1008 hPa
87 %
9 °C
Скопје - Саб, 06.12.2025 06:59

Секојпат кога одам некаде, откривам дека пред мене таму бил поет.
Поетите и филозофите пред мене го откриле несвесното; она што јас го открив е научната метода со која несвесното може да се проучува.
-Фројд, на својот 70ти роденден (1926)
Несвесното не значи загуба на меморијата, туку неможност да се присетиш на нешто што всушност го знаеш. – Лакан (1968)
Поделбата на психичката сфера на она што е свесно и она што е несвесно е основната претпоставка на психоанализата (Фројд, 1924). Фројд создава методологија и метајазик низ кои можеме да му се доближиме, да го артикулираме и проучуваме несвесното, но тоа е далеку од едноставна задача. Како што ни укажува уште на самиот почеток: „Никој не сака да го запознае сопственото несвесно, и најлесно е едноставно да се негира неговото постоење“ (1905)
Во оваа лекција ќе ја разгледаме првата топика на Фројд, според која психичкиот апарат е составен од три дела: свесното, претсвесното и несвесното. Оваа рана теорија, која во зародиш Фројд му ја опишува на својот прв колега-читател Вилхелм Флис (6ти декември, 1896 година), а потоа ја доразвива во „Толкување на соништата“ (1900), ја објаснува динамиката на психичките процеси и движењето на различните типови на претстави низ психичкиот апарат.
.jpg)
Дозволи си да лаеш и кога нема месечина.
Свесното, според Фројд, е оној дел од психичкиот апарат кој има директен пристап до нашите перцепции и сеќавања. Тоа е системот кој ни овозможува да бидеме свесни за сопствените мисли, чувства и сензации. Свесното е управувано од „принципот на реалноста“, кој се стреми да го усогласи психичкото функционирање со барањата на надворешниот свет. Фројд го споредува свесното со врвот на санта мраз што се гледа над површината – мал, но видлив дел од комплексна и непристапна структура.
Иако интуитивно ни се чини дека свесното е најважната инстанца во нашето секојдневно постоење, Фројд ќе рече: „Најсложените мисловни достигнувања можат да се остварат и без помош на свеста” (1903).
Претсвесното се однесува на претстави и сеќавања кои во моментот не се присутни во свеста, но можат лесно да станат достапни преку насочено внимание или присетување. Тоа е како складиште на мемориски траги и вербални претстави што свесното може да ги повика кога е потребно. Претсвесното функционира како посредник меѓу свесното и несвесното, овозможувајќи контролирано пропуштање на одредени содржини. Фројд го опишува како предворје во кое претставите чекаат да бидат внесени во свеста.
Несвесното, пак, е местото каде што се наоѓаат нагоните, потиснатите доживувања и „објектните претстави“ (Фројдовите несвесни претстави на објектот се прабабата на лаканијанските означители; кога претставите се поврзани во асоцијативни ланци, тие стануваат означители). Несвесното е управувано од „принципот на задоволството“ и функционира според примарните процеси, како кондензација и преместување. Во несвесното не постојат временска димензија, негација или противречност. Низ зборовите на Фројд: „Нашето несвесно, тогаш, не верува во сопствената смрт; се однесува како да е бесмртно. Тоа не знае ништо негативно; во него се совпаѓаат противречностите. Ова можеби е тајната на херојството„ (Во „Мисли за времето на војна и смртта“ /1915/).
.jpg)
Прашањето е, се сеќаваш каде си ги закопала своите чувства?
Несвесното содржи нагони кои отсекогаш биле несвесни (филогенетско наследство) и потиснати трауматски искуства и конфликти, кои се премногу болни за субјектот. Со други зборови, како што Фројд пишува во неговото дело „Несвесното“ (1915), постојат два типа на несвесно: „Нашиот поим за несвесното, следствено, го добиваме од теоријата на потиснување… Сепак гледаме дека имаме два вида несвесно — оној кој е латентен, но способен да стане свесен, и оној кој е потиснат и не може да стане свесен на обичен начин.“
Фројд истакнува дека токму несвесното е „вистинското психичко“, бидејќи од него потекнуваат многу наши мисли и однесувања:
„Несвесното е поголемиот круг кој во себе го опфаќа помалиот круг на свесното; сè што е свесно има своја претходна фаза во несвесното, додека несвесното може да остане само на таа фаза и сепак да има полна вредност како психичка активност. Попрецизно кажано, несвесното е вистинскиот психички процес; неговата внатрешна природа ни е исто толку непозната колку и реалноста на надворешниот свет, и ни е исто толку несовршено пренесена преку податоците на свеста, како што е надворешниот свет преку нашите сетилни органи.“ („Несвесното“, 1915)
Првата топика ја објаснува постојаната динамика меѓу овие системи. Несвесните „претстави на стварта“ се обидуваат да навлезат во свеста поврзувајќи се со „вербалните претстави“ од претсвесното, но често се блокирани од цензурата на претсвесното и свесното. Сепак, тие наоѓаат скришни патишта — како соништата, лапсусите или симптомите — преку кои успеваат да влезат во свесното - но само, и само ако има некој да ги препознае, чуе и разбере (како психоаналитичарот и самата анализантка).
.jpg)
Не ти се чини дека смеењето е одбранбен механизам?
Првата топика има големо клиничко значење. Таа ни овозможува разбирање на формирањето на невротските симптоми како компромис меѓу желбите во несвесното и одбранбените механизми на егото. Соништата, лапсусите и грешните дејства се таканаречени формации на несвесното преку кои анализантот и аналитичарот имаат одреден пристап до потиснатите претстави и психички конфликти. Всушност, ние никогаш не можеме непосредно да го спознаеме несвесното, тоа се појавува — во нашите соништа, во ненамерните лапсуси, во шегите што ги кажуваме, во привлечноста кон одредени луѓе и нешта, во грешките кои ги повторуваме, во анксиозноста, во психосоматските симптоми…
Низ призмата на оваа топика можеме да ја разбереме главната цел на Фројдова психоанализа во својата рана фаза: постепено намалување на силата на потиснувањето и постепено интегрирање на несвесните содржини.
Фројд ја илустрира својата теорија со многу клинички примери. Во случајот со „Човекот-стаорец“ покажува како опсесивните мисли на пациентот (страхувањето дека стаорци ќе му наштетат на татко му и саканата жена) претставуваат компромис меѓу несвесни садистички нагони и силни морални одбрани. Во случајот на Дора, сонот за пожарот го толкува како прикриен израз на потисната сексуална желба кон господинот К.
Првата Фројдова топика поставува основа за ново сфаќање на психичкиот апарат и начинот на кој тој функционира. Иако подоцна Фројд ќе ја развие втората топика (Ид, Его и Суперего), првата и понатаму останува клучен модел за разбирање на односот меѓу свесното и несвесното. Лакан, во своето „враќање кон Фројд“, повторно ја нагласува важноста на несвесното како место на субјективноста и желбата.
Метафорите за несвесното се менуваат низ историјата на психоанализата. Ако Фројд беше „археолог„ кој го сфаќаше несвесното како место (топос) од каде што ги откопуваше од длабочината и последователно дешифрираше несвесните содржини, Лакан ќе стане „читач“ на несвесното структурирано како јазик, кое се појавува на површината од нашето тело и постоење.
.jpg)
Гледаш, таман кога почнав да се осеќам добро во својата кожа, ова се случува.
Слики: Дејв Коверли