Отворање на „YES ФЕСТИВАЛ есен/зима“ - промоција на роман на Драгана Лукан Николоски

20.11.2025 01:09
Отворање на „YES ФЕСТИВАЛ есен/зима“ - промоција на роман на Драгана Лукан Николоски

Задоволство ни е да ве поканиме на отворањето на „YES ФЕСТИВАЛ – издание есен/зима“, односно на промоцијата на првиот роман на драмската писателка Драгана Лукан Николоски, утре, на 20 ноември, четврток, од 20 часот во „Бистро Комедија“.

„YES ФЕСТИВАЛ – издание есен/зима“ се одржува од 20 до 26 ноември, на повеќе локации низ Скопје.

Првиот настан е отворањето на фестивалот на 20 ноември во 20 часот, кога во бистрото „Комедија“ ќе го промовираме романот „11 проверени начини како да ја заебеш љубовта“ од Драгана Лукан Николоски, издаден во соработка со здружението „Ад Либитум“. Ќе имаме една некласична промоција, ќе слушаме снимени извадоци од книгата, прочитани од актерите Никола Ристановски, Тина Трпкоска и Жаклина Петровска, а музичкиот избор по овој „официјален“ дел ќе биде на Илина Ангеловска.

Вечерната програма продолжува на 22 ноември, в сабота, во 19 часот во кафе-бар „Долап“, каде ќе се одржи промоција на графичкиот роман за млади „Да се биде јас“ на наградуваната шведска авторка, илустраторка, уметница и феминистка Ана Хоглунд. Разговорот со авторката ќе го води Лени Фрчкоска, фокусирајќи се на темите, мотивите и симболите во книгата „Да се биде јас“.

- Општеството има големи очекувања од девојчињата. Притисокот е неиздржлив. Зошто е толку тешко да се биде јас? Што точно значи да се биде девојка, да се биде жена?

Нежна и полна со љубопитство, оваа илустрирана книга за млади во која тринаесетгодишната Роса го преиспитува своето место во светот, на паметен начин ги обработува темите за промените во тинејџерството, промените во емоциите, промените на телото, а одговара и на прашањата за сексуалноста и за наметнатите очекувања од околината.

Последниот вечерен настан ќе се случи на 26 ноември во 19 часот, со официјалното отворање на галеријата „Чудна шума“ (која се наоѓа веднаш до кафе-книжарницата „Чудна шума“). На настанот промотивно ќе бидат претставени и новите изданија на „Чудна шума“, графичките романи „Вечната мува“ од Георги Господинов и Никола Тороманов, „Адна“ од Самира Кентриќ, „Теа. Дневник“ од Криста Унцнер и „Тивка војна“ од младиот македонски автор Методија Стојановски.

Слични содржини

ОкоБоли главаВицФото