Македонците и желките

24.11.2025 15:35
Македонците и желките

 

Младиот новинар Ѕвездан Георгиевски од „Нова Македонија“ добил задача да направи кратко и атрактивно интервју со доајенот на македонската книжевност, пргавиот и незгодниот Петре Андреевски. „Стави перниче на стомак и не му се приближувај премногу со главата, за да не те нокаутира со неговата“ ‒ Ѕвездан добил инструкции од главниот уредник Ерол Ризаов. („Стави панцир и шлем!“, довикнал и уредникот Бранко Тричковски.)

‒ Ќе почнам со едно вообичаено новинарско прашање, другар Петре, доста широко, ама ги опфаќа вашите преокупации и јанзи: До кога вака?!

‒ Млад колега, јас би го преформулирал прашањето ‒ одговорил Петре Андреевски: ‒ До кога ова, до кога ова овде, до кога овде вака: ти да не можеш да ме прашаш, јас да не можам да ти кажам?!

Георгиевски се збунил, ама миговно смислил како да продолжи: ‒ Во општествено-политичка смисла мислев, до кога вака, другар Петре. Можеме ли да им простиме на сите тие заблудени што овци што волци?! Што леви што десни што едикојси ебиветри?

‒ Денеска секој секому проштава, колега! Само јас не можам да им простам на зборовите што не го кажале и она што не е за кажување...



‒ Па ајде кажете, еве, за „Нова Македонија“...

‒ Џабе. Се искваси, му угасна жарот и ние мигум: младо и старо од сите села ‒ кој знае како ‒ се најдовме сами среде мракот. И светулките јасни ‒ чкрапни угасни ‒ веќе немаат огнило и оган за нас оти застуде и сè ветер во магла стана.

‒ Аха. Зборите ко Нострадамус, другар Петре, ко Радован Павловски да не речам... Можете ли да бидете малку појасни, еве, бар за крај...

‒ Можам ‒ рекол Петре Андреевски: 'Рѓата, 'рѓа за да биде, погладна е и од секој гладен, но кога изеде сè што виде и кога немаше како и каде, почна и од својата 'рѓа да јаде.

‒ Добро, ова и не е толку лошо за крај, можда може и наслов да се извади, ’Рѓата што се јаде сама себе. Фала, другар Петре, сеа морам да брзам да не ме нокаутираат, во редакција, мислам, хахаха.


Тунел на твоето внатрешно јас

 

***

Другпат во „Јоле“ се сретнале Ѕвездан Георгиевски и Петре Андреевски. После неколку чашки се опуштиле и Ѕвездан му признал на Петре:

‒ Знаете дека во редакција ме советуваа да ставам шлем на глава, пред интервјуто со вас?

Петре одговорил:

‒ Си биле две желки, едната со оклоп, другата без оклоп. Желката со оклоп ја прашала желката без оклоп: „Каде ти е оклопот?” Безоклопната ѝ одговорила: „Избегав од дома”.

‒ Избеганите од дома не носат оклоп? Домот е своевиден оклоп? ‒ прашал Ѕвездан.

‒ Се сретнале желка и светулка ‒ рекол Петре. ‒ „Зошто светиш?“, прашала желката. „Се преправам дека знам што правам“, рекла светулката. „Разбирам“, рекла желката, „и самата носам оклоп.“

Знам и јас еден пацифистички виц со оклоп ‒ рекол Ѕвездан. ‒ Зошто војникот мора да носи шлем? За нешто да не му падне на памет.

‒ Македонците, Ѕвездан, освен по празните тикви под шлемовите, некогаш ми наликуваат на оние желчиња што панично итаат кон морето, штотуку родени... Таму можеби ќе им се зацврснат оклопчињата, во морето-дом...



Чујте, сега треба да стигнеме до морето. Што ќе биде после ќе размислуваме после.

 

‒ Светлината од хоризонтот над морето им служи како ориентир. Затоа вештачките светла на плажите можат да ги збунат желчињата и да ги насочат погрешно... ‒ дополнил Ѕвездан.

‒ Пред да стигнат до водата, изложени се на глодари, птици, черупкари, прилепци и други предатори. Дури и во морето, младенчињата се премали за да бидат безбедни. А кога конечно ќе влезат во водата најчесто силно пливаат неколку часа, трагајќи по океанските струи кои ќе ги однесат на побезбедни места богати со храна.

‒ Знаете, Петре, дека морските желки ја изгубиле способноста за вовлекување на главата во оклопот?

‒ О, да. И раните желки, од пред двесте милиони години, кои ја преживеале катастрофата на диносаурусите, не можеле да ја вовлекуваат главата. Ама, па, затоа, имале заби, за разлика од денешните желки.

‒ Водните желки можат да останат под вода и неколку денови, а и неколку месеци за време на зимската хибернација ‒ рекол Ѕвездан. ‒ Тие се способни да земат кислород од водата преку линиите на устата, гркланот, преку клоаката и преку кожата.

‒ Ти викам, желките се Македонци. И знаеш уште зошто се Македонци? Нивниот оклоп, егзоскелетот, е споен со ребрата и пршлените. Кај некои животни егзоскелетот отпаѓа и животното доживува метаморфоза, но кај желките ребрата се дел од оклопот и не помогаат при дишењето, не се флексибилни. Затоа желките дишат на мускули, што би се рекло.



Слики: Дејв Коверли