Дали може да се исклучи интернетот?

20.11.2025 00:59
Дали може да се исклучи интернетот?

Замислете го утрото по пад на интернетот. Колку и да сте убедени дека тоа би ве израдувало, веројатно би ве затекнало неподготвени. Можеби ќе морате да купувате намирници со чекови, ако ги имате уште. Да се јавите на работа преку фиксниот телефон, ако не сте го откажале. Можеби ќе морате да одите некаде со автомобил, ако сѐ уште умеете да се снајдете без навигација.

Дефектот во дата-центарот во американската држава Вирџинија кон крајот на октомври некако нè потсети дека ако нешто е малку веројатно, тоа не значи дека е невозможно. Интернетот стана незаменлив столб на современиот живот, но меѓу неговите составни делови има застарени програми и 'рѓосана физичка инфраструктура, па се поставува реалното прашање што сѐ би можело да предизвика колапс.

Одговорот е едноставен: несреќна комбинација на околности или неколку целни напади или и двете. Екстремно непогодно време би можело да уништи неколку клучни дата-центри. Една единствена линија код што ја напишала вештачка интелигенција, во длабочините на некој од гигантските провајдери – како што се Амазон, Гугл и Мајкрософт – би можела неочекувано да се активира и да предизвика каскаден колапс на софтверот. Некоја вооружена група или нечија разузнавачка служба би можела да реши да пресече подводни кабли.

Тоа би било лошо. Но вистински апокалиптичен настан, кој и денес загрижува малобројни експерти за интернет, е нешто поинаков: неочекувана грешка предизвикува лавина во изработени, децении стари протоколи што лежат во основата на целиот интернет. Замислете ја мрежната инфраструктура која ја насочува конекцијата, или адресарите кои овозможуваат една машина да ја лоцира другата. Тоа би била катастрофа, и во најмала рака, ќе ви биде потребна чековна книшка за да преживеете.

Апокалипсата би можела да се случи кога летно торнадо ќе помине низ Каунсил Блафс во Ајова и ќе уништи кластер од дата-центри на Гугл. Тоа географско подрачје, наречено „us-central1“, претставува дел од глобалната инфраструктура на Гугл од критично значење за неговата Клауд платформа, како и за Youtube и Gmail – тука се случи прекин во 2019, кога овие сервиси паднаа низ целa Америка и Европа.

Нечија вечера ќе загори зашто кулинарското видео на Јутјуб застанало. Работниците ширум светот ќе се обидуваат залудно да ги отворат своите е-пораки, а потоа ќе се помират со судбината и ќе преминат на разговори лице в лице. Високите американски официјални лица можеби ќе забележат дека некои владини служби работат побавно, па ќе продолжат да се допишуваат преку Сигнал.

Сето тоа е непријатно, но не е ни близу до крајот на интернетот. „Технички, ако имаме два поврзани уреди и меѓу нив рутер, интернетот функционира“, вели експертот за сајбер-безбедност и активист за дигитални права, Михаел „ришек“ Вознијак, кој работи во DNS-от, систем кој беше погоден од октомврискиот прекин.

Од друга страна, „факт е дека на интернет се појавуваат преголеми концентрации“, вели Стивен Мурдок, професор по компјутерски науки на Универзитетскиот колеџ во Лондон. „Тоа е така во економијата. Поедноставно е и поевтино да се смести сѐ на исто место.“

Но што ако тогаш топлотен бран на истокот на Америка го прегори US East-1 – составен дел од комплексот во Вирџинија каде, меѓу другото, се наоѓа и така наречениот „Datacenter Alley“, клучно јазолно место на Амазоновите онлајн услуги (Amazon Web Services, AWS) кој беше во фокусот на октомврискиот прекин. Во меѓувреме, се случи сајбер напад на некој голем европски кластер, на пример во Франкфурт или Лондон. Мрежите почнуваат да го пренасочуваат сообраќајот кон секундарни јазли, помалку користени дата-центри, кои, како помошни патишта за време на сообраќајни гужви во Лос Анџелес, брзо и самите стануваат заглавени.

Или, да ја оставиме филмската катастрофа и да преминеме на ризиците од автоматизацијата: зголемениот сообраќај би можел да ја активира грешката во интерната инфраструктура на AWS што ја направила вештачката интелигенција неколку месеци порано, а која не била забележана бидејќи минатото лето стотици вработени во AWS беа отпуштени во рамки на пошироките планови на компанијата за автоматизација. Преголемо оптоварување од непознати барања, AWS започнува да се распаѓа.

