1008 hPa
87 %
9 °C
Скопје - Саб, 06.12.2025 06:59

1. Како почна сè? Најпрво забележав чудно трпнење во рацете. Ќе потскокнеа и ќе се помрднеа како некој механизам однатре да ги поместуваше од положбата, тогаш кога мирував. Тоа понекогаш се случуваше пред да заспијам, па помислував дека се работи за обична физиолошка реакција кога мускулите се опуштаат и телото нагло се штрекнува на почеток од сонот. Кога ваквите непријатности зачестија и дење и кога станаа поизразени, почнав да се загрижувам. Кога работев нешто со рацете сè се одвиваше нормално и вообичаено, но штом ќе престанев, рацете самите почнуваа да се движат. На почетокот тоа беа мали и некоординирани движења, но подоцна моите раце почнаа да живеат сопствен живот. Се сомневав дека се работи за некое сериозно невролошко нарушување, но набрзо сфатив што се случува. Гледав како моите раце самите се исправаа и кружеа околу моето тело во правец на стрелките на часовникот – левата рака секогаш го покажуваше часот, а десната минутите.
2. Кога не ги користев рацете, левата рака застануваше на замислената бројка околу моето тело, како од грбот угоре да постоеше круг со броеви од еден до дванаесет. И се протегнуваше до некое место од кругот за да покаже точно време. Кога беше дванаесет часот застануваше исправено над мојата глава; кога беше еден, малку подесно; два – ми го покриваше речиси половина лице; на три часот застануваше паралелно со мојата десна града; четири – подолу кон ребрата; пет – кај мојот десен јајник; шест – застануваше долу, меѓу моите нозе... и сè така повторно угоре од левата страна, се вртеше и вртеше додека другата рака ги покажуваше минутите, движејќи се побрзо и секогаш прецизно. Не знаев какви беа бројките околу мене, видливи само за моите стрелки, римски или арапски, и дали некои од нив беа исправени или легнати како на некои часовници, како мртви пчели со свенати ноџиња.
3. Треба ли да кажам колку се исцрпував од тоа постојано и напорно движење? Моите раце неуморно ја исцртуваа својата кружна траекторија, одново и одново, како внатре во моето тело да беше вграден некаков механизам што ги движеше двете стрелки. Толку отрпнував што понекогаш не ги чувствував како составен дел од телото.
.jpg)
4. И онака бев сама, но станував уште поосамена. Излегував сè поретко, и никому не кажав што ми се случува. Не ми беше жал кога му кажав на Ангел да не доаѓа веќе. Се гледавме ретко, можеби еднаш месечно, обично во петочните вечери кога доаѓаше кај мене секогаш облечен формално, како да оди на некаков важен состанок. Но тој барем отворено ми кажуваше дека му пречи мојата говорна мана, како што јас искрено му кажував дека не ми се допаѓа неговата бела, боцкава коса, која ме гребеше како трње кога ќе ја допрев. Родителите ми починаа од старост, еден по друг, во мај и во септември, а единствената пријателка замина во Словенија поради работа. Едно саботно утро посвоив две кутриња, Титан и Гаја, и секогаш ги шетав заедно, едното држејќи го за ланец во десната, другото во левата рака.
5. Требаше само да ја погледнам положбата на рацете кога ќе се разбудев и веќе знаев колку е часот. Парадоксално, морав да го местам алармот на телефонот за да ме разбуди за на работа. Се будев со болки во рамената од кружните движења за време на сонот, и почнав често да доцнам во канцеларија и да доаѓам уморна и поспана. Знаеш ли колку е часот?! – ме дочекуваше познатиот глас кога ќе ја отчукав картичката на катот. Знам, секогаш – ќе помислев во себе. Пред оваа состојба забелешките на мојот претпоставен ме вознемируваа, а сега веќе не ми беше важно. Порано постојано гледав во часовникот, наутро брзајќи да не задоцнам, на работа гледав на секои пет минути во стрелките на ѕидот чекајќи го времето за пауза, за следниот повик, време за таблета, за состанок, време да закажам нешто, време да откажам, да се јавам, да побрзам, доцнам ли, ќе стигнам ли?
