Вештачката интелигенција – Убиец на функционалното знаење

19.11.2025 01:56
Вештачката интелигенција – Убиец на функционалното знаење

Се грозам, се гадам и се гнасам (ако ми текне уште некој синоним на Г, ќе го едитирам текстот) од сè што е вештачко, а особено кога е ставено во оксиморон со некој поим како што е интелигенцијата. Би сакала да имам пошироки сфаќања кои би ја приграбиле идејата дека луѓето, за нешто што никогаш нема да можат да го прават подобро од себеси, се обидуваат да тренираат алгоритми, но немам. Тоа засекогаш ќе остане зад границата на мојот духовен хоризонт и способноста на мојот дигестивен тракт.

Да почнеме од најсилниот аргумент против луѓето како мене: не, тоа што може за нешто да послужи и што е легално, сè уште не значи дека е добро, особено кога по себе влече куп лоши последици. Како што вели мојот нов омилен лик од серијата, детективката Корделија Кап:

„Можеби постои нешто што не го знаеме, па она што го знаеме би го направило нерелевантно — тоа се вика контекст“.

Во овој случај, тоа нешто што сè уште не го знаеме можеме приииилично добро да го предвидиме. Ред Бул многу ефикасно ме држеше будна додека учев за испити, сè додека срцето не почна да ми прескокнува додека мирно седев во градскиот превоз и незаинтересирано гледав низ прозорецот. Фала многу, подобро ќе преспијам испит. За оние во задните редови: додека развојот на (де)генеративната ВИ стигне до точка кога, на пример, беспрекорно ќе преведува содржини на сите светски јазици, луѓето ширум планетава (дополнително) ќе оглупават толку многу што за разговори ќе им биде доволна и сметалка.

Зошто? Зашто луѓето уште сега од алатките на вештачката интелигенција бараат наместо нив:

- да состават роденденска честитка за некого на кого, претпоставувам, навистина му посакуваат нешто искрено и самите знаат што би било тоа?
- да си го „оптимизираат“ CV-то за да убедат некого дека работеле сè и сешто, само што не знаат самите да објаснат што
- да состават мотивациско писмо (океј, за ова ги разбирам)
- да опишат производ што сакаат на некого да му го продадат, а веројатно е толку добар што тие не можат тоа да го искажат со сопствени зборови
- да предложат објава за блог што го пишуваат или за социјалните мрежи што ги водат (огин и пламен ако уште некој ги плаќа за тие работи), при што за времето што им треба за да напишат 17 промптови за да добијат солиден текст апсолутно, сигурно и ви се колнам — можат сами да напишат подобар

Поголема доверба во алатките на вештачката интелигенција отколку во знаењето на луѓето, нивната моќ да поврзуваат информации и креативноста, освен кај нив самите, изгледа имаат и работодавачите, кои во некоја пристојна паралелна вселена би им давале откази на оние што би протнувале туѓи решенија како свои, но во нашава измислиле работно место, внимавајте сега — промпт инженер. Тој термин во посреќни времиња беше резервиран за некој што во решавањето проблеми користи научни и математички закони, при што латинскиот збор од кој потекнува значи надарен, инвентивен, за денес во работата на инженерот мртви ладни да го вметнеме и составувањето што подобри прашалници за од алатките на вештачката интелигенција да извлече што почестит одговор. Областите на работа на промпт-инженерите се бројни, видовите задачи уште побројни, но сите ја имаат истата суштина: да го натерат ChatGPT и останатите да решат некаков проблем наместо нас; да го извлечат од нив она што инаку би го испорачал човек користејќи го своето функционално знаење, буквално најважната карактеристика на секој од нас, единствената работа што навистина нè разликува од животните. Со среќа.

Бесмислицата, пак, оди уште подалеку: дотаму што текстови — за чие пишување ангажирале некого чија работа е да ги пишува, кој тоа добро го прави, уште не го замениле во фирмата со ChatGPT и немаат намера — ги пуштаат низ ВИ за да видат: дали таа може да ги подобри!

Додека трепнете, луѓето ќе ги бришат веќе напишаните пораки до девојките на кои им се додворуваат и ќе го прашуваат ChatGPT да им состави подобар старт. Претерувам? (Оххх, да добивав по денар за секој пат кога сум го слушнала тоа, па потоа да ми го земе додека ми се извинува по неколку години, сега ќе бев на нула.) Што ни направија тастатурите, мобилните телефони и сушарите за алишта? Ги умртвија дланките, создадоа зависност од скролање по туѓи фолирања и ја скратија облеката. Небаре нашите моќни „асистенти“, осмислени да ги користиме „промислено и умерено“ (последните два епитети со кои би ги опишала луѓето), малку се свртеле против нас?

Значи — не. Со оглед на последиците од масовната употреба на софтверски апликации што ни се вовлекуваат во животите и во главите со љубезна понуда да ни помогнат, цената на какви било погодности е преголема.

Особено и посебно ако тоа оди на штета на користењето на сопствената мозочна маса за да се формулираат: креативни, емотивни, апстрактни или духовити реченици.

Бидејќи мојот мозок, дури и во најлошите моменти по неговиот мир, бара начин да се забавува, она што ми е најинтересно е што кон развојот на вештачката интелигенција итаме по колосекот на оглупувањето: освен што ги успиваме родените сиви клетки препуштајќи им ја нивната работа на некои таму Геминија и Грокови (ете, пак буквата Г!) — на луѓето кои сè уште повеќе сакаат да ги користат вијугите им велиме да внимаваат нивните текстови да не личат на тие што ги пишува машината (Не ставај емотикони, тоа го користи ВИ. / Имаш поднаслови — ХА, ВИ ти го пишувал! / Еееј, таа фраза ја користи ВИ, бриши ја!) и да ги покажат на друуга машина за таа да провери дали навистина тие го напишале тоа. Молам?

Секогаш кога ќе слушнам дека некој ја прашува ВИ-екипата за каква било помош, си замислувам како ги шутира и гази сопственото децениско искуство, знаењата, согледувањата, акумулираните импресии — сè она што човечкиот мозок отсекогаш го правело ексклузивно способен да најде начин да лета, да превенира смртоносни заболувања, да ја измисли струјата, да измисли ПАМПЕРС (или контрацептивната пилула, кога сме веќе тука) и БЕЈЛИС!

Понижувачки и потресно. И исклучително добар начин еден ден вештачката интелигенција навистина да почне да пишува подобро од нас.

Слики: Yeon Yeoin

Извор: https://pulse.rs/