Паѓа Signal. Паѓаат Slack, Netflix и банката Lloyd’s. Румба-всмукувачите се исклучуваат. Паметните душеци полудуваат, а паметните клучеви откажуваат послушност.

Кога Амазон и Гугл би паднале од мрежата, интернетот повеќе не би изгледал како што го познаваме. AWS, Мајкрософт и Гугл заедно сочинуваат повеќе од 60 проценти од светскиот пазар на услуги во облак. Практично е невозможно да се процени колку сервиси зависат од нив.

„Но интернетот на своето најрудијментарно ниво сепак би функционирал“, вели Даг Мадори, експерт за интернет инфраструктура кој ги проучува пореметувањата. „Само што не би можеле да работите сѐ што сте навикнале да работите на интернет, бидејќи сето тоа го опслужуваат овие мета-центри.“

Можеби мислите дека најголемата закана се нападите врз подводните кабли. Таа можност ги вознемирува вашингтонските тинк-тенкови, но инаку нема многу смисла. Подводните кабли редовно се кинат, вели Мадори. Обединетите нации проценуваат дека годишно на нив се случуваат околу 150 до 200 дефекти. „За навистина да влијаете на комуникацијата, ќе мора да се пресечат голем број кабли. Во индустријата за подводни кабли би ви рекле дека тоа го прават постојано.“

Да речеме дека некоја анонимна хакерска група покрене напад на провајдер на DNS услуги, телефонскиот именик на интернетот. Verisign, на пример, ги опслужува сите онлајн сајтови кои завршуваат на „.com“ или „.net“. Ултранет ги опслужува оние со „.biz“ и „.us“.

Мадори вели дека е исклучително малку веројатно дека некој од нив некогаш би можел да се исклучи. „Ако нешто се случеше со Verisign, би исчезнал .com доменот. Финансискиот поттик е премногу голем за да дозволат тоа некогаш да се случи.“

Но, за навистина да се уништи поширокиот екосистем, би била потребна грешка од огромни размери, која влијае врз инфраструктурата која е пофундаментална од Амазон и Гугл. Тоа би бил настан без преседан – најблиската аналогија е нападот од 2016 година врз Dyn, помал провајдер на DNS услуги, кој ги сруши „Гардијан“, „X“ и други.

Со падот на .com домените, во мрак би останале банки, болници, финансиски услуги и поголемиот дел од комуникациските платформи. Дел од владината интернет инфраструктура би продолжила да биде онлајн, на пример американскиот систем за безбедна размена на пораки SIPRNet.

Но, барем за стручната заедница, интернетот би продолжил да постои. На крајот на краиштата, постојат блогови со сопствен хостинг, децентрализирани социјални платформи како Mastodon и малку користени национални домени како „.io“ за Британската територија во Индијскиот Океан или „.is“ за Исланд.

Мурдок и Мадори можат да замислат сценарија кои би го уништиле она што останало. Мурдок размислува за грешка во BIND, софтверскиот јазик кој го поддржува DNS. Мадори потсетува на сведочењето на група хакери од Масачусетс кои во 1998 година го информираа Конгресот на САД за ранливост која би можела „да го сруши интернетот за половина час“.

Таа ранливост се однесувала на систем едно ниво повисок од DNS: протоколот кој ја управува размената на рути помеѓу големи мрежи (Border Gateway Protocol) и кој го насочува целиот сообраќај на интернетот. Тоа е исклучително малку веројатно, вели Мадори. Таков настан би предизвикал општа тревога, но тој протокол е „супер отпорен, инаку одамна ќе се срушеше“.

Ако некогаш се случи интернетот целосно да се исклучи, не знаеме дали би можел повторно да се вклучи, вели Мурдок. „Откако функционира, никој не го исклучил интернетот. Нема сигурен рецепт за повторно вклучување.“

Во Велика Британија постои план за непредвидени ситуации, или барем постоеше. Ако интернетот се исклучи, луѓето кои знаат како функционира треба да се сретнат во еден паб надвор од Лондон за да се договорат што да се прави, вели Мурдок. „Не знам дали тоа сѐ уште важи. Тоа беше пред многу години и никогаш не дознав кој е тој паб.“

Карикатури: Marco De Angelis

Извор: https://www.theguardian.com/

Слични содржини

Свет / Технологија / Теорија
Свет / Психологија / Технологија
Свет / Технологија

ОкоБоли главаВицФото