Фотографии 2025 - Фотогрупа „Чкрап!“

26.11.2025 00:25
Фотографии 2025 - Фотогрупа „Чкрап!“

 

„Аматерите се оние кои фотографираат од љубов, а тоа е најчистата форма на фотографија“, Елиот Ервит

 

 

Фотогрупата „Чкрап!“ е вистинско олицетворение на оваа изјава на големиот американски фотограф Елиот Ервит (Elliott Erwitt – 1928-2023), бидејќи таа љубов кон фотографијата ја докажуваме повеќе од две децении, а годинашнава изложба всушност е само продолжение на една традиција која ние ја негуваме сиве овие години. Тоа е приказна за упорноста, за љубовта кон уметноста и за заедништвото.

И токму заради ова слободно може да се каже дека „Чкрап!“ е повеќе од една обична група фотографи, тоа е заедница на пријатели и пријателки кои ја делат истата љубов кон фотографијата, кои не се само од Тетово, туку ги има и од други градови од Македонија, па дури и од САД, Чешка, Германија, Австралија и други земји, група во која има возрасни и искусни членови, но и такви кои сега ги прават првите значајни чекори во фотографијата. А тоа што обединува една ваква хетерогена група фотографи е ентузијазмот и вербата дека фотографијата е вредна да се создава и споделува, без оглед на условите бидејќи само така таа може да ја добие вистинската вредност.

Годинава, „Чкрап!“ повторно, сега по 22-ри пат, ја носи фотографијата пред верната тетовска публика. На изложбата „ФОТОГРАФИИ 2025“ учествуваат 17 членови – Драги Неделчевски, Зоран Андонов, Давор Спасоски, Самир Љума, Александра Новеска, Мирче Новаковски, Мери Каталиниќ, Петар Аговски, Марјан Стојковски, Андриана Николоска, Димитар Настовски, Евангелија Иваноска, Филип Веселиноски, Мирјана Спасоска, Екатерина Кузманоска, Никола Живковски и Емрах Арифов, а изложените 35 фотографии се само мал дел од тоа најдоброто што сме го фотографирале во периодот од минатата до оваа изложба. Некои од изложените фотографии на изложбата освоија и високи признанија на домашни и меѓународни фотографски изложби.

Секоја изложба на фотографии на „Чкрап!“, а не е исклучок и оваа, е плод на волонтерска работа, ентузијазам и љубов кон уметноста, реализирана исклучиво со сопствени средства, без никаква институционална или финансиска поддршка од градот или државата.

Но, ова нас, членовите на Фотогрупата „Чкрап!“, воопшто не нè обесхрабрува бидејќи остануваме доследни на нашата мисија: создавање и споделување на уметноста, независно и со чиста љубов кон фотографијата.

Зоран Андонов
ноември, 2025

Фотогрупа „Чкрап!“ – Тетово (кратка историја)

При крајот на седумдесеттите години од дваесеттиот век јас веќе неколку години се занимавав со фотографија. Заради подобри услови и дружење, во 1980 година со група фотографи од Тетово (Илија Милановски и Зоран Андонов), во Домот на културата „Иљо Антески - Смок“ од Тетово, бев основач на Фотокино Студиото во Домот. „Студиото“ прво во градот почна да ја негува фотографијата на еден сериозен, активен, креативен и современ начин. Имавме комплетна лабораторија за црно-бела фотографија.

За време на конфликтот во Македонија и Тетово во 2001 година, Фотокино Студиото и ние, неговите членови со целата наша опрема и архива, бевме исфрлени од просториите на Домот на културата. Во меѓувреме во светот на фотографијата се случија крупни, револуционерни промени. Дигиталната фотографија се повеќе ја истиснуваше аналогната, сензорите ги заменија филмовите. Младите се заинтересираа за фотографијата. Сe повеќе живеевме во светот на „сликите“.

Јас и Зоран Андонов како членови од некогашното Фотокино Студио, заедно со Самир Љума кон крајот на 2003 година го основавме Фотокино клубот „ТЕТОВО“ кој во 2010 година го сменивме и името и од тогаш делуваме како неформална Фотогрупа „Чкрап!“ од Тетово.

