1025 hPa
93 %
-1 °C
Скопје - Чет, 15.01.2026 21:59

Мултимедијалната изложба „Гличес“ на уметницата Соња Ставрова и историчарката на уметност Тијана Ана Спасовскаќе биде отворена на 24 ноември 2025 година во 20 часот во КСП Центар Јадро. Делата ќе бидат изложени се до 29.11.2025.
Поставката, претставува длабоко емотивен и храбар визуелен запис инспириран од личните искуства на уметницата поврзани со предизвиците на репродуктивното здравје. „Гличес“ нуди редок увид во телото во состојба на трансформација, претставено не како идеализирана форма, туку како жив организам што се распаѓа, се бори и повторно се составува. Преку фотографии што се движат помеѓу уметничката интуиција и документарната непосредност, како и преку предмети што ја носат материјалната трага на болката, неизвесноста и надежта, изложбата создава своеобразна телесна архива. Фотографиите ги бележат миговите пред операцијата, постоперативниот немир и тивките часови на заздравување, во кои се препознаваат кревкоста и решителноста, стравот и постојаната желба за опстанок. Во просторот се интегрирани предмети од секојдневниот живот на уметницата кои функционираат како неми сведоци на процесите низ кои минувала – мали материјални јадра на болка и истрајност.
.jpg)
Изложбата го отвора прашањето за репродуктивното здравје како комплексен простор каде се вкрстуваат медицинските состојби, идентитетот, општествените притисоци и интернализираните очекувања. Во време кога дигиталната култура ги идеализира телата, Ставрова избира радикална искреност и го прикажува она што најчесто останува скриено, со што го отвора разговорот за стигмата, психолошките последици и потребата од поддршка. „Гличес“ не функционира само како автопортрет, туку и како огледало во кое различни гледачи можат да ги препознаат сопствените стравови, сопствените процеси на исцелување и ранливост. Во суштината на поставката лежи повикот за емпатија, солидарност и признавање дека патот кон закрепнување ретко е линеарен – исполнет е со пукнатини, прекини и гличови кои ја носат најважната лекција за себе. Изложбата е поддржана од Министерството за култура и туризам, Град Скопје и КСП Центар Јадро.
.jpg)