1007 hPa
93 %
9 °C
Скопје - Саб, 06.12.2025 06:05

Има една појава кај нас, мошне интересна и екстремно воочлива: кога политиката ќе се спои со културните настани. Три децении гледаме исто – како здодевна ТВ реклама што ја знаеме наизуст. Истиот шаблон, истата режија, истата илузија дека „работи“.
Кога на власт е ВМРО, на пример, сите јубилеи, родендени на институции, премиери и „значајни“ настани со црвени теписи и ѕвездено небо – полни. Но повеќе од 60% од таа „публика“ е составена од првиот, вториот и третиот ешалон на власта, плус нивните поддржувачи. Секако, со гратис билети.
Вистинските љубители на уметноста ги има, но се малку – недоволно за да се создаде реална критика или автентична атмосфера.
И така, концертите, оперите и претставите завршуваат со громогласен аплауз, нови свечени аутфити и цела галерија бесплатни фотографии кои веднаш се лепат на социјалните мрежи. За „поддршка на уметноста“, нормално. Уметноста што ја сакаат – само кога е бесплатна.
.jpg)
Еден мој сосед, човек од старата школа и голем љубител на класика, еднаш ми рече:
„Рахмањинов чудно звучи меѓу толку многу ’вмровци’. Кога СДСМ беа на власт, звучеше како што треба – меѓу свои.“
А јас му вратив: „Па затоа звучел добро – оние од СДСМ не ни доаѓаат на концерт, хахаха.“
Звучи како шега, но суштината боли: тешко е да го слушаш Бетовен, Чајковски или Моцарт додека околу тебе трепери присилена политичка енергија. Тоа е навреда за духот, слухот и здравиот разум.
Чест на исклучоците што ја сакаат уметноста. Но кога уметноста се восприема агресивно, партиски, на сила – подобро е и да ја нема. Уметноста бара чист, искрен порив. Не партиска книшка.
Во спротивно, концертните и театарските куќи изгледаат како партиски конвенции – само без сендвичи и паркирани автобуси пред влез.
Една поранешна министерка за култура, на пример, се појави на концерт по години отсуство. Рече: „Бев поканета од моите.“
Превод: стигнале гратис билети. И што би барала порано – ако околу неа не се „нејзините“?
Но најбизарно е што тие политички гости се занесени, восхитени, небаре сами придонеле нешто за тоа што го гледаат. Си присвојуваат културни настани како свои чеда, а вложиле рамно нула труд.
Тоа е само уште една доза политичка манипулација што ја голта публика која е – за жал – недоволно упатена што навистина значи уметност и култура.
.jpg)
Цртежи: David Álvarez