За неколку години „Чкрап!“ стана важен дел од фотографското живеење во Тетово и Македонија.

Се одржуваа средби, разговори и семинари за фотографијата. Повеќе членови на „Чкрап!“, меѓу кои повеќето млади фотографи, постигнаа големи успеси на изложбите на фотографија во Македонија и во странство, освојувајќи награди со своите фотографии. Благодарение на
излагачката активност неколкумина се здобија и со звања во ФСМ.

Покрај Драги Неделчевски, Зоран Андонов, Самир Љума, имињата на Давор Спасоски, Ѓорѓи Ристоски, Дарко Наумовски, Мирче Новаковски, Александар Стојановски-Цули, Зоран Бојаџиески, Андреа Ѓорѓески, Борче Сиљјаноски, Гоце Димитриевски, Мери Каталиниќ, Сашко Илов - Дете, Петар Аговски, Ханис Багашов, Ана Андонова,  Сандра Новеска и многу други фотографи се почесто се спомнуваа на македонската фотографска сцена.

Секоја година, на есен (октомври - декември), се одржува годишната изложба на фотографии на членовите на клубот. Таа стана веќе традиционална и секогаш го привлекува вниманието на медиумите и тетовската јавност. Годинава организираме 22-ра изложба на фотографии.

Во „Чкрап!“ има многу членови од другите градови од Македонија како и членови од странство. Фотографите во „Чкрап!“ доаѓаа и заминуваа, а една група од дваесттина фотографи цело време од неговото постоење до денес се активни во „Чкрап!“. Многумина, делумно и заради „Чкрап!“, денес и професионално се занимаваат со фотографија.

И оваа, 2025 година кога славиме 170 години фотографија во Македонија, продолжуваме да фотографираме, изложуваме фотографии, кога имаме можност за средба се состануваме и разговараме за фотографијата како феномен, за креативноста, за предизвиците што ги носи денешнината, новите технологии и начини на дистрибуција и како тоа се рефлектира на фотографијата. Ретко разговараме за техничката страна на фотографијата, за нова фото опрема, мегапиксели и скапи објективи. Едноставно, живееме со и за фотографијата, се изградуваме како фотографи, ги следиме современите трендови, ги подигаме стандардите на визуелната култура. А, сето тоа го правиме скромно и тивко, секој според своја желба и сензибилитет, слободно без никакви формални стеги. Со „чкрапањето“ и нашите фотоапарати оставаме трајни траги во фотографското живеење на нашиот град како и во македонската фотографија.


Драги Неделчевски * 2025
Фотогрупа „Чкрап!“ Тетово

 

Емрах Арифов - Пресечени патишта 2024

 

Александра Новеска - Мислата и погледот во недоглед

 

Андриана Николоска - Тајфа Мајовци - Галичник 2014

 

Биариц, Франција Chkrap! 2025 - Ханис Багашов

 

Давор Спасоски – Chiaroscuro

 

Димитар Настовски - Златна есен - Вртешка - Плачковица 2025

 

Драги Неделчевски - Милан Миланов - Коса и Шарлоте С. Јохансен, Тетово 2025

 

Евангелија Иваноска - Игра и мудрост

 

Екатерина Кузманоска - Хармонија, 2023 Скопје, Македонија

 

Зоран Андонов - Old Man

 

Марјан Стојковски - 14RFPs Мелбурн, Австралија, 2025

 

Мери Каталиниќ - Hommage to Helmut, Грција, 2025

 

Мирјана Спасоска - Носталгија -Скопје-Тетово, 2025

 

Мирче Новаковски - Unalterable

 

Никола Живковски - dd - Штип, 2025

 

Петар Аговски - Девојката во боите

 

Самир Љума - A Portrait of a Photographer, Тетово, 2025

 

Филип-Веселиноски - Брза-географија

Слични содржини

Општество / Фотографија / Уметност / Настан

ОкоБоли главаВицФото