судскиот процес што треба да почне в среда (19.11) е неспоредлив со било кој досегашен бидејќи несреќата е предизвикана првенствено поради затајување на државниот апарат, и со самото тоа има потенцијал и за политички потреси. Некои сметаат и дека има пукнатини во неговото професионално водење пред да дојде во фаза на судење.

„Случајот Кочани е изместен од Кривичниот законик и од сите закони кои ја регулираат таа материја. Системот сам по себе еволуира и се развива со измени на законите. Оттука за мене е несфатливо како може министер или одговорно лице пред 10 години да одговара за кривично дело кое се случило сега. Не е тоа направено случајно“, вели за ДВ Туше Гошев, некогашниот министер за правда, а сега адвокат со повеќедецениско искуство.

Гошев смета дека постапката се води погрешно и има за цел проширување на одговорноста и доаѓање до епилог во кој сите ќе бидат одговорни и никој нема да биде казнет.

„Постапките, вклучително и за обештетување на семејствата, можеби ќе се водат и 20 години и на крај ќе се постави прашање кој ќе ги сноси сите трошоци откако ќе тужат семејствата за надомест за нематеријална или материјална штета, а и кој ќе ги надомести тие штети што сега ќе се направат. Веќе се направени штети затоа што никој не знае согласно чл. 25 од Кривичниот законик кој треба да одговара за умисла, и како на секој поединечно ќе му го определат придонесот во несреќата“, истакна тој.

На маса илјадници докази

Некогашниот министер за внатрешни работи, а денес адвокат кој е на чело на Адвокатската комора, Љубомир Михајловски, за медиумите посочи дека „ќе биде предизвик“ да се спроведе релативно брза постапка, да нема застој во судењето, но и со брзината да не се наштети на квалитетот на судењето. „Затоа што сите пропусти што ќе се случат во текот на првата постапка предизвикуваат подолготрајно судење, ќе има жалби, се враќа предметот назад. Така што сите учесници мора да помогнеме да се одвива фер постапка во која ќе се судрат аргументите на одбраната и обвинителството“, рече тој.

Михајловски посочи дека на маса ќе бидат, како што нагласи, илјадници докази. „Има многу предложени докази и од обвинителството и од одбраната. Зборувам за илјадници докази. Тие докази треба да се изведат пред судот во една законита постапка, да се објаснат, да се презентира кој доказ за што служи, што се докажува со него, така што и граѓаните и оштетените мора да бидат трпеливи“, изјави тој.

И судијката Спироска потенцира дека судењето го става на испит целиот правосуден систем и дека најтешко ќе им биде на обвинителите да го изодат процесот на докажување на вината.

„Но иако има голем број обвинети тоа не значи дека тешко ќе се дојде до пресуда. Секој од обвинетите има конкретна и мерлива одговорност, така што тоа нема да биде отежнувачки момент во целото судење“, изјави за ДВ Спироска.

Заеднички именител на ставовите пред почетокот на судењето е дека македонското правосудство е на тест и дека од судскиот процес за кочанската трагедија ќе учат и идните генерации. „Овој предмет ќе биде показател и дали имаме можности и сили за да тргнеме конечно напред во надминување на недовербата од граѓаните“, е пораката во пресрет на утрешниот (19.11) почеток на судењето.

Судењето е важно и за вкупната атмосфера во земјава бидејќи правдата за жртвите и нивните семејства е императив за да се врати изгубената верба во државата, но и да се направи реконструкција на случајот и каде потфрлиле институциите. Во таа насока и премиерот Мицкоски во понеделникот (17.11) навести дека судскиот процес ќе ги даде потребните одговори. „Многу скоро ќе се види – кога ќе почне процесот во суд, при што таму ќе можат сите – граѓаните, јавноста и медиумите – да следат што сѐ се случувало“, изјави тој.