6. На работа одев пешки, држејќи го шишето со вода и чантата во рацете, за да можам нормално да се движам по улица. Кога ќе седнев на своето биро, веднаш почнував да типкам по тастатурата, речиси без престан. До мене чував чаша со кафе за да фатам нешто штом ќе престанев со работа, за колегите да не ја забележат мојата состојба. Постојано ги движев, маткав некое пенкало низ прстите, непотребно по неколку пати ги прелистував хартиите на масата или стискав меко топче со изговор дека ми го намалува стресот и напнатоста. Кога и да бев опкружена со луѓе, правев сè за гравитациската сила на часовникот во мене да не ми ги присвои рацете во бескрајниот вртлог, кој полека ме уништуваше.
.jpg)
7. Чукањето доаѓаше од пределот на градите и се чувствуваше и од левата страна на грбот. Отсекогаш мислев дека се работи за оној мускулест орган, составен од вени, комори, јазли, залистоци, и е поврзан со автономниот нервен систем. Дали сепак тоа беше механизмот на часовникот во мене кој отсекогаш бил таму? Дали бев часовник во човечки облик или човек претворен во часовник? И како да се вратам во природната состојба, која и да е таа, за конечно да станам она што сум?
8. Болките стануваа неподносливи. Не само горниот дел од телото, ме болеа и нозете, ноктите, кожата. Не сакав да одам на лекар, оти се плашев дека ќе ме третираат како изрод и веројатно ќе завршев како медиумска атракција. Пребарував на интернет, читав за ретки феномени и најразлични болести и нарушувања, но не најдов ниту еден случај со состојба како мојата, или барем слична на неа.
9. Морав самата да направам нешто. Да видам што сè има во мене. Која сум, од што сум. Замислував како си го распорувам торзото со хируршки нож и како од мене стрчат пружини, запченици и разни механизми, кои сакав да ги распарчам, крвнички да ги удирам со некој цврст предмет сè додека не ги здробам на најситни парчиња. Понекогаш, додека спиев, а рацете болно се движеа околу вообичаената оска, имав кошмарни визии за тоа како од градите извлекувам нешто што не личеше ни на срце, ни на тркало за рамнотежа, туку на нешто густо и лепливо, налик на вулканска лава што чади и шири мирис на сулфур.
.jpg)
10. Еден неделен ден се случи тоа. Се разбудив без аларм и рацете ми беа раширени, едната на левата, другата на десната страна, што значеше дека часот е девет и петнаесет. Титан скокна на креветот и почна да ми ги лиже прстите. Кога сакав да го погалам, раката не сакаше да се помрдне. Се обидов и со другата, но и таа стоеше здрвена за постелата, како закована. Панично срипав од креветот и не можев да ги помрднам рацете ни сантиметар долу или горе. Гаја трчаше околу мене, цивкаше околу моите нозе и околу вреќата со храна. Збунето шетав низ станот провирајќи се странично низ вратите и видов дека часовникот во ходникот покажуваше 10.35.
Сум застанала. Сум се закочила. Сум се расипала.
11. Едвај успеав да им ставам храна на кутрињата, со едната рака, наведнувајќи се до земјата. Почнав да чувствувам слабост и лизнав неколку капки од мојата чаша со вода. Јадев наведната над чинијата, како куче, од макароните кои, за среќа, сум ги оставила на трпезариската маса претходната ноќ. Застанав во ходникот и беспомошно стоев така некое време, како да чекам некого во широка прегратка.
12. Не се ни сеќавам кога и како сум излегла надвор. Одев бесцелно по улиците, исправена и со раширени раце, како да носев невидлив крст на грбот, сраснат за моето тело. Минувачите ме загледуваа, подзастануваа и си шепкаа нешто со рака на устата или се тргаа настрана како да бегаат од смртоносна болест. Помислив на она што скоро го прочитав: колку повеќе ги шириш рацете, толку полесно ќе им биде да те распнат. Ваква не можев никому да му бидам од корист. Ни себеси. До вчера бев барем точна, прецизна, моето тело правеше нешто, колку и да му беше болно и непријатно. Се сетив дека и расипаниот часовник двапати дневно покажува точно време и почувствував мало олеснување. Ќе ја чекам вечерта, ќе чекам да дојде 21.15, помислив качувајќи ја угорницата. За повторно да се почувствувам жива.
.jpg)
Слики: Ѓорѓе Јовановиќ